Свет
Еленовски ги менува комисиите за јавни набавки како чорапи
Министерството за одбрана го мести најдобриот понудувач на тендерот за нафтени
деривати, масло и антифриз, зделка тешка околу 7 милиони денари, се сомневаат
претставници на фирми, учеснички на јавниот повик чии понуди беа отворени во
минатиот вторник, на 29 мај.
ГО МЕСТИ ЛИ МО ТЕНДЕРОТ ЗА НАФТЕНИ
ДЕРИВАТИ?
Министерството за одбрана го мести најдобриот понудувач на тендерот за нафтени
деривати, масло и антифриз, зделка тешка околу 7 милиони денари, се сомневаат
претставници на фирми, учеснички на јавниот повик чии понуди беа отворени во
минатиот вторник, на 29 мај. Дознаваме дека на самиот ден кога требало да се
отворат понудите на фирмите, министерот за одбрана Лазе Еленовски го сменил
составот на комисијата за јавни набавки иако нејзините членови биле избрани
само една недела пред тоа. Токму поради ваквите „сомнителни активности на
министерот“, како што велат нашите извори, доцнело и отворањето на понудите –
требало да почне во 10 часот, а тоа се случило дури половина час подоцна, што е
спротивно на Законот за јавни набавки.
Еленовски, како што може да се види и од документацијата што ја поседува
„Време“, во рок од една недела донел две решенија за формирање комисија за
јавни набавки на нафтени деривати – едното на 22 мај, а другото на 29 мај, на
денот на отворањето на понудите. Во Министерството за одбрана потврдуваат дека
Еленовски ги потпишал двете решенија и за многу кратко време направил промени
во комисијата. Но, тврдат дека постапил согласно со законот бидејќи имал право
да ги назначува членовите на комисијата. Во постапката на министерот, како што
не уверуваат во МО, нема ништо незаконско, ниту пак има задни намери – местење на
јавните набавки што биле предмет на јавниот повик одржан во минатата недела.
Надлежните објаснуваат дека кога ќе заврши процената на понудите и кога јавно
ќе биде обелоденет најповолниот понудувач, ќе се докаже дека ниту Еленовски,
ниту кој било во надлежното министерство имал намера да го намести тендерот.
На прашањето на „Време“ зошто министерот бил принуден во последен момент да го
смени составот на комисијата, која немала спроведено ниту една набавка, и да го
задоцни отворањето на понудите, одговорните во МО само креваат раменици. И се
повикуваат на законското право на министерот да менува и да назначува членови
на комисиите за јавни набавки. Освен за нафтени деривати, оваа комисија има
задача да ги спроведува постапките за јавни набавки на гуми, моторни и товарни
возила, резервни делови за моторни возила, противпожарна опрема и одржување
моторни возила.
– Не знаеме што се случувало во Министерството за одбрана и што правел
министерот со комисиите за јавни набавки, но факт е дека отворањето на нашите
понуди доцнеше половина час. Да беше обратна ситуацијата, да доцнеше нашиот
претставник макар и десет минути, немаше да му биде дозволено да присуствува на
отворањето, ниту пак ќе беше разгледана нашата понуда – велат во една скопска
фирма што учествува на тендерот, но нејзиниот претставник инсистираше на
анонимност додека не бидат обелоденети резултатите од јавниот повик.
Токму поради овие причини нашите соговорници засега не го соопштуваат
идентитетот, но велат дека сите нивни забелешки ќе ги напишат во жалбите до
второстепена владина комисија откако ќе биде затворен тендерот.
Еден човек
за две комисии
Зоран Диновски, од Секторот за логистика и недвижности, кој е назначен за
заменик-претседател на комисијата за јавни набавки, е претседател и на комисијата
за градежништво, реагираат нашите извори. Диновски во комисијата за јавни
набавки што била избрана на 22 мај, на која не и било судено да почне да
работи, бил избран за заменик-член, а за една недела бил назначен за
заменик-претседател.
– Не се сомневаме во стручноста на Диновски, но има конфликт на интереси со тоа
што тој води две комисии. Зарем не можеше министерот да најде друг човек за
комисијата за јавни набавки. Па, нели е срамота во околу 9.000 вработени во МО
и во АРМ да не се најде друго стручно лице – реагираат претставници на фирми
учеснички на тендерот за нафтени деривати, гуми…
Во МО за ваквите забелешки велат дека се тенденциозни затоа што министерот
сакал за заменик-претседател на комисијата за јавни набавки да назначи стручен
човек со искуство бидејќи станувало збор за многу сложена проблематика и
одговорна работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп: Орбан никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, попладнево ја повтори својата поддршка за унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во Унгарија, само неколку часа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го критикуваше унгарскиот лидер за неговите критики за неговата поддршка за Украина.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече Орбан „вистински силен и моќен лидер кој има докажана евиденција за постигнување феноменални резултати“.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас ги сакам Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека Орбан вредно работи за да ја заштити Унгарија, да ја развие економијата, да создаде работни места, да ја промовира трговијата, да ја запре нелегалната имиграција и да обезбеди закон и ред. Трамп, исто така, се осврна на односите меѓу двете земји за време на неговото претседателствување.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан“, напиша тој.
Трамп, исто така, ја изрази својата желба да продолжи соработката „за да можат двете наши земји да продолжат да напредуваат по овој извонреден пат кон успех“.
Тој потсети дека го поддржал Орбан на изборите во 2022 година. „Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно“.
„Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и комплетна поддршка за реизбор како премиер на Унгарија. Тој никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија“, заклучи Трамп.
фото/епа

