Свет
Ќе може да се пресадуваат бубрези од починати лица
Пациентите на дијализа што немаат можност за трансплантација на бубрег од жив донатор, може да се надеваат на кадаверична трансплантација од починати лица.
Министерството за здравство формира Комисија за кадаверична трансплантација
ЈАСМИНА ЈОВАНОВСКА
Пациентите на дијализа што немаат можност за трансплантација на бубрег од жив донатор, може да се надеваат на кадаверична трансплантација од починати лица. Законската регулатива која беше донесена без подзаконски акти (кои беа единствена пречка за заживување на трансплантацијата од починати лица кај нас), по повеќе од десет години, конечно, ќе биде извадена од фиока. На нејзино додефинирање, посебно на подзаконските акти од оваа област, од петокот почна да работи стручна комисија што беше формирана по барање на Министерството за здравство. Девет стручњаци од разни медицински области што се во тесна врска со пресадување на органите се ангажирани да извршат дорегулирање на трансплантацијата и донирањето на органите и нејзино усогласување со европските стандарди.
Оваа стручна комисија, како што велат во Министерството за здравство, ќе треба да утврди дали на постојната регулатива ќе треба да се изработат подазконски акти, или за одредени работи ќе мора да се донесат нови закони. Она поради што најмногу се кршеа копјата за да профункционира пресадувањето на органи од починати лица, за формата за изјаснување на лицата дали ќе ги донираат органите или не, ќе бидат понудени повеќе решенија. Ќе се побараат искуствата од другите земји, каде што овој вид трансплантација се спроведува и од нив ќе се бара решение кое најмногу одговара на нашите услови.
Светските податоци говорат дека на милион жители се јавуваат по 50 пациенти што завршуваат во кома, кои се потенцијални донатори на органи. Ова би значело најмалку 50 трансплантации на бубрези годишно повеќе од сега, кои моментално се движат од 20 до 30. Со пресадување на бубрегот пациентите ќе ослободат дијализни места за кои сега владее невиден недостиг, посебно во Скопје.
Законот за трансплантација со години стоеше само на хартија, зошто кога беше донесен се отвори голема јавна полемика околу етичкиот и хуманиот аспект за начинот на изјаснувањето дали да се донираат или не органите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Медведев: Мојата тажна шега изгледа се претвора во застрашувачка реалност
Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-шеф на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев испрати предупредување до САД во објава на Телеграм. Тој ги критикуваше наводите што се појавија во Русија, според кои се подготвува трансфер на нуклеарно оружје од САД во Украина. „Немаме планови да ја опремиме Украина со нуклеарно оружје“, изјави Белата куќа за Њузвик како одговор на овие извештаи и коментарите на Медведев.
„Американските политичари и новинари сериозно разговараат за последиците од префрлањето на нуклеарното оружје во Киев. Се чини дека мојата тажна шега за лудиот, сенилен Бајден, кој реши достоинствено да го напушти овој свет, земајќи со себе значаен дел од човештвото. се претвора во застрашувачка реалност“, напиша Медведев.
„Да се даде нуклеарно оружје на земја во војна со најголемата нуклеарна сила? Идејата е толку апсурдна што предизвикува сомнеж за параноична психоза кај Џо и кај секој кој би советувал таков потег“, додаде тој.
Тој продолжи: „Сепак, морам да ја коментирам оваа глупост:
Самата закана за пренос на нуклеарно оружје на режимот во Киев може да се смета за подготовка за нуклеарен конфликт со Русија. Преносот на ваквото оружје може да се поистоветува со акт на напад врз нашата земја според член 19. Основата на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање. Последиците ќе бидат очигледни“, напиша тој.
Според членот 19 од Основата на државната политика на Руската Федерација за нуклеарно одвраќање, на која се повика Медведев, од 2020 година „условите што ја специфицираат можноста за употреба на нуклеарно оружје од страна на Руската Федерација вклучуваат добивање на веродостојни информации за можното лансирање балистички ракети на територијата на Руската Федерација и/или нејзините сојузници“.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна потпиша ажурирана нуклеарна доктрина, која нагласува дека Русија ќе направи „се што е потребно за да ја намали нуклеарната закана“ и се обидува да спречи ескалација на тензиите меѓу државите што може да доведе до „воени конфликти, вклучително и нуклеарно“.
