Економија
Стопанска со добивка од 3,7 милиони евра
„Стопанска банка“ Скопје објави дека нето добивката за првите 6 месеци од годинава е зголемена повеќе од двојно во споредба со истиот период од минатата година, или 3,7 милиони евра, наспроти ланската од 1,6 милиони евра.
„Стопанска банка“ Скопје АД објави дека нето добивката за првите 6 месеци од годинава според неревидираниот финансиски извештај е зголемена повеќе од двојно во споредба со истиот период од минатата година, или 3,7 милиони евра, наспроти ланската од 1,6 милиони евра.Од банката информираат дека зголемувањето на добивката е резултат на подобрувањето на квалитетот на кредитното портфолио, односно намалување на лошите кредити и тоа од 14,2 милиони евра лани на само 6,7 милиони евра годинава.Банката бележи нето намалени приходи од камати за 22,24 отсто и тоа до нивото од 17,5 милиони евра во првите 6 месеци годинава, наспроти 22 милиони евра во истиот период лани. Мал пад бележат и нето приходите од провизии и надоместоци и тоа на 7 милиони евра годинава, наспроти 7,3 милиони евра лани. „Стопанска банка“ е во мнозинска сопственост на Националната банка на Грција. /крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ССМ: Народните избраници со плата од над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра минимална плата живеат добро
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повторно реагира дека минималната плата во земјава е најниска во регионот – 397 евра, износ кој според најавите на Владата нема да се менува до март 2026 година, освен законското усогласување кое, според ССМ, нема да биде поголемо од 1.600 денари.
Од ССМ потсетуваат дека земјите во регионот веќе донеле одлуки за значително зголемување на минималната плата.
„Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази. Во првата фаза од јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од јули 2026 година ќе изнесува 500 евра или зголемување за 150 евра. Албанија, од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе изнесува 500 евра. Минималната плата ќе се зголеми за 307.850 вработени, кои ќе го добијат износот од 500 евра. Владата ќе ги субвенционира и дополнителните трошоци за осигурување за вработените во приватниот сектор со 90 милиони евра за период од 9 месеци (тоа што го бараше ССМ) Србија, Владата со Одлука ја зголеми минималната плата и истата од октомври 2025 година изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе изнесува 550 евра. Република Српска (БиХ), Економско социјалниот совет се согласи од јануари 2026 година минималната плата да изнесува: за неквалификуваните работници 512 евра, за квалификуваните работници 538 евра, за работниците со ССС 564 евра, за работниците со виша 692 евра, а за работниците со ВСС 743 евра. Босна и Херцеговија, минималната плата за 2025 година изнесува 1000 км или 511 евра. Црна Гора, минималната плата изнесува 600 евра за работници до средно образование, а 800 евра за работници со високо образование“, велат од Сојузот на синдикати.
ССМ обвинува дека Владата, работодавачите и синдикатот КСС работат спротивно на интересите на работниците. Поради ваквата состојба, најавува продолжување на протестите и можност за генерален штрајк.
„Жалосно е тоа што Владата има сојузници и во работодавачите и во некои синдикати (КСС за кои веќе предупредувавме дека на сила ги прават репрезентативни само за да нема зголемување на платите, за да ги поддржуваат и за да бидат против работниците), а кои како папагали повторуваат дека треба само да се почитува законот. Сојузот на синдикатите на Македонија организираше низа протести за зголемување на минималната плата и ќе продолжи да организира, а работодавачите со нивниот игнорантски однос ќе предизвикаат генерален штрајк. Денеска имаме Влада, Газди и КСС кои се на иста страна и се против работниците, а се задоволни што македонските работници тонат во сирамаштија, што имаат најниски плати во регионот и најниска минимална плата, ама се е по закон! Затоа функционерските плати не се намалија, функционерите ги задржаа своите 78, а сега веќе 79% зголемени плати, а во тек е расправа за Буџетот за 2026 година каде што народните избраници со плата од над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра минимална плата добро живеат, ќе се фалат како ќе нема зголемување на работничките плати, како нема предвидено повеќе пари за раст на минималната плата од она што го предвидува законот, а тие истите се тие кои можат да менуваат закони!“, пишуваат од ССМ.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на прес-конференција пред два дена рече дека интервентно зголемување на минималната плата ќе направи само притисок врз фирмите и ќе мора да отпуштаат работници. Дополнително, кажа дека така ќе се подгрее и инфлацијата.
„Во моментов не гледаме економска оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување што е законски предвидено во март. Во овие околности ако одиме со ад-хок зголемување на минималната плата тоа ќе предизика зголемување на инфлацијата“, рече Дурмиши.
Економија
(Видео) Тренчевска: Владата крати пари за најранливите во Буџетот, социјалната заштита под удар
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека предлог-буџетот за 2026 година кој го предлага Владата не само што не обезбедува фискална консолидација, туку ја продлабочува фискалната нестабилност и создава сериозни ризици за економијата и граѓаните.
Наместо реални реформи и стабилност, буџетот нуди нереални проекции, енормно задолжување и директно прекршување на фискалните правила утврдени со Законот за буџети.
„Владата проектира дефицит од 3,5% спротивно на законскиот лимит од 3%, што претставува уште едно нарушување на фискалната дисциплина, а проекциите за раст и инфлација воопшто не се во согласност со податоците на Народната банка и ММФ. Тоа потврдува дека буџетот се темели врз нереален оптимизам и лажна слика за стабилност“, нагласи Тренчевска.
Таа потсети дека иако буџетот е наречен „развоен“, капиталните инвестиции се намалени за речиси 7 милијарди денари во однос на 2025 година, а реализацијата на капиталните расходи „до овој момент изнесува само 46%, што ја разобличува предизборната реторика за ‘градежна офанзива’“.
Тренчевска особено нагласи дека најголемиот удар во буџетот е направен врз Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Иако формално буџетот изгледа зголемен, суштинската анализа покажува дека средствата за најважните програми се драстично скратени. Се кратат надоместоците за лицата со попреченост, за децата, за болните и изнемоштени, за примателите на гарантирана минимална помош, за детските и образовните додатоци, за старите лица и за сите ранливи категории. Намалувањето изнесува скоро 2 милијарди денари“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека Владата кратела и средства за социјални услуги, деинституционализација, заштитни друштва и блок-дотации за градинките, што директно ќе ја влоши состојбата на терен.
„Во 2026 година нема да има ниту зголемување на правата од социјална и детска заштита, и покрај ветувањата и амандманите што Владата ги користеше за предизборни цели“, рече пратеничката на СДСМ.
Тренчевска предупреди дека проектираниот трансфер кон Фондот за пензиско осигурување достигнува повеќе од 62 милијарди денари, односно 1 милијарда евра – највисок досега.
Ова, според неа, „ја разголува несериозноста на владините политики кои го зголемија дефицитот на фондот за само 16 месеци од 32,5 на 45%“.
„Со ваквото зголемување се нарушува стабилноста на фондот и се доведуваат во неизвесност сегашните и идните пензионери“, посочи Тренчевска, додавајќи дека оптималниот сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1, а овој сооднос ќе продолжи да паѓа со оглед на најавените затворања на компании и отпуштања на околу 1.000 работници, како и отпуштањата во текстилната индустрија„ истакна пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.

