Свет
Полицајци диво копаат по локалитети

Државни службеници од МВР се замешани во диви ископувања на археолошкиот локалитет Чашка, Велешко, тврди директорот на Управата за заштита на културното наследство, Јован Ристов.
скандалозни сознаниЈа на УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО Весна Ивановска
Државни службеници од МВР се замешани во диви ископувања на археолошкиот локалитет Чашка, Велешко, тврди директорот на Управата за заштита на културното наследство, Јован Ристов. Инспекција од Управата на самото место фатила вработени во МВР како го "обработуваат" локалитетот, но тие ги спречиле инспекторите за културно наследство да направат увид и да забележат колкав дел од локалитетот е оштетен. Во МВР велат дека им е познат случајот, но негираат дека нивни службеници биле замешани и дека ја спречиле инспекцијата да работи.
Ристов е категоричен дека се евидентирани 18 лица што диво копале, меѓу кои и вработени во МВР. Се уште не се поднесени кривични пријави против сите, зашто дел од случаите се уште се на обработка во Управата. Од дивите копачи се запленети околу 300 предмети.
– Во Чашка работат диви копачи на чело со државни службеници од МВР. Поднесовме извештај во МВР и ги известивме дека во нивна единица се случува нешто, дека нивни луѓе се фатени на "лице место", дека ја спречиле нашата инспекција да дејствува – вели Ристов.
Горан Павловски, шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи, вели дека на МВР му е познат случајот со Чашка, кога пред околу три месеци на приватен имот се вршеле ископувања со булдожер.
– Проверивме уште тогаш. Обвинувањата веројатно се однесуваат на началникот на полициската станица во Чашка. Тоа не е точно. Инспекторите за културно наследство извршиле инспекција на теренот – вели Павловски.
Ристов, пак, го тврди спротивно:
– Во секој случај, тажно е што се уште постојат такви работи. Наша обврска е да ги известиме за да поведат кривична пријава против сторителите. Не можеме да се мешаме во нивните внатрешни процедури ниту, пак, тие се должни да ни кажат што направиле – вели Ристов.
Тој објаснува дека во последните шест месеци, како и во претходниот период, за дивите копачи најатрактивни се три локации: Чашка, Струмица, на планината Беласица и Исар-Марвинци, кај Валандово. Тој е категоричен дека сите сторители треба да се појават пред суд, да сносат дисциплински последици, без разлика каков е нивниот општествен статус.
Според Павловски, досега против ниеден вработен во МВР не била поднесена кривична пријава за замешаност во диви ископувања.
– Кога би се утврдило, против нив би биле поднесени кривични пријави и би биле преземени дисциплински мерки – објаснува Павловски.
На прашањето дали во дивите ископувања на трите локалитети се замешани и луѓе од музејската дејност, Ристов вели:
– Немаме цврсти докази. Има индиции за случајот во Струмица , но се уште не можам да шпекулирам – вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Претседателот на Кина лично ме покани во државна посета, верувам дека тоа ќе биде во наредните шест месеци

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денес ја имал најважна средба во Пекинг со претседателот на Кина, Шји Џјинпинг. Истакна дека средбата била исклучително пријателска и срдечна.
„Она што би го кажал како добра вест за граѓаните, што го потврдува пријателството и говори за она што доаѓа потоа – претседателот Шји лично, а не преку кабинетот или на вообичаен бирократски начин, туку сам во разговор ми упати покана како на претседател и на нашата делегација да дојдеме во државна посета на Кина“, рече Вучиќ.
Наведува дека во краток временски период ќе дојде до државна посета и претпоставува дека тоа ќе биде во наредните шест месеци.
Тој нагласи дека брзиот експоненцијален раст на увозот и извозот со Народна Република Кина ги покажува нивото и сериозноста на соработката и искреното пријателство.
„Молев за дополнителни инвестиции, за дополнително вработување на нашите луѓе. Претседателот нè информира дека нивните експерти работат и на она за што зборувавме во Москва и дека ќе продолжат да работат и на други проекти и дека Србија како исклучително пријателска земја може да очекува понатамошна поддршка и помош од Народна Република Кина“, изјави тој.
