Актуелно
Македонскиот драмски писател Зоран Пејковски назначен за почесен амбасадор на мирот
Неодамна македонскиот драмски писател Зоран Пејковски е назначен за почесен амбасадор на мирот од меѓународната организација Universelle des Ambassadeurs de la Paix, чиј претседател е Габриел Симонд.
Станува збор за една од најголемите светски организации во која членуваат 100 земји и 1.000 амбасадори на мирот, која функционира во Швајцарија и Франција, односно Женева е заедничкиот меѓународен секретарјат на организациите и за Швајцарија, и за Франција, сѐ со заедничка мисија, мир во светот.
Како што е и претходно напоменато во неа членуваат голем број на истакнати имиња во своите држави, од своите области, а најчесто застапени се писатели кои даваат придонес за мирот, односно сите оние кои работат за мир, формирајќи еден дух, една душа, едно срце, едно тело, едно Универзално семејство.
„Задоволството е огромно да се биде член во една ваква светска организација, посебно затоа што како што може да се види и од добиениот сертификат, забележани сме со уставното име на Република Македонија, (Zoran Pejkovski – Macédoine). Тоа е дотолку посилно затоа што со ова се докажува дека Република Македонија е уставно призната земја, и претставува потврда дека секаде во светот и за секого во светот ние сме Македонија. Ѝ благодарам на претседателската госпоѓата Габриел Симонд што покажа колку е значајна Република Македонија за глобалниот свет“, истакна Пејковски.
Инаку, целите и задачите на оваа светска организација за мир се оддавање на респект на мажите и жените од сите земји, од сите националности, сите средини, на сите верски семејства, духовни заедници, кои работаат за мирот на глобално и национално ниво. Тоа значи промовирање на нивната работа, говор, активности, книги, филмови, конференции, потоа формирање на Комисија за глобалниот почесен амбасадорски тим составен од личности кои се вклучени и активно учествуваат во нивните активности за мир меѓу народите и човештвото. Овие амбасадори ќе учествуваат ќе креираат, и ќе помогнат да се создадат активностите, како и насоки кон патот на мирот.
Што се однесува, пак, до амбасадорите на мирот, тие се номирани заради своите придонеси и постапки, преку нивниот дух, нивните текстови, нивните книжевни дела, со тоа што ќе станат жив пример за мир, братство, хуманизам, во нивниот секојдневен живот. Тие преставуваат живи примери на мирот насекаде, и во нивното семејство во нивната држава, тие се живи факели на духот на универзалниот и вечен мир.
Македонскиот амбасадор за мир Зоран Пејковски, е магистер по драматургија, но е и единствениот натуралист во македонската литература, а покрај тоа што тој е драмски писател и драматург, тој е и поет, прозаист, преведувач и публицист, а е и драматург во Народниот театар од Охрид. Воедно, тој е и докторнат на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.
Инаку, Зоран Пејковски автор е на повеќе книжевни и драмските дела, и тоа: „Атомско време“ (трагедија, 1987), „Тесно небо“ (поезија, 1993), „Последниот чин на комедијата на смртта“ (трагикомедија, 1994), „Реликвија на светлината“ (поезија, 1996), „Облак во пантолони“ (препев на В.В. Мајаковски, 1997), „Relic of the light“ (поезија, 1998), „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999), „Љубов на вересија“, (љубовно-еротска комедија, 2000), „Театарот е ритам и стил“ (публицистика, 2002 година), „За животот, љубовта и смртта“ (монодрама, 2011), одиграна на сцената на Народниот театар од Битола, во театарската сезона 2001-2002 година, „Театарот е фабрика за соништа“ (публицистика, 2012 година), „Сон“ (трагедија, 2013 година), „Сега знам“ (поезија, 2014 година), „Сите наши кодоши“, (македонска национална трагедија, 2014 година), „Самуилово распетие“ (драма во стих со пролог и епилог, 2014 година). Во 2014 година, го работи и сценско-драмскиот рецитал „Херувимите на Самуиловата круна“, кој беше одигран од актерите на Народниот театар од Битола по повод 1000-годишнината од смртта на царот Самуил, во организација на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Демир Хисар, а по повод отворањето на Демирхисарското културно лето – Топол културен бран, а во 2016 година излегува од печат.
