Македонија
МФН и ЕФН повикуваат на поддршка на борбата за независно новинарство и плурализам во Македонија(интегрално соопштение)
Меѓународната федерација на новинари (МФН) и нејзината членка Европската федерација на новинари (ЕФН) денеска ја поддржаа борбата и протестот за слобода на печатот и правата на новинарите во Македонија
Меѓународната федерација на новинари (МФН) и нејзината членка Европската федерација на новинари (ЕФН) денеска ја поддржаа борбата и протестот за слобода на печатот и правата на новинарите во Македонија
„Македонските новинари се под огромен притисок од политичарите и сопствениците на медиумите и неодамнешните настани покажуваат дека државата ја достигнала точката во која едноставно станува неподносливо да се работи слободно во новинарството“ вели претседателот на МФН Џим Боумела.
Стотици македонски новинари излегоа во Скопје на четврти јули да протестираат против злоупотребата на отказите, мешањето на политиката и драстичното намалување на активноста на медиумите.
„Слободата на медиумите е под сериозна закана во Македонија и постои ризик од инсталирање на култура на страв во оваа професија“ вели Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници
„Последниве години Македонија покажува лоши резултати во однос на слободата на новинарството и ние сме загрижени што држава – кандидат за членство во ЕУ не работи сериозно на основните права како што е слободата на пресот “ вели претседателот на ЕФН Арне Кониг.
„Ние се надеваме дека Европската Комисија ќе ја земе предвид нашата загриженост при проценката за напредокот на земјата кон ЕУ и ги повикуваме македонските власти да ги почитуваат стандардите за слободата на печатот и новинарските права. Пред еден месец на годишното собрание на EФН беше, исто така, усвоена Изјава против нефер работните договори во македонските медиуми“ вели Конинг.
Ситуацијата во медиумската сфера во Македонија се влошува, неколку весници објавија драстично намалување, а сериозни, искусни и почитувани новинари се веднаш отпуштени откако презеле очајнички потег за да протестираат и да зборуваат во јавноста. Вкупно над 200 новинари и медиумски професионалци ризикуваат да ги загубат своите работни места во наредните месеци поради сомневањата за лоши постапки на нивниот сопственик.
Четири медиуми (весници Шпиц, Време, Коха Е РЕ и A1TV) се под ризик да бидат затворени заради обвиненијата за нивниот сопственик за затајување данок.Голем број новинари се под постојан притисок да работат за политички или бизнис интереси.
Според Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинарите „Независноста и плурализамот во македонските медиуми се сериозно загрозени“
„Замолчување со отпуштање или со користење на други софистицирани економски и социјални притисоци, му нанесува сериозна штета на демократскиот амбиент во нашето општество. Таквите постапки, исто така, се директен акт против основното право на слободата на изразувањето во Македонија”.
Властите на Македонија мора да преземат итни мерки за подобрување на законодавството и примена на законите на неселективен начин, за да се спречи новинарите да бидат отпуштени од сопствениците на медиумите со заобиколување на стандардните процедури со цел да се ослободат од оние кои зборуваат против кршењето на основните права, велат од Меѓународната и Европската федерација на новинари./крај/макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