Истакна дека тоа може да се очекува и по разни политички прашања – од Косово и Метохија, територијалниот интегритет на Србија, исто како што и Србија го почитува принципот на една Кина.
Вучиќ нагласи дека е многу среќен кога разговорот завршува вака затоа што знае дека е направено нешто добро за земјата, дека ќе има нови фабрики, нови патишта и железници.
„Тие се израдуваа на фактот дека за 15 дена ја отвораме пругата Белград – Суботица, дека ние го завршивме нашиот дел до Будимпешта. Се гордеам на тоа, тоа се резултати што никој не може да ни ги одземе“, рече тој.
Вучиќ му се заблагодари на претседателот Шји за поддршката – од железарницата, преку ковидот и респираторите, до поддршката за резолуцијата за Сребреница, „без Кина немаше да можеме да ја добиеме поддршката од мнозинството нации во светот“.
„Разговаравме за немешање во внатрешните работи и за управувањето со шарени револуции, за денешните обиди тоа да се направи и во Белград. Кинеското раководство и претседателот сигурно добро ги согледуваат работите во нашата земја и добро ги разбираат притисоците со кои се соочуваме и тоа за нас беше важно“, додаде Вучиќ.
Тој нагласи и дека имал многу добар состанок и со претседателот на Народниот конгрес на Кина, „многу сериозен и воздржан човек, кој ретко покажува емоции, но не ја криеше искрената наклонетост кон Србија“.
Најави дека набргу потпретседателот на Народниот конгрес ќе ја посети Србија, а в година и самиот претседател.
Вучиќ посочи и дека денес имал разговори со три компании, а со уште една ќе разговара подоцна.
Говорејќи за односите, рече: „Некои велат дека Путин не ме цени. Па кому Путин му даде толку висок орден во нашата земја, освен на мене? По повеќе од еден век, го добив јас. Исто е и со Шји Џјинпинг. Србија е европска земја во која дошол најмногупати. И имав чест да го угостам. Толку пати сум бил со претседателот Шји што многу нешта научив од него“.
Вучиќ додаде дека Шји дури го продолжил состанокот за петнаесетина минути од предвиденото, што е редок гест, и дека разговарале и за историјата на српскиот и на кинескиот народ.
Свет
(Видео) Тригодишно момче ја преживеа несреќата во Лисабон, го загуби таткото, мајка му се бори за животот: семејство од Германија беше во жичарницата

Португалија прогласи национален ден на жалост по трагедијата што се случи во средата попладне кога познатата жичница „Глорија“ излета од шините и удри во зграда. Бројот на загинати се искачи на 17, а меѓу нив е и татко од Германија.
Сè уште малку се знае за жртвите и за повредените, но се знае дека меѓу нив има и странски државјани. Според португалските медиуми, во жичницата имало и семејство од Германија.
Тригодишно момче ја преживеа несреќата со полесни повреди. Татко му почина во несреќата, а мајка му е пренесена во болница во тешка состојба.
🚨BREAKING🚨:LISBON FUNICULAR DERAILS 🚋
Close-up footage shows the Elevador da Glória, one of the city’s most iconic trams, after it jumped the tracks in central Lisbon. Emergency services rushed to the scene, with at least 3 fatalities confirmed. pic.twitter.com/zZ3D03PAXi
— The_Independent (@TheIndeWire) September 3, 2025
Детето моментно е под надзор на властите, пренесуваат тамошните медиуми.
Министерството за надворешни работи на Германија сè уште не ја потврди оваа вест.
„Нашите мисли се со жртвите од трагичната несреќа со жичницата во Лисабон. Жалиме со нивните семејства и им посакуваме брзо закрепнување на повредените. Во контакт сме со португалските власти за да им дадеме поддршка“, напиша Министерството.
Полициски извор за „Обсервер“ изјави дека едно германско семејство било во жичницата: таткото починал на самото место, а мајката е во критична состојба. Тригодишниот син на двојката ја преживеал несреќата со полесни повреди и бил спасен од службеник за јавна безбедност.
„Тој е член на нашиот Оддел за кривични истраги, еден од првите што пристигнал на местото на настанот. Тие биле во областа и работеле на спречување на криминалот“, потврдил извор за „Обсервер“.
