Македонија
Спасов: Регистрирани 2.747 фирми преку програмите за самовработување
Вкупно 2.747 фирми се регистрирани од 2008 до 2014 година преку програмите за самовработување сокредитирање. Од нив активни се 2.153 фирми или 78.3 проценти, а во нив се вработени 3.290 лица, соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој потсети дека од 2014 година почна и програмата Самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години. За истата, 343 кредитобаратели поднеле апликации за вработување на 383 лица. При тоа склучени се 131 договор за вработување на 147 лица.
Спасов во четвртокот на прес конференција заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, информираа за активните политики за вработување, односно за распишаните огласи за Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот за самовработување со кредитирање за невработени млади лица до 29 години, Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст.
Министерот Спасов потенцираше дека целта е преку конкретни мерки да се создаваат и креираат можности за сите невработени лица, но и да се поттикнат сите оние коишто имаат сопствен бизнис, идеја и концепт за развој на сопствена компанија да се активираат, ставајќи акцент особено на младите.
„Би сакал да ги мотивирам сите оние коишто размислуваат за основање на сопствен бизнис, особено младите да ја искористат оваа шанса и да подигнат поволен кредит за самовработување и отворање на нови работни места со што не само што ќе се отворат нови работни места туку и ќе се поттикне и развие претприемништвото“, рече Спасов.
Условите под кои може да се добијат кредитните средства за млади до 29 години се следните: кредитобарателот може да подигне 7.000 евра, а за секое ново отворено работно место дополнителни 4.000 евра при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 23.000 евра, рок на враќање на средствата е седум години (84 месеци) односно период на отплата 66 месеци (5,5 години) и грејс период од 18 месеци (1,5 години) и каматна стапка од 1% на годишно ниво.
„Исто така, сакам да ги поттикнам и сите приватни компании коишто планираат да отворат нови работни места за млади, да ја искористат оваа шанса и да аплицираат за поволниот кредит при што доколку вработат младо лице можат да подигнат кредит до 4.000 евра за секое вработување или до 12.000 евра за вкупно три вработувања, при што рокот на враќање е две години со грејс период од една година и само 1% каматна стапка”, информираше Спасов.
Сите заинтересирани субјекти и невработени лица може да поднесат барања за учество во некоја од овие мерки или да се обратат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Република Македонија, каде што исто така, можат добијат детални информации.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels
Економија
Нова потенцијална инвестиција на компанијата „Интекар глобал“
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералниот менаџер на компанијата Интекар Глобал, Махмутхан Келеш. Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати минатиот месец, беше посветена на разгледување на конкретни можности за потенцијално инвестирање од минимум 20 милиони евра.
Директорот Димовски ги претстави активностите и приоритетите на Владата, при што ја истакна подготвеноста за поддршка на компании кои планираат проширување на своето присуство и реализација на развојни проекти кои носат висока додадена вредност.
Од страна на Махмутхан Келеш, генерален менаџер на компанијата Интекар Глобал беа презентирани досегашните резултати, како и визијата за натамошен развој, при што беше нагласен интересот за продлабочување на соработката и разгледување на можности за потенцијална инвестиција од минимум 20 милиони евра. Во тој контекст, беше потенцирана важноста на стабилната деловна средина и институционалната поддршка за успешно реализирање на долгорочни деловни планови.
Компанијата Интекар Глобал која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до средно напонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.
Оваа средба – продолжение на разговорите започнати ноември годинава, претставува дел од концептот посветен на активна комуникација и соработка со сите инвеститори. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, останува и понатаму посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, преку партнерски однос со инвеститорите и институционална поддршка за реализација на инвестиции што придонесуваат кон економски раст и отворање нови работни места.
Економија
Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата потпишала договори за инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 100 милиони евра, со што, како што истакна, енергетиката се позиционира како еден од клучните национални приоритети.
Како што наведе Мицкоски, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Вкупната вредност на инвестициите изнесува 97 милиони евра, од кои 50 милиони евра се обезбедени од КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се средства од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.
Според премиерот, со овие проекти инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра и имаат стратешко значење за националната безбедност, економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Тој посочи дека сигурен и стабилен енергетски систем е предуслов за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизирање на енергетскиот биланс.
Мицкоски истакна дека фотонапонската електрана „Битола 3“ претставува чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе придонесе за зголемена ефикасност и продолжен работен век на постојните капацитети.
Премиерот додаде дека инвестициите ќе имаат и економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници. Тој изрази благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и до меѓународните партнери КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој за поддршката и довербата во проектите.

