Македонија
Лекарите задоволни од стартот на преговорите со министерот
Лекарите во вторник седнаа на преговарачка маса со министерот за здравство, Никола Тодоров, за да преговараат околу нивните барања.
По средбата, синдикатите на лекарите се задоволни од стартот на преговорите. Најмногу се разговарало за моделот плаќање по учинок, реформа која предизвика револт кај лекарите.
„Стартот на преговорите, според наше видување, беше задоволувачки. Најмногу зборувавме за плаќањето по учинок и сметаме дека денеска направивме видување за празнините, за тоа што треба да се направи. Се надеваме дека има добра волја за нашите барања“, изјави Слободан Георгиевски од Самостојниот синдикат на клинички центар.
„Мислам дека сме во насока на подобрување и приближување на ставовите со министерот за здравство, но договор беше да не се дават изјави додека нема конкретен договор. Приоритетна точка беше допрецизирање на проектот плаќање по учинок, и нормално ние како самостоен синдикат за здравство, она што го имавме како основно барање, до моментот на допрецизирање на проектот исплатата по проектот да се стави во мирување. Сега засега овој предлог е на преговарачка маса во делот на приближување на ставот околу тој наш предлог“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
На преговарачката маса со министерот седнаа три синдикати, Самостојниот синдикат на клинички центар, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и новоформираниот синдикат „Мајка Тереза“.
Пред средбата претседателот на Самостојниот синдикат на клинички центар, Дејан Ставриќ изјави дека ќе бараат од преговорите да се изземе синдикатот „Мајка Тереза“.
„Прво што ќе се бара од министерството е да се изземе од преговорите тој таканаречен синдикат ’Мајка Тереза’ , Баба Зумбула, како и да е, од преговорите затоа што сметаме дека дефинитивно нема легитимитет. Консултирани се и правници од Сојузот на синдикати и дефинитивно немаат право да бидат тука“, рече Ставриќ и додаде дека доколку министерството не се согласи, тие сепак ќе продолжат со преговорите.
„Разговаравме и за изземањето на синдикатот ’Мајка Тереза’ од преговорите, меѓутоа имаме наш став којшто дополнително ќе го договориме со двата синдиката“, рече по средбата“, Георгиевски.
Во понеделникот лекарите излегоа на предупредувачки протест за време на паузата за да го покажат незадоволството од овој модел.
Лекарите протестираат против моделот за плаќање по учинок, којшто предвидува наградување и казнување на лекарите, во зависност од тоа што сработиле во текот на денот, бројот на пациентите и тежината и интервенциите и операциите или прегледите.
Министерот Тодоров вели дека овој систем не е донесен за да се казнат лекарите кои не работат, туку да се одвои квалитетниот кадар и да се награди според сработеното./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Унапредени условите во спортската сала „Независна Македонија“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска изврши увид во спортската сала „Независна Македонија“, која се наоѓа во кругот на ООУ „Невена Георгиева Дуња“, каде што се реализираа повеќе зафати за унапредување на условите во овој спортски објект.
Во рамки на извршените активности, набавени и монтирани се нови ЛЕД рефлектори со моќност од 200W и 400W, кои се енергетски ефикасни и еколошки, со што значително е подобрено осветлувањето во салата. Дополнително, извршена е замена на сигурносните вентили за висок притисок на топловодната инсталација, како и зајакнување на кровната конструкција.
Сите зафати се реализирани согласно актуелните потреби и важечките стандарди, со јасен фокус на безбедноста и подобрување на условите за учениците и корисниците на салата, соопштија од општината.
-Унапредувањето на спортската инфраструктура е наша обврска, но и искрена желба. Со овие инвестиции обезбедуваме побезбедни и поквалитетни услови за спорт и физичка активност на нашите деца. Верувам дека вложувањето во вакви објекти директно придонесува за здрав развој, спортски дух и позитивни навики кај младите. Ќе продолжиме посветено да работиме на создавање подобри услови за образование, спорт и развој на младите генерации- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Собраниска делегација во Кнесетот на Израел: разменети мислења за политичката и безбедносната ситуација на Блискиот Исток, и безбедноста на глобално ниво
Собраниска делегација оствари повеќе средби во Кнесетот на Израел. На средбата со Претседателот на Групата за пријателство со Собранието на РС Македонија, Хамад Амар и членовите на Групата Тсега Мелаку и Владимир Белијак, беше истакнато дека соработката меѓу двата парламента претставува важен и вокален дел на целокупната билатерална соработка. Пратеничката група за соработка со Кнесетот, која се формира во континуитет во сите парламентарни мандати, е само еден израз на интересот на Собранието да покаже цврста определба и интерес да одржува блиски контакти со Кнесетот.
На средбата пратениците разменија видувања за актуелната политичка и безбедносна ситуација во Израел и на Блискиот Исток, геостратешките влијанија врз безбедносната архитектура на глобално ниво, како и за визиите за траен мир. Чекорот напред кон траен мир во регионот на Блискиот Исток и кој стави крај на војната во Газа, што неодамна се постигна со посредство на американскиот претседател Трамп, влева надеж во остварување на вековните аспирации за мир, просперитет и соживот на овој дел од светот.
