Свет
Никој не знае кога и како биле утепани овците
Министерството за одбрана одбива да каже како и кога било гранатирано бачилото каде што наводно угинале повеќе од 1.000 грла добиток, по што државата на лицето Иснафарис Џемаили му исплатила отштета од 720.000 евра.
Емил Зафировски
Министерството за одбрана одбива да каже како и кога било гранатирано бачилото каде што наводно угинале повеќе од 1.000 грла добиток, по што државата на лицето Иснафарис Џемаили му исплатила отштета од 720.000 евра. Во МО вчера изјавија дека за сите информации од случајот било надлежно Јавното правобранителство.
– Во согласност со законот, Јавното правобранителство е овластен орган што ја води постапката пред суд. Тоа располага и е надлежно со сите информации од содржината на случајот – изјави вчера Биљана Аврамовска, портпаролка на МО.
Во Јавното правобранителство вчера немаа информации за точниот датум на гранатирањето на бачилото ниту детали како се случило, но ветија дека денеска ќе ги обезбедат информациите.
„Време“ вчера стапи во контакт со Иснафарис Џемаили, но тој не можеше да се сети ниту на датумот на бомбардирањето ниту колку овци точно му загинале.
– Не ми текнува во моментов. Знам дека беа два хеликоптери „апачи“. Овците ми ги убија со две гранати. Бомбардираа среде бел ден. Најголем дел од овците беше на паша, но неколку беа и во бачилото. Едниот го рекетира бачилото, а другиот се спушти над овците и ми ги испотепа – изјави вчера Џемаили.
Врховниот суд завчера, откако претходно го разгледа случајот „Бачило“, информира дека Министерството за одбрана и Јавното правобранителство ја дезинформирале јавноста и дека не се обиделе да ја оспорат одлуката за огромното обесштетување.
Јавното правобранителство на Република Македонија вчера реагираше преку соопштение во кое нагласува дека случајот бил граѓански спор за надомест на штета на Иснафарис Џемаили од Скопје предизвикана од воени дејства во 2001 година.
– Лицето покрена тужба против МО за надомест на штета. За време на постапката во Основниот суд Скопје 1 се донесени две пресуди. Првата пресуда е меѓупресуда со која е утврдено дека тужениот му причинил штета на тужителот. Против оваа пресуда е поднесена жалба, која е одбиена од Апелацискиот суд во Скопје, и првостепената меѓупресуда на Основниот суд Скопје 1 станала правосилна – се вели во соопштението на правобранителството.
Во соопштението се нагласува дека било издејствувано отштетата да се намали за околу милион денари од првичното барање на тужителот.
Ниту Врховниот суд, ниту Правобранителството, ниту МО во своите досегашни информации за случајот не наведуваат кога точно се случило гранатирањето на бачилото.
Според изнесените информации, при гранатирањето на Џемаили му загинале 925 овци, 31 коњ и 4 ждребиња во месноста Вакуф на Шар Планина, каде што наводно одгледувал 5.970 овци, 49 коњи и 4 ждребиња. Вештачењето за штетата го извршиле тројца вештаци од Земјоделскиот факултет и заклучиле дека овците му давале по 80 литри млеко дневно, 81.285 килограми сирење годишно и дека на оние што преживеале од стрес им секнало млекото.
Неколку прашања остануваат нејасни и фрлаат сомнеж врз случајот, коментираат доброупатени познавачи на сточарскиот бизнис. Тие велат дека две гранати дење не можат да утепаат 1.000 грла овци затоа што тие се раштркани низ пасиштата, а стадото само ноќе лежи во бачилото. Чудно било и тоа што наводно настрадал само добитокот, но не и десетината овчари што морале да бидат со овците. Според упатените, не е можно овците да даваат 80 литри млеко по грло затоа што во просек даваат по 25 литри.
Бучковски ја повика Антикорупциската
Премиерот Владо Бучковски вчера побара од Антикорупциската комисија да го испита случајот „Бачило“.
