Свет
Колкава е криминалната империја на Смиленски?
Четворицата од семејството Смиленски, Методија, неговата сопруга Јованка и синовите Игор и Горан, криминалната империја од 40 милиони долари државни пари ја имаат остварено преку совршено разработена шема и мрежа од 48 сестрински фирми.
СОВРШЕНО РАЗРАБОТЕНА МРЕЖА ЗА КРАДЕЊЕ ДРЖАВНИ ПАРИ
Мери Јордановска
Четворицата од семејството Смиленски, Методија, неговата сопруга Јованка и синовите Игор и Горан, криминалната империја од 40 милиони долари државни пари ја имаат остварено преку совршено разработена шема и мрежа од 48 сестрински фирми. Дури и обидите на судот да ја разработи империјата на Смиленски завршуваат со прашалници затоа што проневерените државни пари се губат и се распрскуваат низ педесетина фирми оформени во Скопје, Виена, Свети Николе и во Штип.
Се почнува кога Методија Смиленски и неговата сопруга Јованка ја основаат фирмата Симаг Холдинг ГмбХ од Виена, која, пак, ја основа сестринската фирма Дан Трејдинг ГмбХ. Овие две се основачи или, пак, поседуваат акции во уште петнаесет други фирми, како Друштвото за трговија Симаг – Инвест, Имобилијаре, Трикотажа Симаг – Инвест, Агро-инвест Дан Традинг, Д. Ц. Медикал, Алфа корн, Млеко Импекс и многу други. Мрежата не завршува тука. Секоја од овие фирми се јавува како основач на трети деловни субјекти. Така, синовите на Смиленски ја основаат фирмата Дан Макотрејд Виена, која, пак, се јавува како основач на Друштвото за производство и трговија Скопје Млеко. Симаг-инвест ја основаат двете австриски фирми, а оваа, пак, се јавува како основач на живинарската фарма Его фарм, Млеко-импекс, Индус-Симаг, Екотекс, Жито КО Симаг инвест, Аго инжинеринг, Симаг комерц и Депрос. Друштвото за трговија Д. Ц. Медикал, пак, ја основа скопската аптека Медикал, која, пак, се јавува како основач на Дијагностичкиот центар Медика АД Скопје. И така мрежата се заплеткува до тој степен што крајниот резултат што се подготвувал во Основниот суд завршува со прашалници, кои најверојатно никогаш нема да бидат одгатнати.
Судската шема е само доказ за начинот на кој се создавала криминалната империја на австрискиот бизнисмен, кој бара да стане српски државјанин за да ја избегне екстрадицијата во Македонија, а со тоа и одгатнувањето на имињата на сите функционери вмешани во неговиот криминал.
Единствено е сигурен начинот и причината за создавањето на империјата на контроверзниот бизнисмен: фирмите ги купувал евтино, а имотот го ставал под хипотека за кредит. Парите од кредитот во сопствен џеб, а фирмите во ликвидација. Нивниот имот го префрлал како влог за основање други фирми, кои во меѓувреме основаат трети. Дел од овие фирми, како што потврдуваат повеќе извори, никогаш и не работеле, а биле користени за префрлање пари и реализација на сомнителни трансакции, кои ја довеле Експорт-импорт банката на Смиленски до финансиски колапс.
– Имотот го раскрчмуваше и купуваше фирми што никогаш немаше намера да ги разработи. Трагите на малверзациите се кријат, а крајната точка е само еден прашалник – коментираат познавачите на криминалните зафати на австрискиот бизнисмен.
Се разбира, велат тие, тоа никогаш немало да се случи доколку Смиленски за своите деловни потреби не успевал лесно да зема кредити и да добива гаранции од Народната банка на Македонија, додека гувернер на банката бил Љубе Трпески.
Во 2003 година по налог на НБМ, Експорт-импорт банката ги известила сите деловни банки да ги блокираат сметките на 48-те фирми на Смиленски. Вработените во „Голд фарм“, „Индус“, „Алема“, „Евитал маг“, „Медикал“, „Бејби бум“ останале без работа. Во дијагностичкиот центар „Медикал“ немало услови за работа, а вработените во „Индус“ биле хендикепирани лица, кои не примале здравствени картони и плата.
Правните експерти велат дека се мали шансите да се одгатнат сите криминали на австрискиот бизнисмен, а уште помали на сите сегашни и бивши функционери, кои зеле дел од неговиот колач.
Доколку на Смиленски му биде одобрено српското државјанство, постојат два начини за да продолжат судските процеси против него. Првиот е тие да продолжат во негово отсуство (како во случајот со Драган Даравелски) , а вториот да бидат пратени на одлучување во странство. Сепак, барањето за негова екстрадиција се однесува само на меѓународната потерница за злоупотреба од светиниколскиот Основен суд. Тој не може да биде суден или притворен за други предмети ако биде екстрадиран во Македонија.
ШТОСЕСЛУЧИСО ИМПЕРИЈАТА?
