Македонија
Уставниот суд разгледуваше спорни членови од законот за прислушување
На денешната седница на уставниот суд беа разгледани и точките за десет оспорени члена од законот за следење на комуникации т.е измените направени во 2008 г.
Во текот на расправата се поставија дилеми дали се во согласност на уставот на Р. Македонија. Содржината на одредбите се однесува на правата и обврските на истражен судија, јавен обвинител и Министерството за внатрешни работи, во врска со следење на комуникациите, писмата, телефонските разговори и електронската пошта на граѓаните во врска со спречување и откривање на кривични дела, податоци и докази за нив а кои не можат на друг начин да се обезбедат. Се дискутираше и во врска со водењето на кривичните постапки, како и со безбедноста и одбраната на Р. Македонија. Од аспектот од кој се оспоруваат е дали со конкретните правила не се доведува во прашање уставно загарантираното право на граѓаните за приватност, достоинство и личниот и семејниот живот. Иницијатори на овие предлози се три неименувани пратеници кои се членови на НСДП а иницијативата е од 2008 година. Во распаравата се отворија и други дилеми како дали предвидувањето да постои усмено барање кое што обвинителот до истражниот судија за следење на комуникацијата не го довидува некое од уставно загарантираните права на граѓаните. Како дилема во расправата се отвори и прашањето дали има можност да се продолжи следењето на комуникациите по истекот на 30 дена на нов преиод до една година. Се отвори и претходно прашање дали измените на законот извршени во 2008 година се донесени со две третинско мнозинство на пратеници од вкупниот број во собранието. Отстапувањата може да се направат со две третинско мнозинство. Расправата за ова прашање се одложи со заклучок на судот да се изврши проверка на фактот. Судот денес поништи два прописи на општина Кисел Вода, едниот од 2007 а другиот од февруари 2009 година, со кои се предвидува присуството на претходните советници на седниците на работните тела во општината да се плати со задржување на лаптопите. Поништувањето е затоа што според законот за локална самоуправа членовите на советот имаат прао на надоместок за присуство во советот, а не и за седниците на работните тела. Судот донесе правилник за фондот за здравствено осигурување во врска со склучување на договори за плаќање на специјалистички здравствени ординации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.
Македонија
Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.
Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.
На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.
Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.
Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.
„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.