– Поради различните толкувања од страна на Врховниот суд и Јавното правобранителство за случајот „Бачило“, како и изјавите на прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ, а за да се утврди вистинитоста, упатувам барање до Комисијата за борба против корупцијата за понатамошно разгледување на документацијата од предметот – се вели во писмото на Бучковски до Антикорупциската комисија.
Во писмото тој нагласува дека додека тој бил министер за одбрана МО постапувало законски за случајот „Бачило“
– Во постапувањето и одлучувањето на Јавното правобранителство и Јавното обвинителство за предметот, Министерството за одбрана, додека јас го раководев, не беше воопшто инволвирано и постапуваше целосно законски – вели Бучковски во писмото.
Џемаили: Ќе барам 25 милиони евра
Овојпат ќе барам отштета од 25 милиони евра за загрозување на животите на вработените и за стресот што го претрпеле од гранатирањето, изјави вчера Иснафарис Џемаили.
– Го барам виновникот што ја дал наредбата да ми се гранатираат овците. Реонот не беше воена зона и таму никогаш немаше воени дејства и активности. Наредбата е издадена од ГШ на АРМ и виновникот мора да одговара – рече Џемаили, кого го добивме на телефон и ни рече дека се наоѓа на неговото бачило на Шар Планина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руската воздушна одбрана соборила 79 украински дронови
Руската воздушна одбрана соборила 79 украински дронови во текот на ноќта, соопшти руското Министерство за одбрана.
– Во текот на изминатата ноќ, силите на воздушната одбрана на должност пресретнаа и уништија 79 украински беспилотни летала од авионски тип. Вкупно 36 беа над територијата на Ростовскиот регион, 10 над територијата на Брјанскиот регион, 9 над територијата на Курскиот регион, се вели во соопштението на министерството.
Свет
САД ги укинаа санкциите против сирискиот претседател
САД денес ги укинаа санкциите врз сирискиот претседател Ахмед ал-Шариа, само неколку дена пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Според белешката на веб-страницата на американското Министерство за финансии, САД ги отстранија ознаките за глобални терористи од ал-Шариа и сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хатаб. Велика Британија, исто така, денес ги укина санкциите врз сирискиот претседател, еден ден откако Советот за безбедност на ОН го стори истото.
Портпаролот на Европската унија денес изјави дека одлуката на ОН ќе влијае и врз мерките на ЕУ. Ал-Шариа и Хатаб претходно беа под финансиски санкции кои беа насочени кон Исламска држава и Ал Каеда.
фотo: принтскрин
Свет
Универзитетот Корнел постигна договор со Трамп за деблокирање на парите за истражување
Универзитетот Корнел денес објави дека постигнал договор со администрацијата на Трамп за моментален поврат на повеќе од 250 милиони долари од финансирањето за истражување кое беше замрзнато од април.
Претседателот на Корнел, Мајкл Котликоф, во соопштението изјави дека универзитетот ќе ѝ плати на владата 30 милиони долари и ќе инвестира дополнителни 30 милиони долари во земјоделски истражувања во текот на три години како дел од договорот.
Тој нагласи дека ниту една владина истрага или преглед на работата на универзитетот не открила дека ги прекршил законите за граѓански права. Администрацијата се согласи да ги затвори сите истраги.
Министерката за образование, Линда Мекмахон, објави на платформата X дека договорот е уште една победа во напорите за ставање крај на „поларизирачките политики на DEI“ на врвните американски универзитети кои ја сочинуваат таканаречената Ајви лига.
Администрацијата на Трамп го замрзна финансирањето на универзитетот во април бидејќи рече дека не направил доволно за борба против антисемитизмот.
Администрацијата на Трамп врши притисок врз врвните американски универзитети поради пропалестинските студентски протести, кои ги смета за антисемитски, и политиките насочени кон поттикнување на различноста, кои ги смета за дискриминаторски.
Харвард, најбогатиот и најстариот универзитет во Соединетите Американски Држави, е исто така цел на администрацијата на Трамп и започна правна битка, но сè уште бара спогодба. Трамп во септември изјави дека договорот со Харвард е блиску.
Универзитетот Колумбија и другите американски универзитети постигнаа договори со Трамп ова лето.
фото: принтскрин

