Македонија
Коњановски – Законот за посебните потреби на мировниците е добар
Законот за посебните потреби на мировниците е добар и очекувам парламентарците да го изгласаат
Законот за посебните потреби на мировниците е добар и очекувам парламентарците да го изгласаат.
Ова денеска на конференција за новинари во Скопје го изјави министерот за одбрана Зоран Коњановски.
„Со овој закон се регулирани доста права за кои досега сметавме дека правно не се покриени во Република Македонија. Сакам да нагласам дека од 2002. година нашите војници учествуваат во мировни мисии, но за жал оваа материја досега не беше правно покриена“, рече Коњановски.
Според него, при изготвувањето на законот учествувале и семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце и тогаш немале особени забелешки за текстот на законот.
„На последниот состанок што ги имав со семејствата на загинатите мировници, тие реагираа само на едно барање и имаа дополнително барање да имаат подолг годишен одмор, но тоа не беше прифатливо за нас. Второ, доколку имаат решено станбено прашање, не добиваат стан во нивна сопственост“, нагласи министерот за одбрана.
Тој додава дека е предвидено со овој закон семејствата да добијат вкупно 212 плати, или во против вредност, околу 60.000 евра што ги добива секое семејство.
Во оваа сума, 150 просечни плати се по основ на осигурување, 40 плати за претрпена душевна болка, 12 плати за покривање на погребални трошоци и 10 просечни плати за други верски обичаи.
Коњановски појаснува дека со Законот секое семејство ќе може да увезе или купи автомобил до 1.500 кубици, при што Министерството или институцијата каде е вработен војникот, ќе ги покрие трошоците за ДДВ-то и царината.
„Нивните деца понатаму ќе може да се запишуваат во средните и високите државни образовни установи, без притоа да плаќаат партиципација и надвор од квотата што е предвидена за упис“, вели министерот за одбрана.
Според него, и родителите на починатите мировници, доколку не им е решено станбеното прашање, добиваат стан од државата каде киријата ќе ја плаќа Министерството.
Доколку мировниците што живеат со нивните родители немаат обезбедено станбено прашање, тие добиваат стан во нивна сопственост.
Според Коњановски, сè она што се барало од МО во врска со истрагата околу хеликоптерската несреќа, било направено, а другото треба да го направи Обвинителството. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

