Компании
Дојче Телеком ги бара најдобрите „IoT“ решенија за бизнис
Групацијата Дојче Телеком, чиј член е Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, го најавува интернационалниот натпревар „Business Wall of Fame“ во кој може да се пријави секое М2М бизнис решение
Учесниците имааат шанса да добијат национална маркетинг кампања вредна 30.000 евра и да станат партнери на Македонски Телеком. Дополнително, најдоброто „IoT“ решение на меѓународно ниво ќе биде промовирано од Дојче Телеком во своите национални компании низ Европа
Македонски Телеком, како член на групацијата Дојче Телеком, во Македонија за првпат го носи интернационалниот натпревар „Business Wall of Fame“, кој се однесува на „Интернет на нештата“ решенија („IoT”). На натпреварот можат да учествуваат сите развивачи кои имаат готови М2М решенија, односно, решенија за поврзани машини, кои вклучуваат хардвер, софтвер и поврзување, а се применливи за други компании како крајни корисници.
Со цел да се наградат иновативните „IoT“ решенија наменети за бизнис корисниците, Дојче Телеком, освен во Македонија, го започнува интернационалниот натпревар Business Wall of Fame и во Австрија, Хрватска, Германија, Грција, Унгарија, Романија и Словачка. Оваа меѓународна иницијатива ќе го направи деловниот живот поефикасен бидејќи во својот фокус ги става компаниите кои имаат готови М2М решенија коишто одговараат на бараните предиспозиции. Натпреварот е наменет за сите компании кои до сега немале можност, а сакале да ги промовираат своите „IoT“ решенија и да ги направат достапни за широката јавност. Иновативни решенија од сите индустрии, кои ја поедноставуваат работата на бизнис корисниците се добредојдени на натпреварот.
Најдобрите „IoT“ решенија ќе влезат во финалето според бројот на добиени гласови од гласачи и поддржувачи на нивните решенија, по што стручно жири ќе ги избере победниците од националниот и од меѓународниот натпревар.
„Посветеноста на Дојче Телеком да биде пионер во примената на нови и подобрени, услуги и решенија кои носат нов квалитет во поширока смисла на зборот ја демонстрираме овој пат и во Македонија преку меѓународниот натпревар „Business Wall of Fame“, на кој очекуваме да се пријават сите компании кои развиваат М2М решенија во доменот „Интернет на нештата“. Не се сомневам дека во Македонија има многу конкурентни ИТ компании кои имаат голем потенцијал и во нив се вперени нашите очи. Со нетрпение го очекуваме откривањето на новите М2М решенија кои понатаму ќе поттикнуваат повеќе иновации“, истакна Андреас Маиерхофер, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Македонската компанија чие „IoT“ решение ќе биде прогласено за најдобро ќе освои национална маркетинг кампања во вредност од 30.000 евра и има можност да стане партнер на Македонски Телеком. Додека пак меѓународното решение кое ќе победи, може да стане партнер на Дојче Телеком во сите осум земји и да допре до потенцијални 10,8 милиони бизнис корисници.
„Нашата определба е да бидеме силни поддржувачи на иновациите и новата технологија и со многу активности го потврдуваме тоа. Секогаш настојуваме да бидеме онаму каде што се создава новата технологија. Овој натпревар има за цел да ги награди и стави на пиедестал најдобрите иновативни М2М решенија, кои ќе ја поедностават работата на компаниите и ќе обезбедат развој на човештвото. Ги повикуваме сите развивачи и програмери кои имаат готови решенија да се пријават на натпреварот. Се надеваме дека со најдобрите ќе изградиме партнерски однос кој ќе донесе нови вредности и нов квалитет“, изјави Жарко Луковски, Главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија. Учесниците можат да го зголемат бројот на гласовите и шансите за победа со активирање на заедницата да гласа за нив.
Исто така, и гласањето може да се исплати. Сите компании и нивните вработени кои ќе се вклучат во натпреварот за да гласаат доколку се регистрираат и како поддржувачи на „IoT“ решенијата кои се нивен фаворит имаат можност да си обезбедат маркетинг кампања во вредност од 20.000 евра заедно со победничкото „IoT“ решение. https://www.wallofbusiness.com/mk/macedonia?wt_mc=da_z_mk109.
Категории и награди од натпреварот „Business Wall of Fame“:
Национален победник: Најдобро „IoT“ бизнис решениеРекламна камања вредна 30.000 евра, организирана заедно со Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија како партнер
Национален победник: Најдобар поддржувач на национално „IoT“ решение Рекламна камања вредна 20.000 евра, организирана заедно со Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија како партнер
Специјална награда: Најдобро интернационално „IoT“ бизнис решениеПартнерството со Дојче Телеком во осум земји и можност за поврзување со потенцијалните 10,8 милиони бизнис корисници, како и меѓународна промоција во вредност од 10.000 евра
Распоред на настаните:Аплицирање за учество на компаниите: 20 април – 25 мај 2015Гласање на бизнис корисниците: 11 мај – 22 јуни 2015Објава на победници: 7 јули 2015
Регистрирајте се на: https://www.wallofbusiness.com/mk/macedonia?wt_mc=da_z_mk109Повеќе информации околу натпреварот, учеството, гласањето и условите на: https://www.wallofbusiness.com/mk/macedonia?wt_mc=da_z_mk109./крај/
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

