Македонија
Ексклузивно: Документот на грчката тајна служба против Македонците
Www.forum.com.mк и неделникот Форум пред 6 месеци ексклузивно објавија официјален документ на грчките безбедносни служби од 1982 г., во кој се даваат препораки и инструкции до владата како да продолжи асимилацијата на Македонците во Грција
Документот недвосмислено покажува дека по двата прогона на македонското население во Грција во Првата балканска војна во 1913 г. (Македонците кои се протерани од Грција од тој период се нарекуваат „бежанци”) и Граѓанската војна од 1946 до 1949 г., грчкиот државен апарат го продолжува етничкото чистење врз преостанатите Македонци во регионот на Северна Грција (Егејска Македонија) со сите средства, а особено со забрана на користењето на мајчиниот македонски јазик на македонското население. Официјална Грција не го признава македонскиот јазик за официјален и постојано го нарекува „идиом”. Ако во времето на Метаксас пред Втората светска војна, Македонците во Грција зборуваа македонски, беа казнувани со ќотеци и рицинус, а сличната практика продолжи и за време на периодот на диктатурата (кој во Грција завршува во 1974 г.) – по доаѓањето на демократијата во Грција, етничкото чистење и асимилацијата продолжуваат. За ова сведочи официјален документ на грчките безбедносни служби од 1982 г., за време на владеењето на ПАСОК (грчките социјалисти под водство на Андреас Папандреу) кои во однос на македонското прашање ја продолжија политиката на монархо-фашистите и ултрадесничарите. Во 1984 г., кога Папандреу ги амнестира учесниците на Граѓанската војна и го носи Законот за репатријација, тој има дискриминаторска одредба и се однесува само на оние политички бегалци кои се изјаснуваат дека се Грци по род, додека не важи за Македонците и другите. Британските автори кои го изучувале погромот врз македонското население во Грција, како што самите велат, долго не можеле да пронајдат вистински термин за она што се случувало во Северна Грција. Со почетокот на војните во Југославија во деведесеттите години на минатиот век, велат дека се појавил и точниот израз за грчката политика кон Македонците – етничко чистење. Ви го пренесуваме документот на грчките безбедносни служби во оригинал:(Независно од ова, документот го реобјави во Грција „Виножито“) Република Грција Министерство за јавна безбедност и служба за национална безбедност Атина, 16 февруари 1982 г. Број на протокол 16502-3042 Вовед а) Активностите на скопјаните за автономија на Македонија може ефикасно да бидат спречени главно преку искоренување на нивниот идиом (македонски јазик) во регионите блиску до границата. Оваа теза се базира врз реализирани активности во други региони кои порано беа центар на “македонизмот”, како што е Касторија (Костур), а каде што сега скопската пропаганда веќе нема влијание бидејќи идиомот (македонскиот јазик) е речиси целосно искоренет. б) Овој елемент сам по себе би требало да биде доволен за да се исклучи и самата помисла за репатријација на политичките бегалци кои сега живеат во Југославија, а кои сакаат да ја промовираат “македонската идеја”, “македонскиот јазик и македонската култура”, независно од нивното учество во организациите како СНОФ (Славомакедонски народно-ослободителен фронт) и НОФ (Народно-ослободителен фронт) и активности за отцепување грчки територии за време на Граѓанската војна од 1946 до 1949 г. в) Како доказ, важно е следново: 1. Да бидат создадени државни институции кои ќе бидат зависни од префектурите во регионите што се наоѓаат блиску до границата, кои ќе бидат опремени со луѓе кои се погодни и специјално обучени за антимакедонизам. Во овие институции мора да земат учество единствено ваков тип луѓе под супервизорство на Министерството за надворешни работи, а треба тесно, но тајно да соработуваат со безбедносните служби, како и со сите други јавни институции (како што се: даночни канцеларии, училишта, црквата, армијата итн.). 2. Јавните службеници, а особено оние кои ќе бидат вклучени во образовниот процес, треба целосно да го игнорираат локалниот “идиом” (локалниот говор на македонскиот јазик). 3. Креирање и промоција на специјални семинари за едукација и обука на сите вработени во јавната администрација кои работат во регионите во близина на границата. 4. Да се создаде мотивација за оние службеници што ќе мораат да дојдат на служба во овие региони, и за други вработени, што значи да им се обезбедат средства за да платат кирија, дополнителни парични средства итн. 5. Создавање културни здруженија, како што е АРИСТОТЕЛИС во Флорина (Лерин), кои треба да добијат финансиска помош за реализација на нивните приредби, и промоција на книги, весници, списанија итн. Потоа, овие списанија треба да бидат испратени во дијаспората која има потекло од овие региони. Тоа ќе го подигне нивното национално чувство и на тој начин ќе бидат заштитени од антигрчката пропаганда што ја вршат славомакедонските организации. 6. Да се измислат и направат различни пречки (непризнавање на дипломите, одложување на воениот рок и сл.) за грчки студенти кои сакаат да студираат во Скопје. 7. Во секое село да се пронајдат највлијателните поединци кои заради својата индивидуалност и популарност привлекуваат голем број соселани и на секој начин (вклучувајќи и подмитување) да се доближиме до нив и да ги искористиме правилно за да бидат предводници во борбата против користење на идиомот (македонскиот јазик) внатре во нивниот круг. 8. Во оваа смисла, мошне позитивна улога може да изврши подмладокот на политичките партии, со проценка и координација на владата, кога ќе се создадат меѓупартиски договори. 9. Да се регрутираат во армиските сили, полициските органи и други јавни служби, лица од регионот на Флорина (Лерин) и задолжително да се испратат на служба во други региони во Грција. Да се охрабри раководството на армијата да има контакти и да склучува бракови со жени од регионот кои зборуваат на идиомот (македонскиот јазик). Шеф, Димитрис Капеларис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Македонија
Детали за кражбата на кабли во која е вмешан и полицаец: Направиле штета од 600.000 евра, а поради пожар граѓаните останале без струја
Основното јавно обвинителство Скопје објави детали за кражбата на кабли во кругот на фабриката „Железара“ во која е вмешан и полицаец. Крадците украле кабли вредни околу 440.000 евра, а направиле штета на трафостаница од околу 160.000 евра.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред 10-тина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Претходно од МВР соопштија дека на полицаецот му е определен 30-дневен притвор. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.
Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.
Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска-Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме. Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.
Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.
Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.

