Економија
Битола железнички се поврзува со Грција
Поврзување на Битола со границата на Грција, како и реконструкција на две железнички делници долж Коридорот 10, со финансии во најголем дел средства од ИПА фондовите на Европската унија, најави во понеделникот македонската влада.
Предвидено е најнапред да се рехабилитира делницата Битола-Кременица, во должина од 16 километри, а потоа да се реконструираат и делниците Куманово-Дељадровци во должнина од 14 километри и делницата Драчево-Велес во должнина од 35 километри.За таа цел македонската влада промовираше проект за подготовка на проектни студии и проектна документација за наведените три железнички делници. Изработката на студијата, која се очекува да заврши за 18 месеци, ќе чини 1,4 милиони евра, од кои 1,2 се обезбедени од фондовите на ЕУ, а 200.000 евра ќе бидат обезбедени од буџетот на Македонија.Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше дека врвен приоритет има изградбата на делницата Битола-Кременица, која е дел од Коридорот 10д, крак од Коридорот 10.Градежните активности на оваа делница, треба да започнат во текот на 2013 година и да траат 24 месеци. Поврзувањето на Битола со грчката граница се очекува да чини девет милиони евра, од кои 8,6 треба да бидат обезбедени преку ИПА фондови, а 400.000 од државниот буџет.Тајмингот на изградба и цената на чинење на преостанатите два проекти ќе бидат познати по 18 месеци, кога се очекува да бидат готови проектните студии.„Имплементацијата на овие проекти ќе ги зајакне врските со соседните земји, но и протокот на стоки кон и од Македонија. Со овие проекти покажуваме дека институциите на системот имаат доволен капацитет да спроведуваат проекти во соработка со Европската Комисија и да влечат ИПА средства“, рече Јанакиески.Тој оцени дека железничкото поврзувањето на Битола со Грција ќе значи развој за целиот пелагониски регион. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески најави дека Македонија од 2014 година ќе почне со имплементација и на други проекти за модернизирање на железницата, за што се очекува да повлече 22 милиони евра од третата ИПА компонента.„Како позначаен од овие проекти, секако е реконструкцијата на железничките станици“, рече Ставрески, додавајќи дека реконструкцијата на железничката станица во Скопје ќе чини 2,7 милиони евра, а предвидено е за шест милиони евра да се реконструираат и десетина други станици долж Коридорот 10.„Ќе се рехабилитираат сите железнички станици кои се наоѓаат во лоша состојба и имаат потреба од реконструкција. На тој начин ќе се подобрат условите за патниците, ќе се подобрат условите за транспорт и ќе се подобри конкурентноста на македонската економија“, оцени Ставрески.Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски информираше дека пред 22 години годишно во Македонија со железница се превезувале 10 милиони тони стока годишно, а сега таа бројка е намалена на 3-4 милиони тони, што според него, се должни и на отсуство на инвестиции во железницата во изминатите 30 години.„Коридорот 10 е важен за Македонија, бидејќи најголем дел од трговијата се одвива преку него“, рече Пешевски, оценувајќи дека со најавената реконструкција ќе се подобри бизнис климата на државата, а и ќе се зголеми брзината на движење и ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.Евроамбасадорот во Македонија Авио Орав нагласи дека развојот на транспортниот сектор во Македонија е еден од клучните приоритети на Европпската унија.„Денешниот проект во вредност од 1,5 милиони евра е само почеток на подршка од Европската унија за транспортниот сектор во Македонија, кој што е еден од приоритети и очекуваме натамошна соработка во оваа област“, рече Орав.Предвидено е со реконструкцијата на трите делници значително да се зголеми брзината на возовите во Македонија. Се очекува на делниците Куманово Дељадровци и Драчево-Велес да биде овозможена брзина на движење од 120 километри, а на одредени места таа да достигнува и до 160 километри, додека возот од Битола до Лерин се очекува да се движи со брзина од 100 километри на час. Железничкиот Коридор 10 во Македонија кој е основен елемент на централната транспортна мрежа, почнува на север од граничниот премин Табановце и завршува со јужниот граничен премин во близина на Гевгелија. Кракот 10д од Коридорот 10 почнува во Велес и завршува на граничниот премин Кременица во близина на Битола. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Прва заедничка координација на Управниот и на Надзорниот одбор на МЕПСО во Министерството за енергетика
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за првпат се одржа заеднички состанок со Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО – формат што обезбедува побрза, поефикасна координација во функционирањето на преносниот систем.
Министерката Сања Божиновска порача дека редовна координација е неопходна бидејќи МЕПСО како еден од клучните столбови за енергетската сигурност на државата мора да работи беспрекорно, со стабилна динамика на проектите и без одложувања.
„ Во услови кога енергетската стабилност е приоритет на државата, од суштинско значење е преносната мрежа да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива во чекор со европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина. Само со заедничка и навремена координација, заедно со Управниот и Надзорниот одбор можат да се надминат евентуалните застои кај клучните проекти, навремено да се решаваат административните пречки и да се обезбеди континуирана модернизација и одржување на преносната мрежа.“ истакна Божиновска.
На состанокот се разгледаа клучните точки:
· Напредокот и тековниот статус на големите инфраструктурни проекти што се во реализација.
· Планирањето и приоритизацијата на нови стратешки проекти за зајакнување на мрежата.
· Предизвиците во секојдневното работење и моделите за нивно надминување за поголема ефикасност и подобра оператива.
Од следната година, МЕПСО ќе стане полноправен член на Joint Allocation Office (JAO) – единствената европска платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети. Со приклучувањето кон JAO, македонскиот системски оператор влегува во хармонизираниот европски модел за тргување со електрична енергија, према границите со Србија и Бугарија, додека со останатие соседи остануваме на регионалната платформа (ЦЕО) . Ова членство ќе овозможи поефикасно управување со прекуграничните капацитети, поголема транспарентност и интеграција на македонскиот пазар во европските електроенергетски текови.
Министерството ќе продолжи со редовна комуникација и координација со МЕПСО, за да обезбеди стабилен, модерен и сигурен преносен систем кој е основа на енергетската безбедност и развојот на државата.
Економија
Живко Мукаетов реизбран за член на одборот на директори на Американската стопанска комора
Американската стопанска комора (AmCham) вчера го одржа своето 25-то генерално собрание, одбележувајќи значаен јубилеј – четвртина век посветена работа за поддршка на развојот на домашната економија, унапредување на деловното опкружување, размена на добри деловни практики и застапување на интересите на своите членки, кои денес надминуваат бројка од 150 субјекти во земјава.
Во рамките на овогодишното собрание, за член на Одборот на директори на AmCham по вторпат беше избран г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, со што уште еднаш се потврдува неговата посветеност, како и посветеноста на компанијата на принципите за транспарентност, интегритет и за активно учество во градењето подобра бизнис-клима.

