Македонија
ДОМ побара буџетски средства за зелената економија
Владата и сите релевантни политички чинители во Буџетот за 2011 година да проектираат средства кои ќе бидат наменети за развој на Зелената економија, побара денеска партијата ДОМ.
Овие буџетски средства да бидат наменети за јавни инвестиции, грантови и кредитни линии со ниска каматна стапка за бизнис секторот и домаќинствата, се вели во барањето. Според предлогот на ДОМ, дел од средствата треба да се искористат и за квалификација или преквалификација на работната сила, која е неопходна за квалитетно извршување на работните задачи, но и за поддршка и стимулација на научно-истражувачката работа за развој на „зеленета економија“.Развојот на Зелената економија за Македонија е важен за достигнување на критериумите за влез во Европската Унија, за Создавање услови за одржлив развој на земјата, за Подигнување на квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија, се вели во барањето на ДОМ.Покрај ова преку развојот на зелената економија би му се помогнало на бизнис секторот да стане конкурентен на европскиот и светскиот пазар со примена на високите стандарди за квалитет и грижа за животната средина, а би се отвориле и нови „зелени“ работни места во постоечките индустриски сектори или креирање на нови индустрии. Партијата ДОМ е помал коалиционен партнер на владата и има еден пратеник во македонското Собрание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.