Според „Си-ен-ен Португалија“, мајката на детето била хоспитализирана на интензивна нега поради сериозноста на повредите. Детето, кое сега е под надзор на надлежните органи, ќе биде прегледано од педијатар.
Од 21 лице повредени во несреќата, познато е дека две лица се од шпанска националност, а една Италијанка претрпела скршена рака. Засега е познато дека меѓу жртвите е еден странски државјанин – татко од Германија. Бројот на жртви се искачи на 17.
Полицијата ја истражува причината за несреќата, а според порталот „Сапо“, кабелот наводно се скинал.
Една жена изјави за телевизиската станица SIC дека жичницата се движела по стрмната улица со полна брзина.
„Жичницата удрила во зградата со брутална сила и се распаднала како картонска кутија“, рекле сведоци.
Таа превезувала повеќе од 40 лица.
Властите веруваат дека несреќата е предизвикана од лабав кабел или дефект на сопирачките.
Португалската влада прогласи национален ден на жалост и тридневна жалост во Лисабон.
Бригадата на судската полиција беше повикана да ја испита причината за несреќата на жичницата „Глорија“, која може да прими до 42 патници и е обележје на Лисабон, кое е многу популарно меѓу туристите.
Жичницата „Глорија“ беше отворена пред повеќе од еден век, во 1885 година.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски до Европа: Сетете се што направи Путин со Крим

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека откажувањето од кој било дел од украинската територија само ќе го охрабри рускиот лидер Владимир Путин и ќе послужи како почетна точка за идни напади врз Европа, освен ако континентот не остане цврст во својата поддршка. Зеленски нагласи дека повлекувањето од Донбас ќе го разоткрие Харков, град со 1,5 милион жители, и ќе ѝ дозволи на Русија да го заземе клучниот индустриски центар Днепар, пишува „Киев пост“.
Оваа изјава доаѓа во контекст на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, по средбата со Путин во август, е за конечен мировен договор.
Трамп рече дека Зеленски би можел да ја заврши војната речиси веднаш, ако сака, но додаде дека Украина не може да го врати Крим сугерирајќи дека Киев треба да се согласи на територијални отстапки во замена за мир. Зеленски решително ги отфрли ваквите идеи неколкупати.
„Некои медиуми тврдат дека ако украинските војници ги напуштат источните региони на нашата земја, таму ќе се врати мирот. Но, тоа не е вистина“, рече Зеленски во интервју за француското списание „Ле Поинт“.
„Путин го зазеде Крим за да го користи како база за опкружување на југот. Во 2014 година тој зазеде дел од истокот за да се подготви за целосна окупација на овие региони“. Тој нагласи дека повлекувањето на Русија од Донбас ќе отвори нови можности за понатамошна агресија.
Претседателот истакна дека опстанокот на Украина директно одредува каде ќе биде источната граница на Европа.
„Ако Украина не издржи, таа граница ќе биде Полска или дури и Германија“, предупреди тој.
Додаде дека новата технологија на оружје го прави растојанието ирелевантно. „Верувајте ми, за две години Русите ќе имаат многу ракети – а и ние – со дострел од 5.000 километри. Морето нема да заштити никого, океанот нема да заштити никого“, рече тој.
Неговите коментари дојдоа кога рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во среда повтори дека Москва бара меѓународно признавање на анектираните и на окупираните делови од Украина како руска територија.
Русија тврди дека анектирала пет украински региони: Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, покрај полуостровот Крим, кој го окупира во 2014 година.
„За да се постигне траен мир, новите територијални реалности што се појавија… мора да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха остро ја критикува Москва за упорност во она што го нарече стари ултиматуми додавајќи дека Русија не ги променила своите агресивни цели и не покажува знаци на подготвеност за значајни преговори.
Во исто време, рускиот претседател Владимир Путин, зборувајќи во Пекинг, рече дека ќе ја продолжи борбата доколку не се постигне мировен договор.
„Ако нема мировен договор, тогаш ќе мора да ги решиме сите наши задачи воено“, рече Путин.
Зеленски, кој истиот ден пристигна во Париз на разговори со европските сојузници, рече дека не гледа знаци оти Москва е сериозна во врска со завршувањето на војната.