Свет
Пари на рака, вештачење од ракав
Нарачани судски вештачења и
погрешни анализи од нестручни вешти лица се дел од проблемите во правосудниот
систем, тврди Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина
Нарачани судски вештачења и
погрешни анализи од нестручни вешти лица се дел од проблемите во правосудниот
систем, тврди Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина
Нарачани судски вештачења за кои се плаќа во кеш, политички притисоци за
прикривање докази, погрешни анализи направени од нестручни вешти лица се само
дел од проблемите во правосудниот систем во Македонија, поради кои во затвор
често одат лица што се погрешно осудени без докази. Ова го тврди Алексеј Дума,
директор на Институтот за судска медицина како одговор на прашањето дали во
земјава може да се нарача судско вештачење.
– Дали се договараат судии и адвокати не знам, но имам информации дека им се
плаќа во кеш. Граѓаните на Македонија не се од втор ред и ним не може да им се
суди со докази кои веќе во ниедна европска земја не се користат и не се
прифаќаат. Постојат и силни политички притисоци од луѓе на позиции за да се
спречи обезбедувањето докази. Приватни вешти лица со надворешен преглед на труп
немаат шанси да одговорат на прашања што судовите се’ почесто ги поставуваат,
но за жал, кај нас дури и се осудуваат луѓе врз основа на такви докази –
објаснува Дума.
Со тврдењето дека постојат судски вештачења фабрикувани по желба на оние што
плаќаат се согласува и Димитар Андоновски, претседател на Здружението на судски
вешти лица. Тој вели дека има случаи кога вешти лица прават нарачани
експертизи. Тие вешти наоди можат да го променат епилогот од судските процеси:
невини да лежат во затвор, а виновни да бидат на слобода.
– Ретко се случува да има големи разлики во вештачењата. На пример, во случајот
со британскиот возач Николас Морли, кога се одредуваше брзината со која тој се
движел, можно беше да има до 10 отсто разлика меѓу двата вешти наода. За тој
случај, според едното вештачење, брзината со која обвинетиот се движел била
околу 60 километри на час, а за другото 160 километри на час. Судот треба да
побара ново, независно вештачење, а потоа, ако утврди дека некое од двете
вештачења било нарачано, тогаш веднаш треба да се побара кривична одговорност –
вели Андоновски.
Според него, вештите лица подлежат на кривична одговорност ако се утврди дека
тие зеле пари за да изменат некое вештачење. Тој тврди дека постојат случаи
кога е поведена судска постапка против вешти лица за вакви малверзации.
Дума вели дека хаотичната состојба во судскиот систем е резултат на
несоработката помеѓу државните институции која, според него, во моментов е
најлоша во неговата триесетгодишна кариера.
Од друга страна, пак, некои од експертите тврдат дека разлики во вештачењата
може да има само поради различните докази со кои располагаат вештите лица.
– Многу често се случува при вештачењето судот или, пак, инволвираните странки
да не ги достават сите расположливи докази до вештите лица. За жал, во некои
судови постои мислење дека вештите лица се тие што треба да прибираат докази со
цел да извршат вештачење. Ние немаме законско овластување, на пример, да бараме
Народната банка или МВР да ни достави докази, таква моќ единствено поседува
судот – вели Славко Белазелковски од Друштвото за вештачење „Ексинг“.
Според Белазелковски, вештите наоди може да се разликуваат ако двајца експерти
вршат вештачење со различни докази.
– Новите докази можат да го свртат вештачењето во комплетно поинаква насока.
Ако двајца вешти лица вршат анализа на исти докази, тогаш не би требало да
постојат разлики во нивниот конечен извештај – вели Белазелковски.
Случајот со британскиот возач Морли не е единствен пример во кој имаше
дијаметрално спротивни вештачења. Смртта на Трајан Бекиров (17), кој беше
пронајден удавен во реката Вардар, исто така предизвика сериозен сомнеж дека е
можно да се плати само да се добие спротивно вештачење. Според официјалниот
наод од обдукцијата, причината за смртта на Бекиров беше последица од давење.