„Алкалоид“ е долгогодишен и горд член на AmCham Северна Македонија од основањето на Комората во 2000 година. Компанијата активно ја поддржува нејзината мисија и редовно учествува во иницијативите, одразувајќи ја својата силна посветеност на принципите за одговорно корпоративно управување. AmCham претставува важна платформа за соработка со водечките американски и домашни компании и овозможува конструктивен дијалог за политики, конкурентност и за економски развој.

Покрај г. Мукаетов, во новиот состав на Одборот на директори беа избрани и Огњен Лазиќ (Пивара Скопје), Драган Давитков (PwC), Александра Ивановска (Рош) и Костас Николау (Титан Усје). Работата на Одборот на директори на Американската стопанска комора е фокусирана на унапредување на регионалната соработка, како и на соработката со клучните владини институции и со Амбасадата на САД, а еден од суштинските аспекти на овој одбор е мотивирање и охрабрување на членките на AmCham да бидат гласот на прогресивниот бизнис-сектор. Мрежата на AmCham низ Европа брои 49 подружници.

По завршувањето на официјалниот дел беше организиран свечен јубилеен прием, на кој присуствуваа претставници од институциите, дипломатскиот кор, меѓународните организации и од компаниите членки. Настанот уште еднаш ја потврди улогата на AmCham како платформа која ги поврзува јавниот и приватниот сектор, која поттикнува партнерства и која иницира структурни реформи.
По повод 25-годишнината, „Алкалоид“ упатува искрени честитки до AmCham и ги поздравува нејзината значајна улога и придонесот во развојот на деловната заедница.
(ПР)
Економија
ТИРЗ: Германска компанија за машинско инжинерство заинтересирана за инвестиција
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари средба со Матиас Лаубенштајн, директор на Heidelberg Postpress, германска водечка технолошка компанија која веќе 175 години се залага за иновации, квалитет и сигурност во машинското инженерство ширум светот. Средбата опфати презентирање на можностите и поволностите кои ги нуди Македонија преку зоните, при што беа разгледани ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијални локации за отворање на нов производствен погон од страна на германската компанија.
Димовски посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ активно соработува со сите засегнати страни со цел континуирано подобрување на условите во зоните, а беше нагласена стратешката локација, како и даночните поволности кои се достапни за инвеститорите. Тој додаде дека интересот на ваква реномирана компанија претставува силна потврда за атрактивноста на Македонија и ТИРЗ како локација за странски директни инвестиции. Како што рече Димовски, вложувањето во напредни технологии и висока додадена вредност е приоритет, а соработката со компании кои имаат долга традиција и глобално присуство ќе донесе значајни придобивки за целата економија.
Од страна на Лаубенштајн, беше изразен особен интерес за инвестирање во рамки на зоните, при што акцентот беше ставен на ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијална локација. Toj нагласи дека стабилната деловна средина, пристапот до квалификувана работна сила и јасната и транспарентна поддршка од институциите се клучни фактори во нивните анализи за избор на нова локација.
Со јасен фокус на раст, како снабдувач на целосни решенија компанијата го поттикнува понатамошниот развој во основните области на пакување и дигитално печатење, софтверски решенија и бизнисот со животниот циклус со услуги и потрошен материјал, така што клиентите можат да постигнат максимална продуктивност и ефикасност. Компанијата моментално се фокусира и на проширување во нови деловни области како што се високо прецизно инженерство на постројки со интегрирана контрола, технологија за автоматизација и роботика, како и растечките зелени технологии.

