Македонија
Црвенковски се враќа на чело на СДСМ на 24 мај
Бранко Црвенковски ќе се врати на челото на СДСМ на партиски конгрес што ќе се одржи на 24 мај, одлучи денеска Централниот одбор на партијата.
Бранко Црвенковски, чиј претседателски мандат му истекува на 12 мај кога на должност ќе стапи новоизбраниот шеф на државата Ѓорге Иванов, ќе биде единствениот кандидат за претседателската фотелја на партискиот конгрес. Се очекува, тој уште во првиот работен ден во СДСМ да го именува првиот тим на партијата т.е. потпретседатели и генерален секретар.Иако времениот лидер на СДСМ Зоран Заев негираше дека денеска на партискиот состанок се разговарало за евентуални нови кадровски решенија во партиските органи, партиски извори велат дека кандидатите за највисоките партиски функции веќе се познати. Така, за потпретседатели се споменуваат дури и имињата на двајцата поранешни претседатели на СДСМ, по заминувањето на Црвенковски од челната позиција во партијата: Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска.„На СДСМ му требаат сите“, кусо коментираше Заев.Сепак, извесно е и дека и тој ќе биде дел од раководството на партијата.„Ќе бидам дел од партијата со оглед дека сум еден од ретките градоначалници на СДСМ. Ќе бидам дел од креирањето на политиката во партијата. Целосно очекувам тоа да биде апсолутно мислење на претседателот Црвенковски и очекувам тој да излезе со изборот на својот прв тим“, изјави Зоран Заев по седницата на Централниот одбор.Изборот на нов претседател на СДСМ, по времениот лидер Заев, ќе биде единствената точка на дневниот ред на конгресот на 24 мај. На конгресот ќе се гласа доверба и на постојните Извршен и централен одбор, со оглед дека партијата ќе добие ново раководство, но и поради поразот на неодамнешните локални и претседателски избори.По овој конгрес, Заев најавува уште еден партиски конгрес, кој ќе биде тематски и на кој ќе се најдат најавените измени во партискиот статут: нов начин на изборот на претседатели на општинските организации, структура на партијата, ребрендирање на партиските симболи.Освен, подготовките околу враќањето на Црвенковски, денеска на Централниот одбор се прифатил и извештајот за резултатите од претседателските и локалните избори. Партиското раководство едногласно оценило дека партијата на изборите направила чекор напред во однос на ланските вонредни парламентарни избори.“оценката е дека не се приближивме на вистински начин до граѓаните или барем не доволно. Во наредниот период мораме да биде поупорни во промоцијата на нашите решенија. Не бевме доволно упорни. Врвот на партијата ќе ја презеде целосната одговорност на изборниот пораз“, изјави Заев.Тој најави дека на почетокот на јуни партијата ќе излезе со пакет економски мерки за кои ќе инсистира да бидат прифатени, потоа вети подобри кадровски решенија внатре во партијата, како и тоа дека ќе бидат поблиску до граѓаните со тоа што ќе ја избегнуваат салонската политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

