Економија
Доделени наградите за најуспешен претприемач на годината
Филмската продукција Мунлајт од Скопје ја доби наградата за најдобар претприемач во категоријата микро претпријатија, а откупниот центар Фунги Флора од Радовиш ја доби наградата во категоријата мали претпријатија.
Филмската продукција Мунлајт од Скопје ја доби наградата за најдобар претприемач во категоријата микро претпријатија, а откупниот центар Фунги Флора од Радовиш ја доби наградата во категоријата мали претпријатија.Наградите на управителот на управител на Мунлајт, Димитар Сеизов и на управителот на Фунги Флора, Јуре Горгиев им ги додели министерот за економија Ваљон Сараќини.Втората награда во категоријата микро претпријатија и припадна на Елеoнора Настова Димова, управител на рибникот „Дошница“, Неготино, додека втората награда во категоријата мали претпријатија ја доби Исмаил Османи, сопственик на градежното претпријатие „Хулуси Комерц“, Куманово.Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 60.500 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари. Министерот за економија Ваљон Сараќини, во рамките на тековниот проект „Признанија за најдобрите“, додели специјална награда за претпријатието Пескара-Вел од Велес – плакета за „Најиновативно претпријатие во 2011 година“. Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2011“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 110 микро и мали претпријатија, во периодот од 2008 до 2010 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), и кои беа избрани за најдобри. Наградата претприемач на годината се доделува по 5-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
P2P.mk на e-Commerce конференцијата: Нови пари, нова филозофија
Да се биде дел од е-Commerce конференцијата, значи да се биде таму каде што се дефинира иднината на дигиталната економија.
Над 800 учесници, десетици стартапи, инвеститори и визионери и една заедничка мисла: дека финтекот не е само технологија, туку култура на доверба.
Во рамките на програмскиот блок „How to Get Funded – the Smart Way“, публиката имаше прилика да го слушне Гого Рафајловски и Теодор Тодоровски од кои на многу различен, но комплементарен начин ја раскажаа приказната за паметните инвестиции и фер системите.

Гого Рафајловски, претставник на Zephyr Angels, ја отвори сесијата со јасна порака:
„Кешот е кислород, не насока.“
Со таа реченица го постави темелот на дискусијата, дека капиталот сам по себе не е решение ако нема стратегија, фокус и интегритет.
„Smart money е секогаш подобро од easy money. Тракцијата вреди повеќе од трансакцијата. Финансирањето не е крајна цел, тоа е стартна линија.“
Веднаш потоа, Теодор Тодоровски, извршен директор на P2P.mk, донесе поинаков агол, оној на човекот кој ја гради платформата што ја редефинира довербата во финансискиот свет.

„Понекогаш најголемата иновација не е нова технологија, туку нов начин на однос. Во финансискиот свет, каде што сите зборуваат за проценти, ние решивме да зборуваме за принципи. Затоа што само кога системот е фер, бројките навистина имаат смисла.“
Со оваа порака, P2P.mk уште еднаш го потврди својот идентитет, платформа што не ветува чуда, туку создава фер услови: транспарентност, флексибилност и доверба што се заработува, не се купува.
По презентацијата, во рамки на P2P Networking Cocktail, се сретнаа стартапи, инвеститори и претставници на водечки компании од целиот регион.

Да се биде на е-Commerce Conference за P2P.mk значи дека новата генерација на финтек решенија од Македонија може да биде рамноправен играч на европската сцена.
И дека вистинската вредност не лежи во бројките, туку во принципите што ги прават тие бројки вистински.
ПР
Економија
Дурмиши: Нови дигитални алатки и посилна инспекција за заштита на работниците
Почнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во своето обраќање на официјална промоција на проектот.
„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза, во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.
Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.
„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем што предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ги постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.
Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавците, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.