Потоа следат и „Градот на јужното море“ (роман, 2015 година), како и сценско-драмскиот рецитал „Со љубов кон Свети Климент Охридски“ (сценско – драмски рецитал, 2015 година), а актерите на Народниот театар од Прилеп, го одиграа, по повод отворањето на Демирхисарско културно лето – Летен културен бран во организација на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Демир Хисар. Во 2016 година пак, од печат излегуваат и: „Да не ми е сон“ (поезија, 2016 година), „Избор драми – трагедии“ направен од проф. д-р Димитар Пандев кој се осврнува во предговорот на оваа книга, посочувајќи дека Зоран Пејковски е единствениот натуралист во македонската литература (избор драми-трагедии, 2016 година), како и „Златна прашина“ (поезија, 2016 година).
Меѓу другото тој е и автор на драмскиот текст „Мали детски разговори“ (пиеса за деца, 2016 година), а во 2016 година, актерите на Народниот театар од Прилеп, ја одигруваат адаптацијата на драмскиот текст во стих „Апостолска чудотворност“, по повод отворањето на Демирхисарско културно лето – Топол културен бран, во организација на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Демир Хисар, а по повод 1.100 години од смртта на свети Климент Охридски. Исто така оваа драмска адаптација е одиграна и на отворањето на шестата по ред Меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“ во организација на Министерството за култура на Република Македонија, потоа во Општината Могила, исто така во рамките на Топлиот културен бран во организација на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Могила, итн.
За Зоран Пејковски може да се каже и дека од 1995 година е член на Друштвото на писатели на Македонија, потоа, член на Собранискиот одбор на Друштвото на писатели на Македонија, а е претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола. Пејковски е и член на Македонското научно друштво од Битола, и член на Управниот одбор на Македонското научно друштво, а бил и раководител на Центарот за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво, кој работи во рамките на Македонското научно друштво, а е главен и одговорен уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола. До неодамна беш и главен и одговорен уредник на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, кое излегува во рамките на Македонското научно друштво од Битола.
Воедно, Пејковски, е преведуван и препејуван на повеќе странски јазици: англиски, француски, српски, словенечки, хрватски, босански, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, шпански, романски, полски, влашки, монголски итн. За својот книжевен и публицистички опус има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои: „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно просветната заедница на Македонија во 1992 година; наградата „Празник на липите“ во 2012 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“ во 2014 година, потоа наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола за книжевност и литература за 2014 година, за збирката песни „Сега знам“ и за драмскиот текст „Сите наши кодоши“, па следи наградата „Јован Котевски“ во 2016 година за збирката песни „Златна прашина“, потоа наградата „ЕРГО СУМ“ во 2016 година за популаризација и афирмација на театарскиот израз, итн./крај/мф/аш
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Актуелно
Со предавање на Нејтан Браун вечерва почнува фестивалот за критичка култура КРИК
Вечерва (21 јуни), во 20 часот, во просториите на Чифте амам, почнува јавната програма на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапукт“.
Фестивалот ќе го отвори професорот Нејтан Браун со предавањето со наслов „За жал, кутриот Јорик! Постоењето на духот е коска“.
Нејтан Браун е вонреден професор по англиски јазик и истражувач од Канада, кој ја води катедрата за поетика на Универзитетот „Конкордија“, Монтреал, каде што раководи со Центарот за проширена поетика. Автор е на три книги „Сенката на Бодлер: Есеј за поетската определба“, „Рационалистички емпиризам: теорија на спекулативна критика“ и „Границите на изработката: наука за материјали, материјалистичка поетика“.
„Шекспировиот ‘Хамлет’ и Хегеловата ‘Феноменологија на духот’ вклучуваат две од најпрепознатливите изреки во западната култура: ‘За жал, кутриот Јорик!’ и ‘Постоењето на духот е коска’. Што е тоа што го препознаваме кога ги слушаме или читаме овие зборови? Во рамките на предавањето ќе се користи спојот на овие фрази како повод за промислување на самиот факт на окупирање на просторот како минимална димензија на егзистенцијалната драма. Работејќи на односот, кој се воспоставува помеѓу сцената на гробиштата во Хамлет со другите елементи на сложената структура на драматуршката предлошка, каде што фигурите на просторното постоење се загрозени, ние ќе ги означиме како срж на физичките и метафизичките грижи, кои се читаат во текстот и на односот помеѓу духот и материјата. Ова ќе ни овозможи да го прецизираме посебниот модалитет на постоењето на драмата и да ги сфатиме историските и уметничките влогови на просудувањето на бескрајот суд кај Хегел“, се вели во најавата за настанот.
