Свет
Киднапирана активистка на хуманитарна организација во Чеченија
Активистка на невладината хуманитарна организација „Да ги спасиме идните поколенија“ е киднапирана во понеделник од непознати вооружени напаѓачи во Грозни, главниот град на Чеченија
„Непознати напаѓачи попладнево влегоа во нејзината канцеларија и насилно ја ставиле во автомобил. Оттогаш не се знае што се случило со неа“, изјави поранешен колега на киднапираната.Според Александар Черкасов од руската организација за заштита на човековите права „Меморијал“, киднапираната е Зарем Абдулаева, а со неа како заложник бил земен и нејзиниот сопруг.Минатиот месец исто така во Грозни беше киднапирана од пред својот дом и подоцна во близина на границата си Ингушетија ликвидирана активистка на организацијата „Меморијал“, Наталија Естемирова. Претседателот на оваа организацијата Олег Орлов за нејзиното убиство го обвини чеченскиот претседател Рамзан Кадиров. Рускиот претседател Дмитриј Медведев остро го осуди убиството на Естемирова и побара доследна и сеопфатна истрага од страна на чеченските власти.„Републичкото министерство за внатрешни работи и другите безбедносни структури ги проверуваат информациите за грабнувањето на Садучлаева и нејзинито сопруг. Во овие структури не е регистрирана поднесена пријава за киднапирањето“, изјавил извор на агенцијата РИА Новости. Представник на Истражната управа на Руската Федерација за Чеченија исто така изјавил дека „.. “со информација или пријава за киднапирање на соработник на невладината организација ’Да ги спасиме идните поколенија’, досега никој не се обратил“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги принудиме ниту Киев ниту Москва на договор
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина не се наметнува договор и дека и Киев и Москва мора самите да сакаат да постигнат спогодба.
„На крајот, на нив е да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина, ниту Русија. Тие тоа мора да го сакаат“, рече Рубио, додавајќи дека има напредок, но дека остануваат тешки прашања.
Украинските преговарачи во петок започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим, а претставници на Белата куќа планираат разговори и со руската делегација во Мајами. Рубио најави дека би можел да се приклучи на дел од тие разговори.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Рубио предупреди дека „нема да има мир во Газа без разоружување на Хамас“, нагласувајќи дека стабилен мир не е можен доколку Хамас остане во позиција да го загрозува Израел.
Depositphotos
Свет
САД објавуваат стотици илјади документи од досието на Џефри Епстин
Министерството за правда на САД денеска ќе објави неколку стотици илјади документи од досието на Џефри Епстин, потврди заменик-државниот обвинител Тод Бланш. Сепак, најавата веднаш предизвика остри реакции, откако Бланш навести дека дел од документите нема да бидат објавени веднаш, како причина наведувајќи ја потребата од заштита на жртвите.
„Денес ќе објавиме неколку стотици илјади документи, а тие ќе бидат во различни форми – фотографии и други материјали поврзани со сите истраги за господинот Епстин“, изјави Бланш.
„Најважното нешто за кое зборуваа државната обвинителка [Пем Бонди] и директорот на ФБИ [Кеш] Пател е дека ги штитиме жртвите. Затоа го правиме следново: го прегледуваме секој поединечен документ што ќе го објавиме, осигурувајќи дека секоја жртва – нејзиното име, нејзиниот идентитет, нејзината приказна, ќе бидат заштитени“, рече Бланш.
„Очекувам да објавиме уште документи во текот на следните неколку недели. Значи, денес неколку стотици илјади, а потоа, во следните неколку недели, очекувам уште неколку стотици илјади“, додаде тој.
Одлуката да не се објават сите документи одеднаш предизвика бран критики. Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, остро го осуди планот на Министерството за правда.
„Законот што го донесе Конгресот и што го потпиша претседателот Трамп беше јасен како ден – администрацијата на Трамп имаше 30 дена да ги објави СИТЕ документи за Епстин, а не само некои“, порача Шумер во изјава.
„Неисполнувањето на тоа претставува кршење на законот. Ова само покажува дека Министерството за правда, Доналд Трамп и Пем Бонди се решени да ја сокријат вистината.“
Тој најави дека демократските сенатори соработуваат со адвокатите на жртвите за да проценат кои документи се задржуваат.
„Нема да застанеме додека целата вистина не излезе на виделина“, заклучи Шумер.
Слично реагираше и републиканскиот пратеник Томас Меси, еден од авторите на Законот за транспарентност на документите за Епстин. На социјалната мрежа „Икс“ тој објави фотографија од текстот на законот, нагласувајќи го делот што наложува објава на „сите“ документи во рок од 30 дена.
„Времето истече. Објавете ги документите“, напиша Меси.
Ден претходно тој предупреди дека адвокатите на жртвите знаат „дека постојат најмалку 20 имиња на мажи обвинети за сексуални злосторства во посед на ФБИ“.
„Ако добиеме голема објава на 19 декември и таа не содржи ниту едно име на маж обвинет за сексуално злосторство или трговија со луѓе за сексуални цели или силување или нешто слично, тогаш знаеме дека не се објавени сите документи. Толку е едноставно“, порача Меси.
Водечките демократи во комитетите за надзор и правда на Претставничкиот дом, Роберт Гарсија и Џејми Раскин, објавија заедничка изјава во која ја осудија „одлуката на администрацијата на Трамп да му пркоси на Законот за транспарентност на документите за Епстин“.
„Доналд Трамп и Министерството за правда сега го кршат федералниот закон, додека продолжуваат да ги прикриваат фактите и доказите за деценискиот, меѓународен синџир на трговија со луѓе за сексуални цели, вреден милијарди долари, поврзан со Џефри Епстин.
Со месеци Пем Бонди им ја ускратуваше транспарентноста и одговорноста што преживеаните ги бараа и ги заслужуваат и му пркосеше на судскиот налог на Комитетот за надзор. Министерството за правда сега јасно става до знаење дека има намера да му пркоси и на самиот Конгрес, дури и додека му обезбедува повластен третман на осудената соучесничка на Епстин, Гислејн Максвел“, се наведува во изјавата.
„Судовите низ целата земја повеќепати интервенираа кога оваа администрација го прекрши законот. Сега ги разгледуваме сите правни опции соочени со ова кршење на федералниот закон. Преживеаните од овие кошмари заслужуваат правда, соучесниците мора да бидат повикани на одговорност, а американскиот народ заслужува целосна транспарентност од Министерството за правда“, заклучија тие.
Свет
Украина почнува нов круг разговори со САД за завршување на војната
Украинските мировни преговарачи почнуваат нов круг разговори со американскиот тим за предлозите за завршување на војната со Русија, изјави шефот на украинската делегација, Рустем Умеров.
Тој наведе дека во разговорите ќе бидат вклучени и европските партнери на Киев и дека веќе се одржани прелиминарни консултации.
„Конструктивно сме насочени. Се подготвуваме за понатамошни разговори со американската страна“, рече Умеров, додавајќи дека безбедноста на Украина мора да биде долгорочно и сигурно гарантирана.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп настојува да стави крај на речиси четиригодишната војна. Претходно неделава, претставници на Белата куќа разговараа со украински и европски функционери во Берлин.

