Македонија
Владата ќе ја субвенционира медијацијата
Владата од почетокот на следната година ќе ја субвенционира медијацијата, како алтернативен начин за решавање на споровите што постои како законска можност, информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Планирано е до крајот да годината да има измени во Законот за медијација и Законот за бесплатна правна помош со цел да се дефинираат услови и критериуми за субвенционирање на медијацијата од страна на државата.
„Рамката во која ќе се движат измените претпоставува покривање на финансиските трошоци на страните за медијација за остварување на максимум првите 4 часови од процесот на медијација, и тоа во висина од трошокот на медијацијата по час кој би изнесувал од 15 до 25 евра. Анализите и праксата покажуваат дека 4 часа се доволни за страните да се запознаат со медијацијата, да го изложат проблемот пред медијаторот кој понатаму ќе ги усмерува страните кон начинот за надминување и решавање на нивниот меѓусебен спорен однос, па и да го решат спорот. Ќе се субвенционира само медијација пред започнување на судската постапка, не онаа која би била побарана во рамките на веќе тековна судска постапка. Трошоците ќе бидат обезбедувани од Буџетот“, изјави Ѓорѓиев.
„Со субвенциите очекуваме граѓаните полесно да се одлучуваат да одат на медијација на споровите, и на дело да ја увидат корисноста од медијацијата. Бенефициите на системот на државата се пак уште поголеми бидејќи не се активира судскиот систем и се остава повеќе простор и време за решавање на навистина спорни ситуации и предмети, за кои е оправдано да се активира судскиот механизам, што значи заштеда и на време, и на пари и на кадар во судството“, рече владиниот портпарол.
Со измените ќе бидат предвидени и засилени услови што едно лице треба да ги исполни со цел да ја врши оваа професија.
„Секој посетител на обука за медијатори, нема да може да стане медијатор, туку само оние кои ќе поминат позитивно на независната процена. При изработка на законските измени во Законот за медијација, за потребно ќе се наметне вградување на квалитативни критериуми за медијаторите, односно поседување на соодветно образование, комуникациски вештини, професионална етика, менаџирање конфликт, балансирање на моќ, правичност. Степенот на знаење би се регулирал преку специјализирани тестови“, рече Ѓорѓиев.
Исто така, се планира и формирање на тело за стандарди на квалитет на медијацијата, односно проценувачи кои ќе даваат дозволи за станување медијатор.
„Со сите овие измени очекувањата се дека ќе се придонесе кон развој на медијацијата и нејзино поголемо искористување, од што корист ќе имаат и граѓаните и државата“, рече Ѓорѓиев. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

