Македонија
Целосно заокружена реформата на средното образование
Со воведувањето на новите концепции за средното стручно образование, целосно се заокружува реформата на средното образование, заклучи денеска Министерот за образование и наука, Никола Тодоров
„Целосно се заокружува реформата на средното образование, имаме образование за стручно оспособување – до двегодишното средно образование, имаме тригодишно стручно образование и стручно образование кое е четиригодишно, а првпат се воведува и концептот на пост средно образование,“ изјави Тодоров кој додаде дека сите овие концепции и сите овие нивоа на образование се познати, признати и се користат во поголемиот дел на европските образовни системи.„На овој начин и Македонија се приклучува во семејството на реформирани европски образовни системи особено во делот на средното стручно образование,“ рече Тодоров.Министерот информираше дека од вкупно 21 илјади ученици, околу 8.500 ученици се запишуваат во гимназиското образование, околу 13 илјад се запишуваат во средното стручно образование а само 1.700 ученици се запишуваат во тригодишното средно стручно образование, и практично истиот овој процент можеби и помал, ќе биде на оние кои ќе се запишуваат во додвегодишното образование. „Ова се однесува на оние кои испаѓаат од системот. Кога ќе испадне некој од системот на четиригодишното или од тригодишното образование ќе може да биде вклучен на двегодишно или едногодишно образование,“ рече Тодоров. Тој смета дека има определена категорија на ученици кои имаат проблеми во проодноста во основното образование и нивното вклучување во тригодишното или четиригодишното образование само го обременува системот, и го прави целиот процес на образование потежок за целата околина и затоа овие ученици најчесто ќе се одлучуваат за двегодишно или едногодишно стручно оспособување.Се очекува новите концепции во образованието да започнат од следната учебна година.Стручното оспособување е наменето за учениците кои по завршувањето на основното училиште, нема да ја продолжат својата едукација во гимназиско или во некој друг вид и ниво на стручно образование четиригодишно или тригодишно. Од министерството велат дека на овој начин се продолжува задолжителното образование по завршувањето на основното образование односно се задоволува принципот за задолжително средно образование и стекнување на образование за прво занимање. Наставните планови ќе овозможат проодност кон повисоки нивоа на образование. Со оваа концепција се предвидува зголемен фонд на практична настава за сметка на теоретска настава, што е и една европска ориентација на стручното образование, сметаат од МОН.Стручното образование за занимања – тригодишно средно образование, на младите и возрасните им дава можност да се стекнат со стручни квалификации односно релевантни компетенции неопходни за вработување и работа во определено подрачје на струката. Оваа концепција ги содржи сите образовни компоненти и соодветствува на потребите на пазарот на трудот и дава можност за проодност кон техничко, пост средно и високо образование, велат од МОН. Предвидува зголемување на фондот на часови за практична настава на 50 отсто од вкупниот фонд на часови.Пост средното образование овозможува стекнување на квалификации кои се наоѓаат во просторот меѓу средното стручно и високото образование.„Оваа концепција дава продлабочени знаења и компетенции релевантни за пазарот на трудот и обезбедување на можности за напредување во натамошно образование особено во високото стручно образование,“ рече Тодоров кој додаде дека оваа концепција се воведува бидејќи постојната програмска структура на постсредното образование не одговараат на потребите на пазарот на трудот и на современите тенденции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

