Македонија
Имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации со недостатоци
Имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер сеуште се соочува со недостатоци во подготвеноста и професионалноста на институциите и имателите на информации.
Имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер сеуште се соочува со недостатоци во подготвеноста и професионалноста на институциите и имателите на информации.
Ова денеска го изјави Јасмина Брезовска, координатор на проектот за „Воспоставување на систем и Заштита и промоција на правото на слободен пристап на информации во Република Македонија“, презентирајќи го извештајот за анализата на имплементација на Законот.
Анализата на имплементацијата на Законот ја спроведе Македонското здружение на млади правници во соработка со Фондацијата Институт отворено општество и според добиените податоци може да се заклучи дека институциите не се брзи и ефикасни во актуелизацијата на правото на слободен пристап до информации и не ја доставуваат информацијата во пристоен временски рок.
Брезовска истакна дека главна пречка за комплетна и ефективна примена на Законот во пракса е недостатокот од основна едукација за имателите на информации за основните цели на Законот и нивните загарантирани права и обврски.
Три години по имплементација на Законот, Брезовска нагласи дека основни пречки за имплементација на Законот се погрешната интерпретација на институцијата „молчење на администрацијата“, недостаток од службени лица одговорни за слободен пристап до информации, неможноста на Комисијата да води прекршочни постапки и да изрекува прекршочни санкции, нередовното ажурирање на Листата на иматели на информации од јавен карактер и др.
Исто така, огромен проблем претставува фактот дека имателите на информации во најголем број случаи се повикуваат на некои исклучоци од Законот тврдејќи дека бараната информација е класифицирана како доверлива или дека сеуште е во подготвителна фаза или пак дека не ја поседуваат бараната информација.
Според анализата, забележан е благ но недоволен пораст на свеста кај имателите на информации и сеуште има квалитативни промени кои треба да се направат преку дополнувања и измени на сегашниот Закон.
Имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации започна во септември 2006 година со што Македонија стана една од 75 земји во светот кои имаат закони или акти кои го гарантираат правото на пристап до информации од јавен карактер./крај/иа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
Македонија
Левица поднесе амандмани за измените на Кривичниот законик
Левица поднесе амандмани кон Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик предложен од пратеници од ДПМНЕ, насочени кон заострување на казнената политика за делата за злоупотреба на службената положба и овластувања и за несовесно работење во службата.
„Иако ДПМНЕ овие измени сака да ги претстави како санација на штетните измени на Кривичниот законик од 2023 за кои тие обезбедија кворум и врз основа на кои измени застареа над 80 предмети и се амнестираа нивни функционери – фактички, малициозно, манипулативно тие ја ублажуваат казнената политика и го олабавуваат обемот од претходниот Кривичен законик. Дополнително, како што укажавме и претходно, со предложениот текст од ДПМНЕ, се создава правна рамка што овозможува побрзо застарување, поблаги санкции и реална можност за условни казни за најтешките форми на корупција“, велат од партијата.
Додаваат дека поднесените амандмани се во насока на укажувањата на Уставниот суд и потребата од заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции, имајќи предвид дека искуството ни покажува дека истите често се склони кон злоупотреби за време на вршење на својот мандат.
„Имено, наместо предложената екстензивна одредба која намерно предвидува дупки во злоупотребата на службената положба при вршењето на јавни набавки, Левица предложи зголемување на казната и враќање на старата одредба која едноставно го опфаќа секој елемент од злоупотребата при овој процес, а предложи и прибавената имотна корист при злоупотребите на позицијата да биде одземена. За делото „Несовесно работење во службата“, покрај заострувањето на казните, Левица амандмански предложи и министрите, директорите, односно службените лица од органите на државната управа да одговараат, што не е предвидено во измените предложени од пратениците од ДПМНЕ. Кон ова, во амандманот се предлага казнување и доколку делото е сторено од небрежност“, велат од партијата и ги повикаа пратениците на утрешната комисиска седница да ги поддржат амандманите.
Македонија
ФЗОМ воведе нови онлајн услуги за граѓаните: „Повеќе нема непотребно чекање на шалтери“
Министерството за дигитална трансформација и Фондот за здравствено осигурување објавија воведување нови електронски услуги од областа на здравственото осигурување и техничко поврзување на ФЗОМ со Централниот регистар на население (ЦРН), со што се поедноставуваат постапките и се намалува административниот товар за граѓаните и бизнисите.
На денешната прес-конференција, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека целта на Министерството е јасна: „јавните услуги да бидат достапни, поврзани и ориентирани кон потребите на граѓаните и бизнисите.“
Министерот нагласи дека станува збор за услуги кои директно го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар и го елиминираат непотребното чекање и физичко присуство на шалтери.
За правните лица, за прв пат е овозможена електронска услуга за:
Издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (целосно дигитално, достапно во секое време).
За физичките лица, воведени се следните е-услуги:
Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување,
Потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес,
Потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
„Овие услуги се само почеток на системска дигитална трансформација, а не изолирани технички решенија,“ порача министерот Андоновски.
Посебен акцент беше ставен на воведувањето на единствената најава.
„Корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат во системот за единствена најава – SSO,“ рече Андоновски, додавајќи дека граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил непречено да се движат и користат услуги на различни институционални портали, без повторно најавување и без дополнителни административни бариери.
Од денес, ФЗОМ е и технички поврзан со ЦРН, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци за граѓаните. Министерот истакна дека преку ова поврзување, ФЗОМ во рамки на речиси 40 управни и деловни постапки користи податоци од ЦРН како единствен референтен извор со што се намалуваат грешките и потребата од рачно внесување податоци.
Ова поврзување, меѓу другото, се применува во постапки како: пријава и одјава на здравствено осигурување, утврдување својство на осигурено лице, боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, двојазични обрасци, рефундации, потврди и други права и обврски во надлежност на ФЗОМ.