На барање на Хелсиншкиот комитет имаше и второ вештачење од Бугаринот Георги
Банков, ангажиран како независен експерт за обдукциска анализа на телото на
Бекиров. Неговата анализа беше спротивна и го отвори прашањето дали Бекиров
починал од насилна смрт. На крајот, скопското Јавно обвинителство утврди дека
нема елементи за поведување обвинение против припадниците на полициските
„алфи“, кои учествувале во бркотницата со Бекиров, по која момчето загина.
Александар Манасиев,Ненад Мирчевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Професор од Киев: Нема знаци за мир во Украина
Професор од Институтот за меѓународни односи во Киев, Максим Камењецки, разговараше со Н1 за ситуацијата во Украина.
Максим Камењецки наведува дека настаните на фронтот се загрижувачки: „Со релативно нова тактика кога Русите се обидуваат да го направат она што го прават во Херсон, тие уништуваат град со цивили. Тие се обидуваат да ја пренесат оваа практика во други големи градови што не можат да ги освојат, во близина на фронтот каде што противракетните системи не се ефикасни – зборувам за Харков, Днепар, Запорожје, Одеса. Русите насочуваат балистички крстосувачки ракети кон градовите и таму е исклучително тешко. Изгледа доста драматично.“
„Володимир Зеленски рече дека ова е најтешката зима за Украина. Русите ќе го таргетираат енергетскиот сектор. Кога Русите ќе го погодат преносниот капацитет, дури и нуклеарните централи во западна Украина мора да бидат затворени бидејќи електричната енергија треба да се троши или да престане да се произведува. Русите чекаат температурите да паднат, тие се енормно високи за ова време од годината. Греењето е вклучено. Штом температурите паднат, Русите ќе се префрлат на централите што произведуваат топла вода за централно греење со цел да создадат невозможни услови за живот, тоа е нивната цел“, вели професорот.
На прашањето, дали има знаци за мир во Украина, тој одговори негативно.
„Досега нема. Нема такви знаци“, одговара професорот.
Свет
Дали Хутите конечно престанаа да напаѓаат бродови?
Јеменските бунтовници Хути сигнализираа дека ги прекинале нападите врз Израел и бродовите во Црвеното Море, додека во Појасот Газа се почитува кревкото примирје, објави АП.
Најјасниот сигнал за прекин на нападите дојде во писмото до Бригадите Ал-Касам на Хамас, објавено доцна синоќа.
„Внимателно ги следиме случувањата и изјавуваме дека ако непријателот продолжи со својата агресија врз Газа, ќе се вратиме на нашите воени операции длабоко во ционистичкиот ентитет и повторно ќе ја воведеме забраната за израелски бродови во Црвеното и Арапското Море“, се вели во писмото.
Сепак, Хутите официјално не потврдија дека нивната кампања во регионот е прекината.
Од крајот на 2023 година, Хутите извршија повеќе од сто напади врз трговски и товарни бродови, тврдејќи дека дејствуваат во поддршка на Палестинците во Газа. Бродови поврзани со западните земји и Израел исто така беа цел на напади, што ги прекина глобалните транспортни правци и ги зголеми трошоците за транспорт на стоки.
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници постојано извршуваа воздушни напади врз позициите на Хутите во Јемен, а Вашингтон ја преименуваше групата во странска терористичка организација на почетокот на 2025 година.
фото: принтскрин
Европа
ФТ: ЕУ формира нова разузнавачка единица под водство на Фон дер Лајен
Европската комисија започна со создавање ново разузнавачко тело под претседателката Урсула фон дер Лајен, во обид подобро да ги искористи информациите собрани од националните разузнавачки агенции, објави денес „Фајненшл тајмс“.
Единицата што ќе се формира во рамките на секретаријатот на Комисијата планира да регрутира службеници од целата разузнавачка заедница на ЕУ и да собира разузнавачки информации за заеднички цели, објави весникот, повикувајќи се на четири лица запознаени со плановите.
Ројтерс не можеше веднаш да го потврди извештајот.
фото: принтскрин

