Македонија
Кривични за Петров и Нинов?
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска информираше дека постојат основани сомневања за кривична одговорност на СДСМ и А1 телевизија, бидејќи според финансиските извештаи донацијата која телевизијата и ја дава на партијата за платено политичко рекламирање го надминува законскиот лимит.
Доколку следат кривични пријави тие ќе бидат упатени на адресите на потписниците на наменските изборни сметки, во случајов управителот на А1, Славко Нинов и генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров.
Во Извештајот од А1 ТВ се наведува дека за 13 часа, 53 минути и 35 секунди платено политичко рекламирање на СДСМ, А1 ТВ треба од СДСМ да наплати 430.239.855 денари. Се додава дека телевизијата не дала попуст, што значи дека долгот на СДСМ, кон А1 ТВ останува отворен за целиот тој износ од 430.239.855 денари.
Како што посочи претседателот на ДКСК, Воислав Зафировски во истиот извештај од телевизијата се вели дека СДСМ им платил 6.531,300 денари, што според него можно е тоа да се цесиите, но констатира дека останува долг што СДСМ треба да го исплати на А1 ТВ, во износ од 423.708.555,00 денари, што е за цели 101.131.455,00 денари пречекорен максималниот законски лимит на средства, кои СДСМ може да ги потроши во изборната кампања – 329.108.400,00 денари.
„Но, затоа пак, во Извештајот од А1 ТВ, во рубриката побарувања, ставено е дека СДСМ нема долг кон А1 ТВ, или со други зборови, А1 ја донира кампањата на СДСМ со износ од 423.708.555 денари“, истакна Зафировски.
Исто така според Антикорупциска комисија е спорен и кредитот од Комерцијална банка што СДСМ во извештајот го прикажува како донација.
„ДКСК ќе ги провери условите под кои е земен кредитот, односно, ќе утврди дали тој е даден со одредени поволности вон стандардните услови што ги дава Банката, со што ќе се расчисти дилемата дали е донација од Банката, ако е донација колкава е таа, а што е кредит од тој цел износ“, рече Зафировски.
Тој прикажа и договори кои А1, СДСМ и останати правни лица ги имаат склучено како цесии, при што за членовите на Антикорупциска меѓу А1 ТВ, СДСМ и Мулти Медијатор Скопје, во вкупна вредност од 1.200 илјади денари, кој дополнително ќе биде проверен.
Зафировски укажа дека ДКСК, по проверката на пристигнатите банкови извештаи, ќе одлучи за покренување иницијатива за кривично гонење, како на организаторите на изборната кампања што не поднесоа конечен финансиски извештај, за партиите СДСМ, ЛДП, НДУ и ПДП така и за СДСМ, и за А1 ТВ.
ДКСК ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против националните радиодифузери кои ненавремено доставија или воопшто недоставија извештај, односно против А1 ТВ и ТВ Алб.
Од конечниот финансиски извештај на ВМРО – ДПМНЕ, ДКСК констатира дека партијата го нема надминато законски пропишаниот лимит.
ДУИ има позитивен остаток од 6.488,50 денари, ДПА остварил минус од 1.843.168 денари и НДП има остаток од 917 денари./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

