Економија
Јанакиески:ЕК нотираше напредок во ресорот транспорт и врски

Напредок во сите сектори во ресорот транспорт и врски забележан е во последниот извештај на Европската комисија (ЕК) за Македонија, што е потврда за заложбите и реализираните проекти на ресорното министерство.
Ова денеска на прес конференција во Скопје го изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, посочувајќи дека ЕК констатирала напредок во областите на електронските комуникации и информациските технологии, како и во областа на патниот, железничкиот, воздушниот сообраќај и внатрешната пловидба.
„Ние нема да запреме тука, туку охрабрени од позитивните резултати ќе продолжиме да имплементираме проекти и активности кои се насочени кон целосно унапредување на сферата на транспортот и комуникациите и имплементирање на европските директиви и стандарди“, рече Јанакиески.
Тој информираше дека веќе бил составен акционен план за преземање на дополнителни активности во сите сектори од ресорот транспорт и врски, со цел комплетно усогласување со барањата на Европската Унија.
Осврнувајќи се на забелешката од страна на ЕК која се однесува на исполнувањето на условите за докажување на финансиската стабилност од страна на транспортните компании, Јанакиески истакна дека поради економската ситуација во која се наоѓаат македонските транспортни компании предвидено е македонското законодавство таа одредба да ја усогласи со европското на почетокот на 2013 година
„Предвидено е од 2013 година да започне да се применува одредбата која предвидува капитал од 9.000 евра за прво возило и по 5.000 евра за секое наредно возило. Со сегашните законски одредби нашите транспортни компании е предвидено да прикажат капитал од 3.000 за прво возило и по 2.000 евра за секое наредно возило“, рече Јанакиески.
Според министерот за транспорт, Владата со цел дополнително да се подобри патниот сектор, предвиде средства за дополнително зајакнување на капацитетот на Државниот инспекторат за транспорт, со што ќе се овозможи уште поголема контрола и надзор на превозот во патниот сообраќај и јавните патишта.
Запрашан дали вродила со плод неговата неодамнешна забелешка дека голем дел од пријавите на инспекторите за транспорт завршуваа во судските фиоки, Јанакиески рече дека за тоа наскоро треба да се произнесе Судскиот совет.
Посочувајќи дека развивањето и изградбата на паневропските коридори се приоритет на Владата, Јанакиески информираше дека во завршна фаза е изградбата на делницата Куманово – Табановце како дел од патниот коридор Х.
„Изработен е проектот за изградба и на делницата Демир Капија – Смоквица, кој треба да се реализира со средства од претпристапните фондови на Европската Унија и од Буџетот“, рече Јанакиески.
Тој додаде дека во однос на трансевропските енергетски мрежи бил постигнат солиден напредок и од страна на Министерството за транспорт и врски е подготвена студијата за оправданост за приоритетни гасоводни конекции. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ поскапуваат бензинот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,00 отсто во однос на одлуката од 20 јуни.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 6,182%, кај дизелот за 2,172%, кај екстра лесното масло за 6,442% и кај мазутот зголемувањето е за 2,609%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1578%.
Од 24.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,687 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.