Актуелно
Фестивал „Нови простори“ на кејот на Вардар во центарот на Скопје
Фестивалот „Нови простори“ годинава ќе се одржи в сабота на 18 јуни, на кејот на реката Вардар, при што програмата е поделена на два дела и на две локации.
Првиот дел е на шеталиштето до влезот на бродот Синегалија, од страната на ГТЦ и таму ќе бидат сегментите: Отворање, „Нови поетски пространства“, „Танц на кеј“, „Светски поетски момент“ и „Сликаме на кеј“.
Вториот дел – концертот со сегметните „Нов бит“ и „Отворен микрофон” ќе одржи на скалите под Камениот мост, кај сидрото.
Продажната изложба ќе биде поставена утрото и сликарите ќе работат додека трае целата програма. Идејата е целокупниот настан да биде една голема заедничка уметничка инсталација. Согласно програмата, секој учесник ќе биде претставен во време од 6 минути, при што поетите во 2 минути ќе треба да се претстават себеси, а во 4 минути да прочитаат една или две песни. Сликарите ќе имаат можност да ги презентираат своите дела и да раскажат за својот начин на работа, уметничките погледи и ликовната поетика.
Во вториот дел се настапите на музичарите, при што секој бенд пред почетокот на настапот кратко ќе биде претставен, а пред крајот на концертот ќе биде доделена и наградата за публиката, тоа е специјално изненадување што ќе го добие еден гледач.
Доколку врне дожд, настанот ќе се одржи во холот на Гратскиот трговски Центар – приземје.
Фестивалот се организира со финансиска поддршка на Градот Скопје, во рамките на Програмата за култура за 2022 година.
Актуелно
Костадиновска-Стојчевска во Вашингтон: Преку фондови ќе обезбедиме средства за заштита на културното наследство
Во рамките на стратегискиот дијалог со Соединетите Американски Држави, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е дел од владината делегација којашто денеска отпатува во Вашингтон. Во рамките на престојот, таа ќе ги посети Националниот демократски институт (НДИ) и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а е предвидено еден сегмент од дискусиите да биде посветен на практика што е потребна во Северна Македонија за да се спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти.
„Во делот за културата, за стратегискиот дијалог со САД е од особено значење размената на искуства за културното наследство, особено во делот на нелегална трговија со артефакти, така што на средбата со Здружението тука ќе се потпише договор за соработка, што потоа треба да резултира со правни решенија, како и за евентуална размена на кадар за успешно спроведување во целост“, вели Костадиновска-Стојчевска од САД.
Таа истакнува дека според проценките, над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија.
Вториот дел е „Програма Фулбрајт“ (Fulbright Program), програма која не е само за образовна размена туку и за многу грантови од областа на културата.
„Би сакала да ја зголемиме соработката бидејќи сметам дека е време да користиме фондови и практика однадвор, не само од ЕУ. Како земја имаме проект во Хераклеја инвестиран од страна на Амбасадата на САД по долг период. Дефинитивно културните практики за заштита на културно наследство се со цел да се подобрат процесите за спречување нелегална трговија со артефакти така што посетата ќе биде чекор напред за донесување закон за илегална трговија на артефакти и уметнички дела од Северна Македонија“, заклучува Костадиновска-Стојчевска.
Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата е една од многуте програми што ги води Бирото за воспитни и културни работи на Стејт департментот на САД како дел од својата мисија за јавна дипломатија преку едукативно и културно програмирање и размена.
Преку 16-те грантови на Амбасадорскиот фонд, САД обезбедија 1,5 милиони американски долари за заштита на културното наследство во Северна Македонија.
Грантови од Амбасадорскиот фонд на САД во изминативе 20 години добија најзначајните локалитети и објекти од областа на културното наследство кај нас, како: Стоби, црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, објектите Даут-пашин амам, Чифте амам и црквата „Свети Спас“ во Скопје, Шарената џамија во Тетово, манастирот во Вељуса кај Струмица, локалитетот Хераклеја Линкестис кај Битола и други.
Амбасадорскиот фонд за заштита на културата е грант-програма основана во 2001 година од Стејт департментот, на барање од Конгресот на САД. Од своето основање, Амбасадорскиот фонд (The Ambassadors Fund for Cultural Preservation) има поддржано над 1000 проекти за заштита на културата во 133 земји низ светот.