Свет
Дипломатскиот лов ги отсече Поречани

Чуварите од ловиштето „Јасен“ не дозволувале новиот пат што треба да го поврзе Поречкиот крај со Скопје, да минува покрај овој шумски резерват поради лични интереси на дел од раководството на ова јавно претпријатие, тврдат за „Време“ владини извори.
Мирче Котевски
Чуварите од ловиштето „Јасен“ не дозволувале новиот пат што треба да го поврзе Поречкиот крај со Скопје, да минува покрај овој шумски резерват поради лични интереси на дел од раководството на ова јавно претпријатие, тврдат за „Време“ владини извори. Неофицијално, за да ловат дивеч во „Јасен“ (муфлони, диви свињи, срни) високи дипломати, плаќале од 2.000 до 5.000 евра, а прекрасната борова шума неконтролирано се уништувала во име на бизнисот со дрвја.
Со седумте километри асфалт, колку што се потребни поречани да добијат блиска врска до Скопје, би се зголемила фреквенцијата, а „Јасен“ нема веќе да биде место безбедно ни за дрвокрадците. Од МВР се жалат дека тешко воспоставуваат контрола врз резерватот, поради непристапноста на теренот.
Поречани повторно го обвинија и „Електростопанство на Македонија“ оти неоправдано ја запира изградбата на патот. Со полнењето на вештачкото езеро за хидроелектричната централа „Козјак“, уште пред две години беше потопен единствениот пат што ги поврзуваше 52-те поречки села со скопската населба Драчево, а ЕСМ не ја испочитува законската обврска да изгради алтернативна траса.
Од здружението „Поречки средби“ стравуваат дека уште долго може да го чекаат патот што требаше повторно да ги поврзе со главниот град, откако ЕСМ сега се подели на две независни компании за производство и за дистрибуција на струја.
– Не знаеме која од компаниите ќе ги преземе обврските за да ја финансира изведбата на патот. Со поделбата на надлежностите може ниту една од нив да не си ја презема одговорноста, а повеќе од 10.000 жители од Порече и натаму ќе останат отсечени од Скопје – вели Борко Симоски, претседател на здружението „Поречки средби“.
Како што објаснува Симоски, според членот 45 од Законот за јавни патишта пред да им ја уништи единствената копнена врска што Поречкиот крај го делеше од Скопје само 90 километри, ЕСМ било должно да им направи алтернативен пат.
– Непроценлива штета ни е нанесена откако останавме без патот. Сега ние, жителите на Македонски Брод, Самоков и на околните села, наместо 90, кружиме околу 220 километри за преку Кичево да стигнеме до Скопје. И тоа трае околу три години, а државата преку ЕСМ како нејзино претпријатие како да нема интерес да го реши проблемот – се жалат поречани.
Од ЕСМ реагираат дека пари за таа намена се обезбедени, но топката за доцнењето на изведбата ја префрлаат кај шумскиот резерват „Јасен“ чии вработени пролетва не им дозволија на геодетите да го трасираат патот.
– Се надеваме дека сега, откако наскоро „Јасен“ ќе оди под надлежност на Министерството за животна средина, конечно ќе се обезбеди мирен терен за изградба на патот. Се уште не е решено кое од двете новоформирани друштва ќе ги преземе обврските за финансирањето на проектот, но и тоа ќе биде познато деновиве. ЕСМ не бега од обврските – изјави Бране Стефановски, портпарол на ЕСМ. Од „Јасен“вчера не сакаа официјално да образложат зошто ја блокираат изградбата на патот.
Поречани во моментов подготвуваат тужба против ЕСМ и против „Јасен“ за надомест на штета поради блокирањето на патот. На 24 овој месец, здружението ќе одржи протестен митинг на плоштадот „Македонија“ во Скопје против, како што велат, државата, која досега не покажала сериозен интерес да им го изгради ветениот пат
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руското Министерство за надворешни работи: Полска шири митови

