Македонија
За шест месеци 735 нови вработувања кај буџетарите
Од февруари наваму биле објавени 110 јавни огласи за вработување и преку нив само во последните неколку месеци биле вработени 735 државни службеници за потребите на буџетските институции на централно и на локално ниво, велат официјалните податоци на Агенција за администрација.
Од февруари наваму биле објавени 110 јавни огласи за вработување и преку нив само во последните неколку месеци биле вработени 735 државни службеници за потребите на буџетските институции на централно и на локално ниво, велат официјалните податоци на Агенција за администрација. Доколку оваа бројка на вработувања се подели по месеци, излегува дека секој месец од последниве шест, се вработувале по нови 122 луѓе. Од овие вработувања, 237 им отпаѓаат на општините, а 498 на државните органи. Само во Владата за овие неколку месеци при Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор биле вработени 228 луѓе, Министерството за финансии вработило 62 лица, Министерството за правда во своите органи вработило 46 луѓе, во Министерството за образование дошле до работа 19 луѓе, девет се вработиле во Бирото за развој на образование, додека останатите вработувања отпаѓаат на органите во другите министерства и во општините, информираа од оваа Агенција за Макфакс.Ерупцијата од огласи за вработувања во буџетските институции продолжува и покрај предупредувањата од Брисел за намалување на бројот на административците. Домашните и странските експерти предупредуваат дека бројката од 120 илјадна јавна администрација е огромна и итно мора да се намали. Обвинувањата дека мора да се има партиска книшка за да се дојде до најпосакуваното работно место во Македонија – службеник, продолжуваат.Искусниот и долгогодишен поранешен пратеник Стојан Андов, за Макфакс вели дека законите и огласите во последниве децении служат за замачкување на очите на граѓаните, пред она што всушност се случува во државните институции.„Тоа што стои во законите е за да се мачкаат очите на граѓаните. Се е тоа гола вода, договорено е и се’ се прави под маса“, изјави тој.Андов вели дека постојат механизми да се заобиколат или да се влијае на оние конкурси за вработување кои излегуваат, бидејќи условите на договор им се познати на оние кои се договориле какви треба да бидат „карактеристиките“ на лицата кои се бараат за тоа работно место, што може да влијаат потоа на пониските вработени кои кажуваат што се бара точно. Павле Трајанов од Демократски сојуз за тврдењата дека работните места се делат по партиска припадност и послушност, вели дека неговата партија нема договори за добивање на работни места преку партија и е против вакви распределби. „Кога се работи за вработување во јавната администрација има цврсти критериуми и сите имаат еднакви шанси. Ние немаме договори за добивање на работни места преку партијата и ние сме против тоа како партија. Ние имаме договор за заедничка соработка и имаме места кои се именувани или бирани, да речеме заменик министер за надворешни работи, тоа се функционерски места кои по предлог на партијата ги добиваме. Функционерски места кои ги доделува Владата или парламентот“, рече тој. Според него, од нивната партија за последните пет години само 12 луѓе успеале сами да си се вработат во јавната администрација, без никаква интервенција. Лилјана Поповска од Демократска Обнова на Македонија (ДОМ), вели дека тие како зелена партија ја форсираат зелената програма и преку преговарањето за програмата со владеачката партија, во своите области предложуваат одредени места или раководни кадри. Тајни преговори за работни места немале. „Немаме некои тајни договори. И на претходните предвремени избори во 2008-ма, ние влеговме во коалиција заедно на изборите, откако ВМРО-ДПМНЕ прифати дека екологијата и туризмот ги прифаќа за свои владини приоритети. Се разбира во овие области ние предложивме наши кадри. Овој пат отидовме понапред и подетално. На пример, бараме ратификација во делот на социјалната правда, бараме ратификација на Конвенцијата на ОН за лицата со хендикеп, „Не за нуклеарната енергија“, за да не се превземаат активности на тој план“, рече таа. Според неа, заради екологијата која и е приоритет на партијата, ДОМ добиле заменичко министерско место во министерството за животна средина.„Или да речеме во Агенцијата за туризам и понатаму продолжува наш кадар – директор, тој беше и претходно и сега останува на тоа место. Решенијата кој да биде во тие области ги дава партијата, оние кои работеле и се покажале остануваат. Добивме место во Агенцијата за планирање на просторот, ќе имаме и некои нови работи каде ќе направиме некои промени во одредени институции но не би шпекулирала со работните места се уште, додека не ги прецизираме“, рече таа за Макфакс. Познавачите не очекуваат дека во брзо време ваквите практики на вработување на државните службеници ќе се променат. Според нив, оптоварувањето на буџетот ќе продолжи. „Јас не сум учествувал во такви распределби но од она што сум слушал, овие места се делат така што да речеме главната партија ВМРО-ДПМНЕ, се договара која категорија на кого ќе припадне, се разбира ВМРО прво ќе си ги распореди за себе местата на своите, а потоа останатиот дел од колачот им го дава на малите партии. Нема шанси ова да се смени во брзо време. Едноставно нема политичка волја или таква свест кај партиите за такво нешто“, рече Андов за Макфакс. /крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
„Но овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.
„Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Сали-Солстром: Европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата
Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше реафирмирано одличното партнерство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Северна Македонија, како и значењето на зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската унија.
Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со фокус на спроведување на реформите во фундаменталните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за пристапниот процес во ЕУ, за најновите активности во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб за напредок кон Заедничкиот регионален пазар и постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат и значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка 2021–2027, со фокус на демократија, човекови права, владеење на правото, родова еднаквост, одржлив еколошки и економски развој, како и изградба на мирни и инклузивни општества.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка од Шведска и изрази подготвеност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на земјата.