Делегацијата беше примена од спикерот на Кнесетот, Амир Охана, при што на средбата беше особено истакната вредноста и значењето на парламентарната дипломатија, која дава посебен печат во севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел. Соговорниците се согласија дека парламентарната соработка треба да продолжи и во иднина што несомнено ќе придонесе за подобра и конструктивна соработка на билатерален план. Ефективните придобивки од градењето на блиски релации меѓу двата парламента претставуваат додадена вредност на севкупните билатерални односи. Спикерот Охана изрази голема благодарност што РС Македонија го поддржува Израел во одбрана на својот суверенитет и дава поддршка и во меѓународните организации и форуми.
Делегацијата оствари средба со претседателот на Комитетот за одбрана и надворешни работи на Кнесетот, Боаз Бизмут. Се разговараше за актуелните случувања на Блискиот Исток, тензиите во Иран и демилитаризацијата на Хамас како втора фаза од Планот на Трамп за Газа. Притоа, беше истакната важноста на соработката со други земји и потребата од силна одбрана на една држава како нејзин витален и стратешки интерес.
Делегацијата ги поздрави одличните тридецениски дипломатски односи меѓу РС Македонија и Државата Израел и се заложи за искористување на нивниот потенцијал во многу области каде Израел остварува извонредни резултати. Особено беше истакнато дека добар пример од Израел што треба да го примениме во нашата земја е враќање на дијаспората, како да се задржат младите во земјата и да се подигне наталитетот, за што беше побарана стручна помош во креирање на акциски план за ова прашање, по примерот на Израел. Во однос на сличните политички и општествени предизвици кои постојат во Израел и во земјите од регионот на Западен Балкан како сензитивен регион, соговорниците ја потенцираа важната улога на парламентарците во одржување на дијалог и релаксирани мултикултурни општествени односи.
Во Министерството за надворешни работи на Државата Израел, делегацијата оствари одделни средби со Министерот за надворешни работи Гидеон Сар, и со заменик-директорката на МАШАВ (MASHAV), официјална Израелска агенција за меѓународна развојна соработка, Ирит Савион-Вајдергорн.
Со министерот Сар, Делегацијата оствари продуктивни разговори за надворешно-политичките односи меѓу РС Македонија и Државата Израел, при што беше истакната важноста на овие релации и позитивната соработка во мултилатералните форуми. Особено се цени ставот на нашата земја во ситуации кога има обиди за делегитимирање на Израел на меѓународен план, со што се демонстрира високото ниво на одлични билатерални односи.
Делегацијата се заблагодари за ургентната медицинска и стручна докторска помош за настраданите граѓани од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ минатата година како гест на Влада на наша блиска и пријателска земја.
Домаќините изразија подготвеност да споделат искуства и да ја развијат меѓусебната соработка во земјоделието, управувањето со водата, нови технологии, кибербезбедност, вештачка интелигенција, здравство и сл.
На средбата во МАШАВ (MASHAV), официјална Израелска агенција за меѓународна развојна соработка, основана во 1958 г. и функционира во рамки на Министерството за надворешни работи на Израел, делегацијата оствари средба со заменик-директорката Ирит Савион-Видергорн, која ја запозна делегацијата со активностите на Агенцијата.
Во организација на Министерството за здравство на Државата Израел, Делегацијата имаше средба со втората група доктори и медицински персонал кои беа испратени на ургентна мисија во справувањето со здравствените последици на преживеаните македонски граѓани од пожарот во дискотеката во Кочани. Претседателката на Групата, Рашела Мизрахи и сите членови на делегацијата изразија длабока благодарност за драгоцената помош дадена уште во првите часови по несреќата, при што на целиот медицински тим им беа врачени подароци како израз на благодарноста од сите македонски граѓани во спасување на голем број млади животи. Во име на Претседателот на Собранието, Африм Гаши и во име на сите пратеници беше врачена посебна благодарност до Министерството за здравство на Државата Израел.
Македонија
СДСМ: Како ВМРО ги координира Шилегов и Деспотовски за напад
„ВМРО, Шилегов, Деспотовски, сите користат иста реторика, исти техники од кујните и пораките ги шират преку истите провладини портали“, велат од СДСМ.
„Координацијата на нападите врз СДСМ веќе на сите им е јасна.
1.ВМРО ја напаѓа СДСМ за лидерската средба. Излегува Шилегов и ја напаѓа СДСМ за лидерската средба, дури употребува „изолирана партија“ односно со иста реторика на Мицкоски.
Денеска Депостовски исто така ја напаѓа СДСМ за “неучеството на средба на лидерите на најголемите партии”.
2.ВМРО ја напаѓа СДСМ затоа што бара законска заштита на податоците од системот „Сејф сити“.
Деспотовски денеска за истата тема ја напаѓа СДСМ дека се инаети за „клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните”.
Шилегов во емисија ја напаѓа СДСМ како била донесена одлуката да не се поддржи законското решение за истата тема.
3.ВМРО бара оставка од претседателот Филипче. Шилегов и Деспотовски исто така.
4.Деспотовски и Шилегов немаат ниту еден единствен критички збор упатено за Мицкоски и ВМРО, за нивните криминални тендери, за изолацијата на земјата, ниту пак за некоја владина политика. Ништо.
Дали сега има некој што не му е јасно?
Кога СДСМ вели дека сè е договорено, координирано и синхронизирано со ВМРО, нивните кујни и медиумскиот октопод Алфа-Алта, ова е нивното разоткривање“, соопшти СДСМ.

