Свет
Се уште постојат корени на тиранијата во Иран

Корените на тиранијата и диктатурата во Иран се уште постојат, изјави во вторник опозицискиот лидер Мир Хосеин Мустави, додавајќи дека ќе продолжи да се бори за правата на Иранците.
Мусави оцени дека денес во Иран може да се препознаат темелите и елементите кои произведуваат диктатура, додавајќи дека Исламската револуција не ги постигнала своите цели за отстарнување на тоталитаризмот во земјата.„Да ги замолчувате медиумите, да ги полните затворите и да убивате луѓе кои мирно бараат почитување на своите човекови права на улица, покажува дека корените на тиранијата и диктатурата од времето на шахот Реза Пахвали се уште постојат“ додаде Мусави, кој по поразот на претседателските избори стана водач на иранската опозиција.„Поголемиот дел од жителите биле уверени дека револуцијата ќе ги потисне сите структури кои водат до тоталитаризам и диктатура“ продолжи Мусави.„Бев меѓу таквите, но денес не го мислам тоа. Не верувам дека револуцијата ги достигна своите цели“ призна прв пат јавно Мусави, кој беше ирански премиер од 1981 до 1989 година.Водачот на опозицијата во Иран најави дека тој и неговото зелено движење нема да се откажат од правото на мирни протести и борбата за човекови права во земјата.Своите приврзаници ги повика на собир на 11 февруари, по повод 31 година од револуцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Сè уште размислувам дали ќе присуствувам на преговорите за Украина во Турција

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека сè уште размислува дали ќе присуствува на разговорите за прекин на огнот во Украина, планирани за утре во Турција, но дека не знае дали во нив ќе учествува и рускиот претседател, Владимир Путин.
„Тој би сакал да бидам таму и тоа е можност. Не знам дали би бил таму ако јас не сум таму. Ќе дознаеме“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион на пат кон Катар, објави „Ројтерс“.
Трамп рече дека би можел да ја посети Турција на разговори како дел од престојот на Блискиот Исток оваа недела, иако неговиот распоред на посети и разговори е преполн и тој треба да биде во Обединетите Арапски Емирати утре.
„Тоа не значи дека не би го направил тоа за да спасам многу животи и да се вратам“, рече Трамп, според извештајот на „Вашингтон пост“.
Трамп потврди дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе биде присутен на разговорите меѓу претставниците на Русија и Украина во Истанбул. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека ќе присуствува на преговорите во Истанбул, само доколку биде присутен и Путин, објави „Танјуг“.
Кремљ денес објави дека ќе испрати делегација во Истанбул, без да прецизира кој ќе ја претставува Москва.
Свет
Папата Лав понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот

Папата Лав XIV денес понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот. Ватикан е достапен да им овозможи на непријателите да се сретнат и да се погледнат в очи за народите да ги вратат надежта и достоинството што им припаѓаат, рече папата додека примаше претставници на 23 католички цркви од источен обред.
Папата исто така ги повика источните христијани да не ги напуштаат своите земји барајќи ги за себе „сите права потребни за безбеден опстанок“.
Во својот прв неделен благослов како римокатолички лидер папата Лав XIV повика на праведен мир во Украина и итен прекин на огнот во Газа заедно со ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош.
Свет
Европската комисија: Транспарентноста ни е најважна, ќе ја проучиме одлуката за пораките на Фон дер Лајен

Европската комисија денес реагира на пресудата на Судот на правдата на ЕУ велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори. „Комисијата сега внимателно ќе ја проучи одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетаљно образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската Унија пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за тоа што не ги поседувала бараните документи, СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, во кои разговарале за набавка на вакцина против коронавирус.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетаљно објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување на важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и за претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додаде Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, размениле пораки, чија содржина останува непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори вредни повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против коронавирусот.