Регион
БиХ: Имамот кој се противи на испраќањето млади во Сирија нападнат по третпат
Имамот Селведин Бегановиќ, познат по тоа што јавно се спротиставува на врбувањето на бошњачките момчиња за регрутирање за војната во Сирија во џихадистичките групи, во четвртокот навечер бил по третпат нападнат во последните 25 дена.
Како што пишува во петокот сараевскиот дневен весник Dnevni Avaz, имамот Селведин Бегановиќ овојпат бил нападнат недалеку од неговата куќа во близина на Велика Кладуша. Непознатиот напаѓач му пришол на имамот пред неговата куќа во местото Трнови околу 18 часот во четвртокот навечер. Прво го удрил со тап предмет по главата, а потоа го нападнал со нож и му нанел две рани на две места по телото, во пределот на градите и на вратот. Напаѓачот веднаш побегнал, а повредениот имам самиот повикал полиција.
Со возило на службата за Брза помош од Здравствениот дом во Велика Кладуша повредениот имам Бегановиќ бил префрлен во Жупаниската болница во Бихаќ, прегледан на одделот за хирургија, но набрзо на сопствено барање бил отпуштен на домашно лекување. Констатирани биле повреди нанесени од нож, но кои не биле длабоки.
Станува збор за трет напад врз Бегановиќ во последните 25 дена. На почетокот од декември непознато маскирано лица го нападна со нож и му нанесе тешки телесни повреди во рамото и на рацете. Само пет дена подоцна, на 13-ти декември, исто така маскирано лице го нападна на влезот од џамијата, при што имамот се здоби со голем број удари по телото и лицето.
Имамот Селведин Бегановиќ во своите јавни настапи остро се спротиставува на врбувањето на бошњачката младина за војната во Сирија, особено на страната на џихадистичките Исламска држава и Џебхат (Фронтот) ан-Нусра, која е сириски огранок на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.
Државното обвинителство на Босна и Херцеговина минатата седмица го обвини неформалниот лидер на радикалното селефиско движење во земјата, Билал Босниќ од општината Цазин, недалеку од Велика Кладуша, за тероризам, за поттикнување на заминување во војната во Сирија, за врбување и за финансирање терористички активности./крај/мф/сн
Извор: Dnevni Avaz
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) „Мажот ја навредувал и изневерувал“ – Обвинителството во Албанија со детали за мајката што скокна во река со своите деца
Обвинителството на Основниот суд од општа надлежност во Скадар во комуникација до медиумите изнесе повеќе детали за трагедијата во семејството Арази во албанскиот град Скадар, каде досега се пронајдени телата на две деца, додека потрагата по телото на мајката и третото дете продолжува.
„До оваа фаза се утврдени сомнежи врз основа на докази дека државјанин Е.А., како последица на континуирано психичко насилство врз неговата сопруга, манифестирано во форма на континуирани навреди и прељуба, тешко нарушувајќи го нејзиното достоинство, го предизвикал самоубиството на А.А., за која се сомнева дека во тешка психичка состојба, се фрлила во реката заедно со трите малолетни деца“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Алма Арази (39) со трите деца скокна во студената река.
Телото на најстарото девојче било пронајдено вчера во реката, додека телото на второто денеска.
Во потрагата учествува и рибарот кој вчера пронашол едно од девојчињата и кој рекол дека потрагата е многу комплицирана.
По страшната трагедија, нејзиниот сопруг е уапсен и обвинет за семејно насилство и предизвикување самоубиство.
Новинарот на „Еуроњуз Албанија“ рече дека за време на сведочењето дадено во полиција, 39-годишниот сопруг Ергис Арази се појавил многу ладен за време на испрашувањето, не покажал никакви емоции и ги отфрлил обвинувањата дека ја малтретирал сопругата или другите деца.
Тој рече дека парот бил во стабилна економска ситуација, претходно живеел во Италија и Германија, а неодамна се преселил во Скадар.
Арази, откако неговото семејство било пријавено за исчезнато, два дена подоцна бил виден во кафуле со пријателите и наводно воопшто не бил вознемирен, наведува „Voxnews.al“, повикувајќи се на изјавите на неговите пријатели.
Како што рекоа, тој бил сосема мирен.
Семејството на Ергис тврди дека тој никогаш не би им наштетил. Тие тврдат дека парот имал проблеми меѓу себе, но дека Ергис Арази не бил насилник.
„Ги обожаваше децата. Тој никогаш не би им наштетил. Работеше цел ден во сервис за мобилни телефони за да ги испрати во приватно училиште. Можеби имал проблеми со сопругата, но таа никогаш не требало да им го прави тоа на децата. Тоа нема да и го простиме“, рекле тие.
Регион
Србите објавија детали за дочекот на кинескиот претседател во Белград: „Вучиќ ќе му служи српски вина“
Претседателот на Кина, утре пристигнува во дводневна посета на Белград, а во тек се последните подготовки за неговото пристигнување.
Тој ќе биде придружуван од делегација од 400 луѓе, а ќе го обезбедуваат 3.400 полицајци.
„Блиц“ го објави планот за неговиот пречек.
Кси на аеродромот ќе биде пречекан со свечена церемонија и фолклор. Покрај патот во Белград ќе бидат поставени кинеско-српски знамиња, а на надвозниците ќе бидат испишани пораки.
Свечен дочек ќе биде организиран и пред Палатата Србија. Српскиот и кинескиот претседател ќе потпишат триесетина договори.
За време на ручекот ќе се служат српски јадења и вина, а претседателот Вучиќ лично ќе служи Џинпинг со српски вина, од пенливи до десертни вина, од кои повеќето се автохтони српски сорти.
Девојка од Србија ќе ја отпее песната „Татковино и јас“ на кинески, додека хорот „Чаролије“ ќе ја изведе песната „Прекрасен јасмин цвет“, исто така на кинески. .
Програмата ќе заврши со песната „Ова е Србија“, објави српскиот портал.
Регион
(Видео) Вo Шпанија уапсен еден од најбараните наркобосови во Србија
Шпанската полиција разби српска организирана криминална група осомничена дека го нападнала домот на ривалскиот клан од Србија минатиот јануари. Во акцијата беа уапсени 11 лица, меѓу кои и лидерот, по кого Србија распиша потерница уште во 2021 година.
Во провинциите Малага, Мадрид и Барселона се извршени апсења поради вмешаност во криминални дејствија – киднапирање, грабеж со насилство, недозволено поседување оружје, телесни повреди, фалсификување документи, трговија со дрога и членство во криминална организација.
Во акцијата на шпанската полиција одземени се три парчиња огнено оружјо. На некои им беа избришани сериските броеви. Запленети се и сто парчиња муниција, седум лажни лични документи, дрон и 16.000 евра во кеш.
Извршени се и седум претреси, од кои пет во Естепона.
Меѓу уапсените е и водачот на криминална група по која Србија распишала потерница во 2021 година. Тој е еден од најбараните луѓе во Србија.