Македонија
Апелација потврди пресуда за Бајруш Сејдиу

Апелациониот суд ја потврди петгодишната затворска казна за тобако босот Бајруш Сејдиу.
Апелациониот суд ја потврди петгодишната затворска казна за тобако босот Бајруш Сејдиу.
Пресудата е за случајот „Пепел“ во кој им се судеше на вкупно 32- ца обвинети во криминалот со фалсификување на цигари, неплаќање акцизи и злосторничко здружување. Неколкумина додека беа во притвор ја отслужија и казната. Со првостепената пресуда само зетот на Бајруш беше ослободен од обвинението.
Станува збор за криминална организација со јасна структура и хиерархија, констатираше судот кога ја соопшти пресудата. Осудените ја оштетиле државата за околу 6.5 милиони евра, пари кои треба да ги вратат, во спротивно ќе им биде конфискуван имот. Државата во име на дневни глоби од осудените ќе инкасира и 100.000 евра.
Веднаш по апсењето на групата беа откриени над 20 тони цигари, на разни локации. Најбогатиот кумановец Бајруш Сејдиу е сопственик на неколку фирми и фабрики, поседува мотел и фудбалски клуб. Има уште една пресуда за која Апелација ќе расправа, а тоа е 12 години затвор за криминални приватизации на четири кумановски фирми, перење пари и насилство. /крај/км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески

Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата“, велат од партијата.
Од таму изразија надеж дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески.
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.