Македонија
Шврговски:Изјавите на Георгиевски за поделба на земјата се стари
Јавното обвинителство нема да покрене постапка против поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, во врска со неговите изјави дека е подобро Македонија да се подели.
Јавното обвинителство нема да покрене постапка против поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, во врска со неговите изјави дека е подобро Македонија да се подели. „Тоа се стари изјави дадени во одредена функција. Сметам дека во тој сегмент нема да поведуваме постапка“, рече денеска Јавниот обвинител Љупчо Шврговски, по свеченоста по повод доделување уверенија на втората генерација кандидати за судии и обвинители. Георгиевски во телевизиска емисија неодамна изјави дека смета оти е подобро Македонија да се подели, за да престанат постојаните етнички тензии и дека тој потег сега би можеле да го направат Албанците. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За повеќе oд три пати зголемен бројот на заболени од грип за една недела
За повеќе од три пати е забележано зголемување кај бројот на заболени од грип во споредба првата недела од јануари, според податоците на Институтот за јавно здравје.
Во периодот од Бадник до почетокот на оваа седмица биле пријавени 1.053 случаи на заболени од грип или на заболувања слични на грипот.
Во однос на возраста, 633 лица се на возраст од 15-64 години, 179 кај деца на возраст од 5-14 години, 144 кај деца на возраст од 0-4 години и 97 се регистрирани кај лица на
возраст над 65 години.
Најголем е бројот на заболени во Скопје (305), а потоа во Дебар со 134, Куманово со 118, Тетово и Гостивар по 66, Кавадарци со 62.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи: постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени, и здравствени работници.
Заклучно со втората недела од оваа година, вакцинирани се вкупно 72.318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
Македонија
Љутков: Градиме стратегија со која Вардарскиот регион и Градско ќе прераснат во бисер на транзитниот туризам
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Акан Махмут, денеска остварија работна посета на Општина Градско, при што со градоначалникот Киро Нацков разговараа за можностите на оваа стратешки поставена општина во насока на развивање на транзитниот туризам и афирмација на културното наследство.
На средбата со градоначалникот беше истакната важноста на транзитниот коридор каде што е Општина Градско и уникатните можности што овој регион ги има за привлекување туристи и промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети.
„Општина Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и со сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот амбиент за развој на туризмот во овој регион“, истакна министерот Љутков кој го посети ранчот со коњи во сопственост на Васко Величковски, кој од неодамна во овој регион го промовира проектот „Шерпа хорс рајдинг“, застапуван од КК „Бистра“ – Галичник. Проектот содржи две планински тури со коњи, а е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка на мали и средни претпријатија – ИМЕ. Атрактивните тури за посетителите се до врвот Клепа, со неверојатен поглед на тиквешките лозја, и турата „Дионис“ која опфаќа посета на познатите винарии.
Во рамките на посетата на овој регион, министерот Љутков и националниот координатор Махмут беа запознаени со можностите што ги нудат винските патеки, долгата традиција во производство на висококвалитетни вина во винариите „Стоби“ и „Лазар“, но и во семејните винарии околу Градско. Стана збор дека тие се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за вински тури, дегустации и запознавање со процесот на производство.
Посетата на Градско опфати обиколка и на дел од културниот потенцијал на општината, каде што е и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ од 17 век, како и најголемиот и најзначаен археолошки локалитет „Стоби“.
Министерот Љутков истакна дека овој локалитет е од особено значење за развојот на транзитниот туризам и дека од исклучителна важност се поврзаноста, вклучувањето и промоцијата на „Стоби“ во рамките на поширока туристичка презентација во регионот, имајќи го предвид фактот дека локалитетот годишно го посетуваат околу 20 илјади туристи.
„Стоби е во фокусот на Министерството за култура и туризам за финансирање проекти од национален интерес за истражувања, конзервација и презентација. Во таа смисла, ги поддржуваме напорите на стручниот тим на установата во остварување на дејноста, преку реализација на истражувачки проекти, проекти од областа на заштитата на културното наследство, организацијата на меѓународните школи и обуки за заштита на културното наследство, како и во примената на нови технологии и интерактивни пристапи во презентацијата“, рече Љутков, кој додаде дека наскоро ќе биде вратен сјајот на „Стоби“ бидејќи во изминатите седум години не го доби потребното внимание и финансиски средства за програма и за капитални проекти и инвестиции.
Најавувајќи го периодот што следува, Љутков рече дека Вардарскиот регион има потенцијал да стане бисер на транзитниот туризам во земјава, и порача: „Со вистинска стратегија и посветеност, верувам дека Општина Градско и целиот потег на автопатот Е-75 е на добар пат да се претвори во значајна дестинација за транзитните туристи, а Министерството за култура и туризам ќе биде предводник и силен сојузник во остварувањето на оваа цел“.
Македонија
Стојчевска до Филков: Ќе се повлечете ли од Судскиот совет, така да почнат реформите
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за правда Игор Филков, кое се однесува на реформите во судството.
„Задолжени сте за еден од најклучните столбови во нашето општество, а тоа е правдата. Реформите во судството се суштински за демократијата и владеењето на правото, но за жал, во изминатите 7 месеци гледаме оддалечување од овие принципи.
И покрај вашите изјави дека ќе ги инкорпорирате препораките на Европската комисија, вашите дела укажуваат на сосема спротивно, партиски назначувања и недоволна независност на судските институции“, рече пратеничката.
Според неа препораките за намалување на политичкото и бизнис влијание, не се почитуваат што дополнително ја намалува довербата на јавноста.
„Во овие 7 месеци не гледаме никакви реформи во судскиот систем, иако ова е една клучна област во која треба да се дејствува. Партизацијата добива ендемски размери во институциите, но уште позагрижувачки, и во она што треба да е темел на едно демократско и праведно општеството – судскиот систем.
Вашите изјави за законски измени до јуни 2025 делуваат како одложување, а не како итно и одлучно справување со проблемите.
Наместо спроведување на најавените реформи, гледаме засилена партизација на судството, каде што клучните позиции, делуваат по политички, а не според професионални критериуми.
Во Оценската мисија, почитуван министер, нема никакви препораки за вакви назначувања на судии и обвинители. Едно се зборува, а друго се прави“, рече таа.
Дали вие сте подготвени да ги направите вистинските чекори, кон промена или и понатаму ќе се продолжите со празни зборови и формални најави.
Дали ќе ја искористите конкретната можност, од вас да започнат реформите и имплементацијата по препораките од Оценската мисија. Дали вие како министер за правда, кој по функција е член Судски совет, ќе се повлечете од член на истиот и кога планирате да поднесете иницијатива за уставните измени со кој министерот за правда повеќе нема да биде дел од Судскиот совет, беа прашањата до Филков.