Свет
Попчевска се чувствува како жртвено јагне за "случајот Бачило"
Судијката што пресуди отштета од 730.000 евра тврди оти постапувала совесно и стручно
Судијката што пресуди отштета од 730.000 евра тврди оти постапувала совесно и стручно
Попчевска: Судот во својата работа не пропушти ниту едно дејствие. Пропустите се кај другите органи кои имале право на дејствија, но не презеле ништо
БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ
"Се чувствувам како жртвено јагне, посочена без основа и како единствен виновник во овој случај", вели судијката Снежана Попчевска од Основниот суд Скопје 1, која во првостепена постапка го водеше случајот во кој овчарот Иснифарис Џемаили доби отштета од 730 илјади евра поради, наводно, гранатирање на неговото бачило. Попчевска излезе на прес-конференција и го соопшти сопственото видување на "случајот Бачило", откако Републичкиот судски совет одлучи да поведе постапка за нејзино несовесно и нестручно работење во случајот. Спротивно на мислењето на РСС, судијката тврди оти "првостепениот суд нема никаков пропуст во постапката".
"Подолго време се воздржувам да излезам во јавноста за случајот Бачило од причина што допуштив надлежните органи да заземат став за овој предмет. Во меѓувреме, од страна на медиумите бев посочена како единствен виновник за овој случај. Посочена сум како несовесен и нестручен судија со многу грешки и пропусти во своето работење, па дури и како дел од корупцијата во државата. Таквите квалификации му штетат на мојот углед, и на угледот на моето семејство. Однапред бев жигосана како судија кој погрешил во своето работење", изјави вчера Попчевска.
Таа го раскажа целиот случај од приемот на предметот се до жалбената постапка и утврдувањето на висината на отштетата, оценувајќи притоа оти "другите надлежни органи направиле пропусти во постапката, а не таа". "Судот во својата работа нема пропусти, не било пропуштено ниту едно дејствие. Пропустите се кај другите органи кои имале право на дејствија, но не презеле ништо", објаснува судијката. Попчевска наведува оти Апелациониот суд ја потврдил нејзината пресуда, Јавното обвинителство и покрај законската можност не поднело никаков вонреден правен лек за да ја оспори пресудата, а на крајот не била искористена ниту можноста да се поднесе барање за ревизија на пресудата.
"По оваа пресуда, незадоволната страна не го искористила правото на жалба, од што произлегува дека немало незадоволни страни. Судот не е тој што треба да се жали", вели Попчевска.
Во однос на забелешките за нејзината работа упатени од РСС, судијката објаснува оти предметот и е даден на работа во редовна постапка, и дека не и е вршен никаков притисок во текот на постапката. Судијката Попчевска тврди дека воопшто не се познавала со овчарот Иснифарис Џемаили, ниту го видела за време на судењето. Вели дека немало потреба ниту да го повика на сослушување, оти судот сослушал тројца овчари-сведоци на настанот, како и овластено лице од МВР кое ја направило службената белешка.
Попчевска потврдува оти во предметот немало доставено никаква фотодокументација и смета дека немало "никаква целисходност по речиси една година од настанот, судот да обезбедува фотодокументација".
"Во својата работа не сум сторила никаква повреда на законот, совесно сум постапувала во предметот и немам никаков пропуст во работата", заклучува судијката Снежана Попчевска.
Судијката Попчевска ги коментираше и тврдењата на надлежните во Министерството за одбрана оти нивните докази не биле земени предвид во текот на постапката. Таа тврди оти во текот на постапката МО доставило само еден допис, и дека тој е земен предвид од првостепениот суд при донесување на меѓупресудата како и во пресудата на Апелациониот суд од 2003 година.
"Во однос на жалбените наводи со кои се истакнува дека на критичниот ден хеликоптерите извршувале воздушен транспорт и замена на персоналот на позициите со невооружени транспортни хеликоптери, овој суд не ги прифати за основани со оглед дека тужениот не прилага дополнителни докази во поткрепа на ваквиот жалбен наод", се наведува во заклучокот на Апелација, кој го прочита Попчевска.
Како интересен момент од постапката, Попчевска посочи оти странките во расправата во еден момент побарале одложување на едно рочиште, заради мирно решавање на спорот, но обидот не успеал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels
Свет
Американците предупредија: Наскоро може да се случи голем напад врз Украина
Американската амбасада во Киев предупреди на можноста од значаен воздушен напад врз Украина во наредните денови, објави на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) Јулија Мендел, поранешна портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во предупредувањето што денеска го објави Американската амбасада во Киев се наведува дека заканата се однесува на целата територија на Украина, односно на сите окрузи во земјата. Според соопштението, американските власти добиле информации за можен силен воздушен удар што би можел да се случи во кој било момент во текот на следните неколку дена.
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) January 8, 2026
Американската амбасада повторно ги повика своите државјани да бидат подготвени веднаш да побараат засолниште во случај на прогласување воздушна тревога. Вакви предупредувања Вашингтон редовно објавува во моменти на зголемени безбедносни ризици, особено кога постојат разузнавачки податоци за можни напади од руската војска.
Предупредувањето доаѓа во период кога Украина со недели е изложена на интензивни ракетни и напади со дронови врз енергетската инфраструктура и градовите низ земјата, додека властите во Киев предупредуваат дека Русија би можела да продолжи со бранови масовни удари.

