Македонија
Јанкуловска: Нема компромис со Велија Рамковски
По интервјуто на сопственикот на А1 телевизија, во кое ги повлече своите ставови околу нападот на Владата за тоа како биле префрлани пари за реклами, во јавноста проструи информација дека Рамковски се пазари со власта
Ваквите шпекулации енергично ги демантира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска .„Jас ќе ги отфрлам ваквите шпекулации. Во никој случај немаме намера ни да размислуваме во насока на прекинување на активностите на институциите. МВР на почетокот асистираше при вршење на службени дејствија на УЈП и финансиската полиција, но откако беа обезбедени документите за шест фирми со седиште на Перо Наков бб, се утврди дека постојат сериозни индиции дека се сторени злоупотреби во овие фирми”, рече Јанкуловска.Mинистерката потврди дека истрагата се работи интензивно, но поради обемноста на запленетата документација ќе треба време додека се објави дали ќе има и каква пријава ќе биде процесуирана.„Ниту имаме намера, ниту имаме право да размислуваме во насока на евентуален компромис бидејќи законите се еднакви за сите и мора да важат за сите и правилото дека некогаш постоеле институции, организации, фирми, поединци за кои законите поинаку важеле, не е правило по кое постапува оваа Влада .„Ние постапуваме неселективно и еднакво кон сите вклучително и оние на Перо Наков бб”, вели министерката Јанкуловска и додава дека од она што досега го има полицијата и институциите на располагање, има индиции дека се направени многу сериозни прекршувања на прописите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Вистинската основа за поднесената интерпелацијата на Стоилковиќ е јавното обелоденување на криминалите сторени од ДУИ
На собраниска седница за интерпелации се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој зеде збор во врска со интерпелацијата за Иван Стоилковиќ и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија не ја поддржува интерпелацијата поднесена од страна на ДУИ.
„Дозволете ми да го соопштам ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија која што нема ја да поддржи оваа интерпелација од неколку причини. Најпрвин затоа што се работи за лов на евтини политички поени од страна на ДУИ врз основа на меѓуетнички прашања, а она што е посериозно е што обидот за политизација на меѓуетничките прашања во време кога Македонија се соочува со многу предизвици на патот кон Европската унија е непотребен и пред се е штетен за стабилноста на државата што пак е во директна колизија со интересите на нашите стратешки партнери“, рече Петрушевски.
Пратеникот исто така истакна дека основите поднесени за оваа интерпелација се во надлежност на безбедносните структури, а не на министерот Стоилковиќ, и исто така објасни дека основата за поднесувањето на оваа интерпелацијата од страна на ДУИ е јавното откривање на криминалите сторени од страна на ДУИ.
„Исто така морам да истакнам дека наведените основи во интерпелацијата се во исклучива надлежност на безбедносните структури и во никаква надлежност на министерот Стоилковиќ и она што е добро е тоа што имаше соодветна реакција на МВР и се разјаснети сите околности особено морам да го истакнам инцидентот во Куманово каде што апсолутно не се работеше за никаков меѓуетнички инцидент туку напротив немаше никаква етничка основа. Но да бидеме реални вистинската основа за интерпелацијата е тоа што министерот Стоилковиќ ги откри јавно криминалите во работењето во Министерството за односи меѓу заедниците додека било раководено од ДУИ, наместо на ваков начин да се обедува ДУИ да го брани Артан Груби најдобро ќе биде веднаш да си ја повлече оваа неоснована интерпелација“, објасни Петрушевски.
Македонија
Не поминаа интерпелациите за Меџити, Стоиљковиќ, Тошковски и Исени
Во Собранието на Република Македонија не поминаа интерпелациите за четворицата членови на Владата.
Од Европскиот фронт, кој ги поднесе четирите интерпелации, побараа политичка одговорност и оставка од вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени.
Пратениците на СДСМ на почетокот на седницата најавија дека нема да учествуваат во расправата по интерпелациите бидејќи, според нив, нема потреба од нови поделби по етничка основа.
Интерпелациите за четворицата владини функционери не беа поддржани ниту од владејачкото мнозинство.
Вчера попладне беше изгласана само интепрелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, поднесена од пратеничката група на „Левица“.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение појаснија дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот, кажаа од Кабинетот.
Македонија
Времето денеска облачно со дожд и снег
Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на планините и на повисоките места од снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималните температури ќе се движат од 0 до 5 степени, а максималните од 3 до 12 степени.
Во текот на ноќта врнежите ќе бидат пообилни и во северните делови ќе преминуваат во снег и на пониските места.
Во Скопје претежно облачно со повремен слаб дожд, а во текот на ноќта од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец.