Свет
Забрането носење бурка во Франција

Денеска во Франција стапи на сила законот кој забранува носење на бурка на јавни места, со што државата, по Белгија, станува втората европска земја која донесе таква забрана.
Денеска во Франција стапи на сила законот кој забранува носење на бурка на јавни места, со што државата, по Белгија, станува втората европска земја која донесе таква забрана. Законот е усвоен на 12 октомври и се однесува на жените кои носат никаб или бурка, кои според податоците на француското министерство за внатрешни работи ги има околу 2.000. Муслиманската заедница во Франција брои околу седум милиони луѓе. Законот не се однесува само на жените кои носат бурка, туку и на тие кои ќе ги натераат тоа да го сторат. Лицето кое носи бурка според законот ќе биде парично казнето со 150 евра. Муслиманките покрај во џамиите, бурката ќе можат да ја носат и во својот дом, хотелска соба и автомобил, но само кога тие не возат. Законот предвидува ригорозни казни и за оној кој ќе ја натера жената да носи бурка, односно едногодишна затворска казна или парично 30.000 евра. Казната е двојно поголема, две години затвор или 60.000 евра доколку во прашање е малолетно лице. крај/б/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.