Свет
Либискиот совет го зазема конференцискиот центар во Сирт

Силите на либискиот Национален преоден совет (NTC) во неделата го заземале конференцискиот центар Уагадуду, во Сирт, родниот град на водачот на либиската Џамахирија, полковникот Моамер ел-Гадафи, јавува AFP.
Силите на либискиот Национален преоден совет (NTC) во неделата го заземале конференцискиот центар Уагадуду, во Сирт, родниот град на водачот на либиската Џамахирија, полковникот Моамер ел-Гадафи, јавува AFP. Конференцискиот центар во јужното подрачје на Сирт, претходните месеци беше центарот на жестокиот отпор што им го пружаа лојалистите на Гадафи на востаничките сили кои речиси два месеца се обидуваат да го заземат градот. „Сто отсто го контролираме Уагадуду. Сега ни е отворен патот да го заземеме целиот град.“, тврди за француската агенција еден од воените команданти на Советот, Мохамед ал-Фајад. Агенцијата јавува дека во неделата рано попладнето, сé уште одекнуваат детонации од вооружениот судир што се води во северниот дел од градот. „Блиску сме до центарот на градот, тоа сега е прашање на часови. Потребно ни е време за координација“, вели ал-Фајад за AFP.Конференцискиот центар кој е изграден во јужниот дел на Сирт, за одржувањето на панафриканскиот самит, беше главната цел на борците на Советот од почетокот на офанзивата која конечно започна на 15-ти септември. AFP пренесува дека востаниците почнале да ги кинат портретите на Моамер ел-Гадафи и зелените знамиња на соборениот режим, додека нивните соборци триумфално се возат околу зданието. Неколку часови претходно во неделата, силите на Советот соопштија дека го заземале Универзитетот во Сирт, кој исто така беше упориште на лојалистите на Гадафи. Исто така неколку часа претходно, кинеската новинска агенција Синхуа, повикувјаќи се на изјави од лекарите од локалната болница во која се пренесуваат загинатите и ранетите, пренесе дека најмалку 17 лица загинале а 227 се ранети во уличните борби што два дена се водат меѓу вооружените сили на Преодниот совет и поддржувачите на соборениот лидер Гадафи.Претставник на командата на Советот за кинеската агенција потврдил дека лојалистите се опколени во неколку населби, а дека борбите продолжуваат во централното градско подрачје, коешто според него наскоро ќе биде целосно заземено.Сепак, според дописникот на Синхуа, притисокот на борците на Советот ослабел поради загубите, како и поради тоа што остатоците од силите на Гадафи низ разните делови на градот распоредиле снајперски и минофрлачки гнезда кои континуирано стрелаат врз позициите на востаниците, што претставува сериозна закана за силите на владејачката администрација.Еден од борците, кој се претставил со име Фарал, за Синхуа изјавил дека неговата единица контролира неколку улици од Сирт и спроведува проверка на куќите кои биле користени како засолништа за лојалистите на Гадафи. Тие, исто така, наводно заробиле десетици платеници во составот на силите на лојалисите. И натаму цивилното население продолжува да го напушта градот преку коридорот кој е направен за да можат безбедно да излезат од зоната на борбените дејствија. Сирт, кој се наоѓа околу 360 километри источно од престолнината Триполи, и пустинскиот град Бани-Валид, 170 километри, се последните две големи засолништа на силите на Гадафи. Членовите на неговото семејство пребегаа во странство, но останува непозната засолништето на самиот Гадафи, но се претпоставува дека е сé уште во Либија./крај/афп/син/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Египет: Златна нараквица стара 3.000 години продадена и стопена за 3.400 евра

Само неколку дена откако египетските власти објавија дека ретка златна нараквица стара 3.000 години исчезнала од лабораторијата за реставрација во Египетскиот музеј во Каиро, полицијата објави дека потрагата завршила трагично.
Според CBS News, ретката нараквица била украдена од вработена во музејот која ја продала за помалку од 4.000 долари (3.406 евра), а потоа била стопена и засекогаш изгубена.
Министерството за внатрешни работи на Египет вчера објави дека четири лица се уапсени во врска со исчезнувањето на нараквицата.
Нараквицата била украдена од сефот во лабораторијата на 9 септември од страна на вработена во музејот.
Потоа таа ја дала нараквиците на познаник кој поседува продавница за сребро во Каиро, според CBS News, кој потоа ја продал на златар за речиси 3.800 долари (3.236 евра). Сопственикот на продавницата потоа го продал предметот на друг златар за околу 4.000 долари, кој ја стопил нараквицата и ја преобликувал во друг златен накит.
Свет
Три руски воени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор, реагираше НАТО

Воздушниот простор на Естонија, членка на НАТО, денес беше нарушен од три руски воени авиони, објави владата на земјата, во услови на сè понапнати околности на источното крило на алијансата.
Инцидентот се случи нешто повеќе од една недела откако повеќе од 20 руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор во ноќта меѓу 9 и 10 септември, од кои некои мораа да бидат соборени од авиони на НАТО. Западните претставници во тоа време проценија дека Русија ја тестира подготвеноста и решителноста на алијансата.
Талин соопшти дека три борбени авиони МиГ-31 влегле во естонскиот воздушен простор без дозвола и останале таму вкупно 12 минути.
„Русија веќе четири пати го наруши естонскиот воздушен простор оваа година, што само по себе е неприфатливо, но денешното нарушување, за време на кое три борбени авиони влегоа во нашиот воздушен простор, е невидено дрско“, рече министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
„На зголеменото тестирање на границите и агресивноста на Русија мора да се одговори со брзо зголемување на политичкиот и економскиот притисок“, додаде тој.
Естонската војска потврди дека руските борбени авиони биле пресретнати од италијански авиони Ф-35 со седиште во Амарија, Естонија, како дел од мисијата за воздушен надзор над Балтичкото Море.
Естонските власти изјавија дека поднеле протест до највисокиот дипломат на земјата.
Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, исто така, издаде соопштение, потврдувајќи дека НАТО реагираше на инцидентот и пресретна руски борбени авиони:
„Порано денес, руски авиони го нарушија естонскиот воздушен простор. НАТО реагираше веднаш и го пресретна рускиот авион. Ова е уште еден пример за неодговорно руско однесување и способноста на НАТО да одговори.“
Свет
Ким Џонг-ун на тестирање на борбени беспилотни летала- повикува на развој на вештачка интелигенција

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на тестирањето на борбени беспилотни летала и охрабри истражување за употреба на вештачка интелигенција за воени цели, објави денес државната новинска агенција КЦНА.
Експертите проценуваат дека таквиот развој на севернокорејскиот арсенал несомнено е поврзан со воената соработка со Русија, обележана со испраќање севернокорејски војници да се борат заедно со руските сили во војната против Украина.
„Тој тест јасно ја покажа извонредната борбена ефикасност на тактичките борбени беспилотни летала на Пјонгјанг“, додаде агенцијата. За Ким Џонг-ун, овие авиони претставуваат висок приоритет и најважна задача во модернизацијата на севернокорејската армија.
Севернокорејскиот лидер, исто така, повика на брз развој на неодамна воведената технологија за вештачка интелигенција и проширување и зајакнување на капацитетот за масовно производство на беспилотни летала, додаде КЦНА. Државните медиуми го објавија развојот на борбени беспилотни летала минатата година.
Фото: принтскрин