Свет
Индонезискиот вулкан Синабунг повторно еруптираше

Индонезискиот вулкан Синабунг на Северна Суматра денеска повторно исфрла жешка пепел, објави Центарот за тревожење.
Индонезискиот вулкан Синабунг на Северна Суматра денеска повторно исфрла жешка пепел, објави Центарот за тревожење. Синабунг еруптираше првпат по 400 години во неделата и понеделникот, поради што 30.000 луѓе мораа да побегнат од своите домови, пренесува Хина. „Црн чад излегуваше од вулканот и татнењето се слушаше во опсег од осум километри“, изјави Суроно, директор на Центарот за вулканологија. Тој ги советува властите да ги евакуираат селата во текот на ноќта и изрази надеж дека тоа е последна ерупција и дека селаните ќе можат да се вратат во домовите. Индонезија има околу 500 вулкани, од кои речиси 130 се активни, а 69 се сметаат за опасни. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Судот на ЕУ одлучува дали фон дер Лајен требало да ги предаде пораките со шефот на „Фајзер“ на новинар

Судот на ЕУ денеска ќе одлучи дали Европската комисија имала право да ги сокрие од јавноста СМС-пораките разменети меѓу нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, во пресрет на потпишувањето на договорот за набавка на вакцина против коронавирус.
Тужбата ја поднесоа „Њујорк тајмс“ и неговата дописничка Матина Стевис-Гриднеф, во која се тврди дека е прекршено правилото за транспарентност откако Комисијата одби да ги предаде текстуалните пораки по барање. Во април 2021 година, еден новинар откри дека фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“ размениле СМС-пораки пред потпишувањето на договорот за купување на вакцината.
Следната година, таа побара сите текстуални пораки разменети меѓу фон дер Лајен и Бурла помеѓу 1 јануари 2021 година и 11 мај 2022 година, според законското право за пристап до јавни документи на ЕУ.
Одбивањето од страна на Комисијата ја поттикна да го поднесе случајот до Европскиот суд на правдата, со поддршка на нејзиниот весник. Како што објави „Њујорк тајмс“, личниот контакт меѓу фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“ беше клучен за постигнување договор за купување вакцини во ЕУ во вредност од милијарди евра во екот на пандемијата.
Во пролетта 2021 година, Комисијата, во име на 27-те земји-членки на ЕУ, склучи договор вреден до 35 милијарди евра, доколку биде целосно имплементиран, за 1,8 милијарди дози од вакцината. Кога го отфрли барањето на новинарот, Комисијата тврдеше дека нема такви документи.
Справувањето со договорите за вакцини против коронавирус од страна на Комисијата предизвика критики. Во 2022 година, Европскиот омбудсман, независно тело, остро го осуди одговорот на Комисијата на барањата за пристап до текстови. Европскиот јавен обвинител моментално истражува и купување вакцини против коронавирус во ЕУ.
Европа
Русите тврдат дека Украинците го нападнале Белгород со дронови еден ден пред најавените преговори

Во серија украински напади со беспилотни летала врз регионот Белгород повредени се најмалку 16 лица, изјави денес гувернерот на регионот во југозападна Русија што граничи со Украина.
Меѓу повредените има лекар и болничар, изјави гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, во апликацијата за пораки Телеграм. Осум лица се хоспитализирани, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана објави дека неговите единици уништиле 12 беспилотни летала лансирани од Украина преку ноќ, од кои три над Белгородската област. Министерството известува само за бројот на уништени дронови, а не колку биле лансирани од Украина.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди руските извештаи. Засега нема коментари од Украина. Двете страни негираат дека таргетирале цивили во војната што Русија ја започна со инвазијата на Украина во 2022 година.
Свет
Трамп: Само будала не би прифатила бесплатен авион од Катар

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави дека има намера да го прифати авионот Боинг 747-8, вреден 400 милиони долари, како подарок од катарското кралско семејство. Авионот би служел како претседателски авион, „Ер Форс Уан“.
„Боингот 747 ќе им биде даден на воздухопловните сили/Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави, НЕ МЕНЕ! Тоа е подарок од земја – Катар – која успешно ја браниме со години. Нашата влада ќе го користи како привремен „Ер Форс Уан“, сè додека не пристигнат нашите нови авиони „Боинг“, кои сериозно доцнат. Зошто нашата војска, а со тоа и нашите даночни обврзници, треба да плаќаат стотици милиони долари кога можат да го добијат БЕСПЛАТНО од земја која сака да нè награди за добро завршена работа? Огромните заштеди наместо тоа ќе бидат искористени за да ЈА НАПРАВИМЕ АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА! Само БУДАЛА не би го прифатил овој подарок во име на нашата земја. Ви благодариме за вашето внимание!“ напиша Трамп.
Некои членови на Демократската партија го нарекоа можниот потег на Трамп „грубо нелегален“ – што Белата куќа го негира – а критики стигнаа и од некои од поддржувачите на Трамп.
Самиот Катар претходно изјави дека би било „неточно“ авионот да се нарече подарок и изјави дека преговорите сè уште се во тек.