Свет
„Окупирајте ја престолнината“ со голи гради против елитата
Околу 200 припадници на движењето „Окупирајте ја престолнината“ (Occupy DC), меѓу кои и момчиња и девојки со голи торза во сабота навечер по локално време протестираа пред хотелот во Вашингтон во кој на свечена вечера беше собран „градскиот крем“
Околу 200 припадници на движењето „Окупирајте ја престолнината“ (Occupy DC), меѓу кои и момчиња и девојки со голи торза во сабота навечер по локално време протестираа пред хотелот во Вашингтон во кој на свечена вечера беше собран „градскиот крем“, меѓу кои и претседателот Барак Обама со сопругата Мишел.
Групата демонстрираше заради заканите дека во понеделник ќе бидат отстранети нивните шатори на плоштадот „Мекферсон“, сместен недалеку од Белата куќа, во самиот центар на главниот град на Америка.
Пред хотелот со пет ѕвезди, во кои се одржуваше годишната гала забава од затворен тип на клубот „Алфа Алфа“, демонстрантите шетаа полуголи и танцуваа пред полицајците, наспроти ниските зимски температури. На градите на една од демонстрантка пишуваше „Слобода на изразувањето“.
Демонстрантите кои направија камп на плоштадот „Мекферсон“ во петок беа известени дека ќе бидат избркани во понеделник.
Противкапиталистичкото движење, кое под називот „Окупирајте го Волстрит“ (Occupy Wall Street) започна во септември во Њујорк, во Вашингтон функционира на две локации и под два назива: Occupy DC, чии демонстранти кампуваат на плоштадот „Мекферсон“ и „Окупирајте го Вашингтон“ (Occupy Washington), со камп на Плоштадот на слободата (Freedom Plaza). И двата се во непосредна близина на Белата куќа.
Во саботата американската полиција уапси 200 припадници на движењето „Окупирајте го Окленд“ (Occupy Oakland), откако претходно дојде до судир со нив во овој калифорниски град. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.
Свет
Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните
Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.

