Македонија
Дваесет години од првата Македонска влада
Премиерот никола Груевски истакна дека нема да се отстапи од аманетот кој е оставен од првите македонски министри и премиер, во неговото обраќање пред членовите од првата влада на независна Република Македонја од чиешто формирање денеска се навршуваат две децении
„Предизвиците со кои првите македонски министри и премиер се соочија и ги надминаа, осамостојувањето, промовирањето на демократијата, градењето на политичкиот систем, имплементацијата на самостоен економски систем, градењето сопствена полиција и армија, развојот на образованието и културата, остануваат врвно сведоштво на еден модерен патриотизам и вечен завет да продолжиме со реформите, создавањето нови вредности кои ќе бидат од значење и корист за нашите граѓани“, рече премиерот Никола Груевски.Нагласувајќи оти ќе продолжи делото на првата македонска влада, премиерот укажа дека тоа бара многу енергија, знаење, вештини и вложување на нашиот сеопшт потенцијал и капацитет.„Обезбедувањето услови за натамошен економски развој на земјата и подобрување на стандардот на граѓаните, создавањето можности за општ културен и образовен напредок, за унапредување на демократијата, соживотот, мултиетничката и мултикултурна соработка, почитување, понатамошно модернизирање и реформирање на сите полиња на општествениот живот, се аманет кој ни беше оставен и од кој нема да отстапиме и ќе го оствариме“, посочи премиерот.Ѓорги Наумов, поранешен министер за правда, смета дека 20 години историски гледано не е долг период, затоа што држава како што рече, не се создава лесно.„Македонија сè уште има детски болести, но не е така лошо како што некој сака да прикаже. Државата можеби треба да посвети повеќе внимание на социјалната политика, бидејќи по Устав нашата држава е социјална држава“, изјави по средбата Наумов.Поранешниот министер за финансии Јане Миљоски очекува дека раководствата на политичките партии заеднички ќе формулираат стратешки цели за Македонија кои ќе ја одведат земјата напред.„Првата влада одлично ја заврши својата работа. Повеќе не можеше, повеќе сакавме, но тоа е времето“, изјави Миљоски.Според поранешниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, првата влада успеала да направи значајни гестови, посебно повлекувањето на ЈНА, Уставот како генерален акт и економската консолидација на државата.По повод 20 години од првата влада на независна Македонија, претседателот на државата Ѓорге Иванов постхумно го одликуваше со орден на заслуги „8-ми Септември“ првиот премиер Никола Кљусев, а претходно премиерот Никола Груевски положи свежо цвеќе на гробиштата во Бутел.Во хотелот „Холидеј ин“, пак, беше организиран свечен прием на кој присуствуваа бројни пратеници, министри, градоначалници, амбасадори, јавниот обвинител, народниот правобранител, претставници од АРМ, пратеници, универзитетски професори, амбасадорот на Европската унија, Петер Соренсен, амбасадорот на САД, Филип Рикер и други.По одржаните парламентарни избори во 1990 година, Собранието на 20 март 1991 ја изгласа првата влада на тогашната Социјалистичка Република Македонија по воведувањето на политичкиот плурализам. На чело на првата Влада беше избран Никола Кљусев, а таа по својот карактер беше техничка влада. Согласно Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, основна цел на новата влада беше конституирање на Република Македонија како независна држава.Поради меѓупартиските конфликти, оваа влада не траеше долго. На 17 август 1992 година на оваа влада Македонското собрание и’ изгласа недоверба.Прв премиер беше Никола Кљусев, а за вицепремиери беа избрани Блаже Ристовски, Јован Андонов и Бекир Жута. Во владата имаше 15 министерства и тројца министри без ресор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи. Тој кажа дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.
„Не прекин, не црна листа, туку пауза, ќе напоменам за постапки за иселенички визи“, рече Муцунски.
Министерот појасни дека не е загрозено издавањето туристички визи, студентски визи како и визи во рамки на програмата „Ворк енд травел“.
„Ова не влијае на сите други постапки за издавање на визи за САД. Доколку сте стопанственик, слободно ќе можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој што сака да студира во САД или да оди на ‘Ворк енд травел’ ова значи дека нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, Светското првенство во фудбал ќе се одржи во САД, исто така, ќе може да патувате туристички“, рече Муцунски.
Тој порача дека јавноста во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненади од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно, како што рече, да почнеме да затвораме прашања кои што 20 години се обидуваме да ги затвориме.
Македонија
Забранети дополнителни 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307 досега
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска потпиша налог за ограничување на пристапот до нелегални веб-страници и веб-апликации преку јавните електронски комуникациски мрежи, во случаи на нелегално приредување игри на среќа.
Со најновиот налог се опфатени дополнителни 33 нелегални веб-страници, што значи дека вкупниот број на досега опфатени (забранети) нелегални страници изнесува 307.
Налогот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации, која е должна во рок од пет дена да го достави до операторите на електронски комуникациски мрежи за спроведување.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со континуирани мерки за сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа на интернет, со цел заштита на граѓаните и безбедност во дигиталниот простор.
Македонија
Герасимовски: Поддршката за новороденчињата зголемена од 7.000 на 10.000 денари, инвестираме во нова градинка во Центар
Општина Центар ја зголемува финансиската поддршка за младите семејства и за пензионерите, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари“, изјави Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со континуирана поддршка за семејствата со новородени деца. Финансиската помош ќе ја добијат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на општината.
Покрај директната финансиска поддршка, мерката овозможува и прецизна евиденција на бројот на новородени деца на годишно ниво, што претставува основа за следење на демографските движења во општината. Овие податоци се користат и за поефикасно планирање на капацитетите во детските градинки во Центар.
Дополнително, предвидени се капитални средства за изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, со капацитет за згрижување на околу 100 деца.
Во рамки на социјалните мерки, Општина Центар ја зголеми и еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања, од 2.500 на 5.000 денари.
Истовремено, во тек се подготовки за изградба на дом за стари лица на територијата на Општина Центар.
Фото: Depositphotos

