Економија
Министерот Сараќини на конференција на земјите на ЈИЕ

Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска учествуваше на Министерската конференција на земјите на Југоисточна Европа, во организација на ОЕЦД, Владата на Словенија и Регионалниот совет за соработка, на тема „Визија за земјите од ЈИЕ 2020“.
Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска учествуваше на Министерската конференција на земјите на Југоисточна Европа, во организација на ОЕЦД, Владата на Словенија и Регионалниот совет за соработка, на тема „Визија за земјите од ЈИЕ 2020“. Конференцијата беше насочена кон економските реформи во земјите од Југоисточна Европа за следните 10 години, а нејзината главна цел беше да се даде нова визија за регионот во ЈИЕ. Оваа визија е базирана на 10-годишната Стратегија – „Европа 2020“, предложена од ЕК на 3 март 2010, со цел обновување на економиите на земјите од ЕУ. Стратегијата ги потенцира идеите за одржив развој со поголема координација помеѓу националните политики на земјите во регионот и ЕУ. Таа посебно го потенцира значењето на иновациите, способностите и вештините, креирањето на нови работни места, индустриската политика во ерата на глобализацијата, ефикасното искористување на ресурсите и обновливите извори на енергија, продлабочувањето на регионалната соработка во областа на трговијата, инвестициите и туризмот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.