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата дека беспилотните летала намерно влегле во полскиот воздушен простор, нарекувајќи ги митови.
Ја обвини Варшава за „понатамошно ескалирање на украинската криза“ со вакви тврдења, но потврди дека е подготвена да учествува во евентуални разговори со Полска.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека „ниту една педа на територијата на Полска не е планирана како цел“ и дека максималниот дострел на руските беспилотни летала што се користат во нападот врз Украина не надминува 700 километри.
Свет
Трамп: Што е сега тоа што Русија го нарушува полскиот воздушен простор со дронови

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го коментираше случајот со дроновите што го нападнаа полскиот воздушен простор синоќа.
„Што е сега тоа што Русија го нарушува полскиот воздушен простор со дронови? Одиме!“, објави Трамп на својата социјална мрежа „Тру соушал“. Тој не прецизираше со што започнува.
Белата куќа претходно потврди дека Трамп и неговите соработници ја следат ситуацијата и дека ќе разговараат со полскиот претседател во текот на денот.
Свет
Катарците за израелскиот напад: „Мислев дека e крај на светот“

Главниот град на Катар, Доха, утрово се врати во вообичаениот ритам: автомобили се движат по улиците, а облакодерите блескаат на сонцето. Сепак, тензиите на Блискиот Исток растат, а се поставува и клучно прашање – каде се границите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговата конфронтација со Хамас, ако воопшто ги има, објавува Би-Би-Си.
Досега, нападот врз Хамас на катарска територија се сметаше за црвена линија што Израел нема да ја премине. Вчерашниот напад го разби тоа верување – заедно со евентуалните шанси за договор за прекин на огнот во Газа.
Хамас тврди дека израелскиот напад ги промашил своите главни цели, меѓу кои бил и протераниот лидер на Газа и главен преговарач Калил ал-Хаџа. Нема официјални информации за неговата состојба или местоположба. Палестински извор надвор од Газа тврди дека Хаџа е сериозно ранет, дека е во болница и дека лекарите не му даваат многу шанси за преживување. Ова не е потврдено, а нема вести од Хамас во Газа.
Она што е познато е дека синот на Хаџа, шефот на неговата канцеларија и тројца телохранители се убиени. Останува нејасно дали телохранителите биле со него во времето на ударот, но според протоколот требало да бидат.
Претставниците на Хамас во Доха не се достапни, нивните телефони се исклучени. По години релативно слободно движење во Катар, тие сега веројатно носат многу различни одлуки. Впечатокот е дека повеќе нема правила.
Во кварт со луксузни вили и дипломатски резиденции, недалеку од местото на ударот, улиците се застрашувачки празни.
Израелскиот напад направи голема дупка во зградата каде што раководството на Хамас се состануваше за да разговара за мировниот предлог на САД. Репортер на Би-Би-Си успеа да види дел од штетата, но присуството на полицијата го спречи да се приближи. Според медиумските извештаи, израелските претставници го нарекоа нападот со кодно име „Суден ден“.
Во локален фризерски салон, новинарите разговараа со сведокот, 42-годишен маж кој сакаше да остане анонимен. Стравот беше видлив на неговото лице додека ги раскажуваше моментите од нападот.
„Бучавата беше толку гласна што срцето ми чукаше како лудо“, рече тој. „Мислев дека е крај на светот. Слушнав пет ракети и почнав да бегам. Многу луѓе трчаа. Нормално ништо не се случува тука“, додаде тој. Кога го прашаа дали се плаши дека Израел може повторно да нападне, тој тивко одговори: „Многу се плашам“.
Без разлика дали Израел ги погодил предвидените цели, едно е сигурно – успеа да го налути американскиот претседател Доналд Трамп и да го разбесни Катар. Државата од Персискиот Залив е клучен сојузник на САД, каде што од 2012 година е домаќин на политичкото раководство на Хамас, како и на американските воени бази.
Катар го нарече израелскиот напад „државен тероризам“.
Катарскиот премиер Мохамед Ал Тани рече дека САД не ја известиле Доха однапред. Првиот повик од американски службеник дошол, тврди тој, само 10 минути по почетокот на нападот.