Доктрината, исто така, наведува „неизбежна одмазда во случај на агресија против Руската Федерација и/или нејзините сојузници“.
Свет
Телата на девојките кои починаа од сомнително труење во Лаос пристигнаа во Австралија
Семејствата на двете австралиски тинејџерки кои починаа од сомнително труење со метанол во Лаос, ја коментираа веста дека осум лица се приведени за време на полициската истрага за случајот.
Бјанка Џонс и Холи Боулс, и двете 19-годишни, беа меѓу шесте странски туристи кои загинаа откако наводно консумирале токсична супстанција која често се додава во шверцуваниот алкохол.
Останатите четири жртви беа идентификувани како Симон Вајт, 28-годишна адвокатка од Обединетото Кралство; Џејмс Луис Хатсон, 57-годишен Американец; и Ен-Софи Оркилд Којман (20) и Фреја Венервалд Соренсен (21) од Данска. Хатсон беше пронајден мртов во неговата соба во хостелот на 13 ноември, со неколку празни чаши во близина. Истото утро, Ен-Софи Оркилд Којман и Фреја Венервалд Соренсен исто така беа пронајдени во несвест во нивните соби и итно пренесени во локалната болница.
Телата на Австралијките беа вратени во Мелбурн во вторникот вечерта, во придружба на нивните семејства.
„Ужасно ни недостасуваат нашите ќерки. Ми олесна кога знам дека има напредок во Лаос – не можеме да дозволиме нашите девојки да умираат и трагедии како оваа продолжуваат да се случуваат“, рече Марк Џонс, таткото на Бјанка Џонс, пред новинарите.
Говорејќи на аеродромот во Мелбурн, Џонс ја повика владата на Лаос да „продолжи да истражува“, додавајќи дека семејствата ќе се обидат „да ја подигнат свеста за опасностите од труење со метанол“.
Приведени се осум лица, а се работи за вработени во хостелот „Нана Бакекерс“ каде што биле сместени сите жртви, јавуваат локалните медиуми. Сопствениците на хостелот, кој сега е затворен, претходно ги негираа тврдењата дека служеле нелегален алкохол.
Свет
Израел: Убивме уште еден лидер на Хамас во Газа, снајперист кој се криеше во училиште
Непосредно пред планираниот почеток на прекин на огнот во војната против либанската милиција Хезболах, израелската војска денеска објави дека убила уште еден висок член на палестинската милитантна организација Хамас во Појасот Газа.
Израелските воздухопловни сили „прецизно го погодија“ Мумин ал-Џабари, кој го опиша како искусен терорист во снајперската единица на Хамас, кој оперирал во просторија на зграда што порано била училиште, објавија рано утрово израелските одбранбени сили (ИДФ) на својот Телеграм канал.
Информациите од израелската армија не можеа независно да се проверат, пренесува Дпа. Договорот меѓу Израел и Хезболах, кој треба да започне во среда наутро, не вклучува никакви одредби за прекин на огнот со Хамас во Газа.
ИДФ соопшти дека Ал Џабари складирал „големо количество оружје во просторијата каде што дејствувал“. Во август, израелската армија ја нападна зградата, која се користеше како активно засолниште, елиминирајќи повеќе од 30 „терористи на Хамас и Исламски џихад“.
Израел соопшти дека презел голем број мерки за намалување на ризикот за цивилите пред нападот.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, која избувна откако Хамас го нападна Израел во октомври 2023 година, Хезболах започна напади против Израел во поддршка на Хамас. Израел одговори со воздушни напади врз Либан и копнена инвазија.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах стапи на сила во 4 часот по локално време, откако беше прифатен од двете страни со посредство на САД и Франција