Свет
Илјадници демонстранти против САД во Техеран

Илјадници демонстранти во Техеран ја одбележаа 31-годишнината од заземањето на американската амбасада во Техеран, демонстрирајќи пред зградата каде некогаш се наоѓала Амбасадата, со повици и транспарентни „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“, јавува Хина.
Исламски студенти на 4 ноември 1979 година ја зазедоа американската амбасада во Техеран и дипломатите ги држеа во заложништво 444 денови. Дипломатските односи меѓу Техеран и Вашингтон, од тогаш се во прекин.
Секоја година на 4 ноември се организираат протести во Техеран на местото на случувањето. Во говорот пред демонстрантите, ајатолахот Али Хаменеи повторно го оправда заземањето на Амбасадата и рече дека таа акција била симбол на храброста и смелоста на револуционерната младост пред силите на САД.
Исто така ги критикуваше некои од американските претседатели, особено пораката на претседателот Барак Обама во 2009 година дека Иран ќе сврти нова страница во билатералните односи.
Но, односите меѓу Техеран и Вашингтон и понатаму се влошуваат, посебно поради спорната иранска нуклеарна програма. Под притисок на САД, Советот за безбедност на ОН му одреди санкции на Иран.
Покрај тоа, САД и Европската унија имаат посебни санкции против Иран, особено во енергетскиот, банкарскиот и секторот за поморски транспорт./крај/хи/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Дмитриев: Да изградиме тунел Путин-Трамп што ќе ги поврзе Русија и САД под морето

Русија и Соединетите Американски Држави треба да изградат железнички тунел „Путин-Трамп“ под Беринговото Море што би ги поврзал двете земји, би започнал заедничко истражување на природните ресурси и би „симболизирал единство“, рече советникот на Путин.
Предлогот на Кирил Дмитриев, инвестициски советник на Путин и раководител на државниот фонд RDIF, се однесува на проект за изградба на железница од 112 километри вредна осум милијарди долари што би ја финансирале Москва и меѓународните партнери.
Дмитриев ја презентираше идејата во четвртокот по телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, за време на кој тие се согласија да се сретнат во Будимпешта.
Долгата историја на идејата за поврзување на континенти
„Врската помеѓу САД и Русија под Беринговото Море е одраз на долгогодишна визија, од железницата Сибир-Алјаска од 1904 година до рускиот план од 2007 година. RDIF ги анализираше постојните проекти, вклучувајќи ја и железницата САД-Канада-Русија-Кина, и ќе го поддржи оној што е изводлив“, напиша Дмитриев на X.
Беринговиот теснец, кој е широк 82 километри на најтесната точка, го одделува рускиот регион Чукотка од Алјаска. Идејата за поврзување на двете територии е стара 150 години, но никогаш не е реализирана.
Дмитриев посочи дека тунелот може да го изгради градежната компанија The Boring Company во сопственост на Илон Маск. Ниту Маск ниту Трамп досега не го коментираа предлогот.
Дмитриев потсети дека за време на Студената војна се појавила слична идеја, Мостот на мирот Кенеди-Хрушчов, и објави нацрти на проектот од тоа време, како и графички приказ на можната рута на тунелот Чукотка-Алјаска, пишуваат медиумите.
Фото: принтскрин
Свет
Путин го предупреди Трамп: Ракетите „томахавк“ сериозно ќе ги нарушат односите меѓу Москва и Вашингтон

Рускиот претседател Владимир Путин, за време на телефонскиот разговор синоќа, го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не ѝ испорачува крстосувачки ракети „томахавк“ на Украина.
Разговорот, кој траеше околу два часа, се чини дека го омекна сè поостриот став на Трамп кон рускиот лидер. Во последните недели Трамп сè повеќе отворено разговараше за можноста за испраќање ракети со долг дострел во Киев.
Кремљ соопшти дека Путин го предупредил Трамп дека испораката на „Томахавк“ – еден од најважните системи за оружје што го бара украинскиот претседател Володимир Зеленски – сериозно ќе ги наруши односите меѓу Москва и Вашингтон.
„Владимир Путин го повтори својот став дека ‘томахавк’ нема да ја променат ситуацијата на бојното поле, но ќе предизвикаат значителна штета на односите меѓу нашите земји, а со тоа и на перспективите за мирно решение“, рече советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, според „Киев индипендент“.
Трамп сè уште не изгледа подготвен да донесе одлука за испраќање ракети во Украина.
„Ни требаат ‘томахавки’ за Соединетите Американски Држави. Имаме многу од нив, но ни требаат и тие. Мислам, не можеме да ја исцрпиме сопствената земја“, им рече тој на новинарите во Овалната соба.
„Не знам што би можеле да направиме во врска со тоа“, додаде американскиот претседател.
Фото: ЕПА
Свет
Добитничката на Нобеловата награда за мир го повикува Трамп да ја запре војната на Мадуро против нејзината земја

Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, повика на поголема поддршка од Соединетите Американски Држави за да се запре она што го опиша како војна на претседателот Николас Мадуро против нејзината земја, пишува Си-ен-ен.
Во интервју за Си-ен-ен, Мачадо ги повтори ставовите на администрацијата на Доналд Трамп нарекувајќи го Мадуро лидер на „криминална наркотерористичка структура“, а од американскиот претседател Доналд Трамп побара поголема помош за негово соборување од власт.
Таа исто така изјави дека американскиот лидер апсолутно заслужува своја Нобелова награда за мир поради „неверојатните настани што моментно се случуваат во светот“ алудирајќи на напорите на Трамп да посредува во мировниот процес на Блискиот Исток.
Изјавите на Мачадо, чија победа предизвика негодување кај некои поддржувачи на движењето МАГА, кои се надеваа дека Трамп ќе ја добие наградата, доаѓаат во време на растечки тензии меѓу САД и Венецуела, пишува Си-ен-ен. Тие следуваа по неколку американски воени напади врз бродови во близина на брегот на Венецуела, кои администрацијата на Трамп наводно ги означи како бродови за шверц на наркотици, а последниот таков напад беше во вторникот кога загинаа шест лица на бродот.
Додека администрацијата на Трамп инсистира дека целите на нивните напади се дилери на дрога, пишува Си-ен-ен, Каракас ги обвинува САД дека се обидуваат да го соборат Мадуро – човек кого САД го обвинуваат за трговија со дрога (обвинение што тој жестоко го негира) и за чија глава има награда од 50 милиони долари.
Мачадо, која е во егзил од спорните избори минатата година, ги поздрави американските акции, што ги смета за намалување на поддршката за режимот на Мадуро.
Таа исто така го обвини Мадуро, пишува Си-ен-ен, дека ја претвора Венецуела во „вистинска закана за националната безбедност на САД“.
„Во случајот на Мадуро и неговата криминална наркотерористичка структура, таа се одржува преку трговија со дрога, злато, оружје, па дури и луѓе, и ние мора да ги намалиме овие текови“, изјави Мачадо за Си-ен-ен.
Таа за Си-ен-ен изјави дека промената на режимот ќе биде можна само со „спроведување на законот и со прекинување на тековите што потекнуваат од овие криминални активности“ додавајќи дека токму тоа би ја завршило војната на Мадуро против нејзината земја.
Фото: принтскрин