Македонија
Рикер: Имагинацијата е граница на САД
На собраниската Комисија за надворешни работи, денеска, амбасадорот Рикер ги изрази своите надежи дека американската политика кон Македонија нема да се промени, но рече дека уште е рано да се знае како ќе настапи администрацијата на Обама
Американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер, не сакаше да ги потврди надежите на Македонија дека американската политиката ќе продолжи со поддршката на државава, по доаѓањето на Барак Обама на местото на претседател на САД. Признавањето на Косово од страна на Македонија, според Рикер, е добар потег. Тој порача Македонија да води своја политика во правец на ЕУ и НАТО интеграциите, и да најде заедничко решение со Грција за проблемот со името. Според него, изборот на Афроамериканец за претседател на САД, само ќе ја зацврсти позицијата на лидер во светот на неговата држава. „Најголем број од државните службеници ќе останат на своите работни места за да продолжи континуитетот на работата, со што САД покажува дека ја надмина теснополитичката состојба“, рече Филип Рикер. Тимот на Обама, побарал од сите амбасадори на САД во светот, да испратат допис за состојбите во земјите во кои работат, при што Рикер рече дека ќе направи се што е можно да ги прикаже состојбите во Макеонија реално. Владо Бучковски од СДСМ, изрази сомневање во продолжувањето на позитивната политика на САД кон Македонија. „Не верувам дека Македонија може да биде поддржувана како до сега од САД“, рече Бучковски. Американскиот амбасадор смета дека Македонија има многу пријатели во Конгресот на САД и дека тие ги поддржуваат напорите на Македонија во спорот со името со Грција, но рече дека најважно е двете земји да изнајдат решение со медијаторство на евроамбасадорот Метју Нимиц. Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ сакаше преку анегдота да му ги пренесе гледиштата на Македонија во однос на името. Тој раскажа како на трибина во источниот дел на Македонија, некој постар човек рекол дека неговото име, што му го дале мајка му и татко му, е Димитар, за така да го викаат другите, а не сам да се нарекува така. На што, амбасадорот Рикер, рече, “Димитар, во САД би бил Џејмс, а луѓето што го носат тоа име ги нарекуваат Џим, Џими, и тоа се однесува на истата личност. Идентитетот не е сменет. Јас работам со еден Димитар и му се ибраќам со Митко. Познавам многу Митковци“. Амбасадорот Рикер ја поздрави одлуката на Македонија да го признае Косово, со што, како што рече, Македонија добива близок сосед за пријател. Според него, Косово треба да биде мултиетничка држава, а за тоа САД треба да ги реши разликите во ставовите со Србија. Тој направи паралела на изборите кај нас и оние во САД, при што рече дека следните локални и претседателски избори треба да се спроведат без инциденти, како што веќе Македонија ги имаше во 2006 година. „И САД пред осум години имаше лошо спроведени избори кога имавме проблеми во Флорида, но тоа треба да се избегнува“, рече Рикер. Во своето излагање тој посочи дека САД, со изборот на Барак Обама за претседател, направиле голем чекор напред во однос на расните предрасуди и дека им требале 50 години да стигнат на тоа ниво. „Пред педесет години, да се има Афроамериканец за претседател, беше незамисливо. Сега, само имагинацијата ни е граница“, рече Рикер, порачувајќи и на Македонија да се грижи за своите ставови и цели, што вклучуваат интеграции во Европската Унија и НАТО, а не за Грција. Тој повтори дека САД сметаат дека местото на Македонија е во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