Работниците без леб, фирмите во стечај
Каква беше судбината на фирмите вплеткани во криминалната мрежа, која остави на улица повеќе од 6.000 работници ? Акционерите на „Центро“ пред две години упорно се обидуваа да ја објаснат и докажат шемата на Смиленски околу раскрчмувањето на имотот на оваа фирма во 1997 година. Акционерите тогаш тврдеа дека тој преку ноќ незаконски ја купил фирмата. „Ист-вест трејд“, фирма на Смиленски од Виена, ги презела побарувањата на други две негови фирми – „ЕВТ“ и на Експорт-импорт банка за пет милиони евра. Побарувањата биле претворени во траен влог и на таков начин тој станал сопственик на „Центро“. Со финансиски малверзации, тврдеа акционерите, долговите на своите фирми ги пренесувал на сметка на „Центро“ со што ги презадолжувал и го банкротирал претпријатието. Пред да почне, но и за време на стечајната постапка, целиот имот на „Центро“ бил префрлен на други фирми од неговото семејство – „Имобилијаре центар“ и „Имобилијаре маркет“ од Скопје и „Имобилијаре систем“ и „Имобилијаре маркет“ регистрирани во Штип, а со седиште во Свети Николе. Овие четири фирми потоа уделите им ги отстапувале на други негови фирми со седиште во Австрија и Кипар. Тие се јавувале како гаранти кај Експорт-импорт банка за кредит во висина од 11 милиони долари што им го одобрила фирмата „Сито трејдинг“ од Гибралтар. Оваа фирма не го вратила кредитот, а Експорт-импорт ја пополнила финансиската дупка продавајќи го „Центро“.
Фирмата добила кредит од швајцарската банка ЛХБ, вреден 2,5 милиони долари, а за парите гарантирала НБМ и гувернерот Трпески. Гаранцијата наместо на 2,5 била на 5 милиони долари. Парите ги добила Македонска банка, затоа што штипската фирма првенствено оттаму ги барала. Во меѓувреме австриската фирма „Макотрејд“ (фирма на Смиленски) наплатила точно 2,5 милиони долари на фактура за испорачан памук во „Текстил инвест“. До денес никој не докажал каде е памукот. Парите се исплатени на нерезидентната сметка на оваа австриска фирма, која по некоја случајност е во банката на Смиленски. Преостанатите 2 милиони долари од кредитот на ист начин се внесени на сметка на Смиленски само преку друга домашна фирма, овој пат преку „Агропродукт“ од Богданци. Другите 500.000 долари се загубени во лавиринтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп: Орбан никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, попладнево ја повтори својата поддршка за унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во Унгарија, само неколку часа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го критикуваше унгарскиот лидер за неговите критики за неговата поддршка за Украина.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече Орбан „вистински силен и моќен лидер кој има докажана евиденција за постигнување феноменални резултати“.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас ги сакам Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека Орбан вредно работи за да ја заштити Унгарија, да ја развие економијата, да создаде работни места, да ја промовира трговијата, да ја запре нелегалната имиграција и да обезбеди закон и ред. Трамп, исто така, се осврна на односите меѓу двете земји за време на неговото претседателствување.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан“, напиша тој.
Трамп, исто така, ја изрази својата желба да продолжи соработката „за да можат двете наши земји да продолжат да напредуваат по овој извонреден пат кон успех“.
Тој потсети дека го поддржал Орбан на изборите во 2022 година. „Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно“.
„Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и комплетна поддршка за реизбор како премиер на Унгарија. Тој никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија“, заклучи Трамп.
фото/епа
Свет
Трамп повторно го тужи Харвард
Администрацијата на Трамп денес поднесе нова тужба против Универзитетот Харвард, обвинувајќи го дека не се придржувал до федералната истрага и барајќи документи поврзани со неговите практики за прием на студенти.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Бостон, адвокатите на Министерството за правда на САД изјавија дека бараните документи ќе помогнат да се процени дали Харвард се придржува до пресудата на Врховниот суд на САД од 2023 година, со која програмите за прием на колеџи базирани на раса се прогласени за неуставни.
Министерството за правда соопшти дека ја поднело тужбата „единствено за да го принуди Харвард да достави документи поврзани со какво било разгледување на расата при приемот“ и „не го обвинува Харвард за какво било дискриминаторско однесување, ниту бара парична отштета или укинување на федералното финансирање“.
Трамп, претходно овој месец изјави дека неговата администрација бара 1 милијарда долари од Харвард за решавање на истрагите за политиките на универзитетот, откако новинските извештаи објавија дека Трамп се откажал од барањето за исплата од престижниот универзитет.
Харвард е во фокусот на широката кампања на администрацијата за користење на федерално финансирање за да се поттикнат промени на американските универзитети, за кои Трамп вели дека се погодени од антисемитски и „радикално левичарски“ идеологии.
Администрацијата откажа стотици грантови доделени на истражувачи од Харвард врз основа на тоа што универзитетот не направил доволно за да го спречи вознемирувањето на еврејските студенти на својот кампус, што го натера Харвард да поднесе тужба.
фото/Depositphotos

