Македонија
Регионални натпревари „Детски семафор“
Од утре започнуваат регионалните натпревари „Детски семафор и сообраќајно техничка култура на млади“ кои по 44-ти пат ќе се одржат во осум региони во државата.
Од утре започнуваат регионалните натпревари „Детски семафор и сообраќајно техничка култура на млади“ кои по 44-ти пат ќе се одржат во осум региони во државата. Натпреварите во Скопје се закажани на 14-ти и 15 -ти мај. Победниците од осумте регионални натпревари на 28 мај во Скопје ќе се натпреваруваат на државниот натпревар во едно основно училиште. Натпреварите се во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и имаат за цел да ги поттикнат младите на свест и едукација на сообраќајот на патиштата. „Целата училишна популација е вклучена во натпревари коишто имаат за основа едукација на децата за безбедно учество на сообраќајот. Сообраќајот е дел од нашите животи на многу повисоко ниво од она што го перцепираме секој ден“, изјави член на комисијата за информирање на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Тоше Јанев. Тој додаде дека обуката на децата за безбедно учество во сообраќајот е од особено значење за заштита на животот како и подготвеност за подобри идни возачи. „Имаме цели 50 проценти намалување на жртвите во сообраќајот и нула проценти деца жртви во сообраќајот. Секако дека е многу тешко да се постигне нула проценти деца жртви во сообраќајот. Но, самата високо поставена цел значи постигнување на високи резултати во бројот на намалување на што помал број на жртви на патиштата од страна на децата“, вели секретарот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Љупчо Ставревски. Исто така, од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелираат до матурантите и родителите да внимаваат во сообраќајот за време на матурските вечери, бидејќи тие се значително нови возачи на патиштата. Победникот на државниот натпревар ќе земе учество во европското натпреварување во септември во Париз, Франција. Минатата година на овој натпревар, кој се одржа во Скопје, репрезентацијата на Македонија го освои второто место во конкуренција со 21 европска држава. /крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

