Свет
Белата куќа го објави матичниот лист на Обама
Белата куќа денеска ја објави пошироката верзија од изводот од матичната книга на родените на американскиот претседател Барак Обама во PDF формат
Со овој потег Белата куќа сака да стави крај на расправата којашто во американската јавност ја поттикнаа шпекулациите од ткн „биртери“ ( birth – раѓање), тврдејќи дека американскиот претседател Барак Обама не е роден во САД па затоа според уставот не може да биде претседател на Соединетите држави. Поточно американскиот устав определува дека претседател на земјата може да биде само лице родено во САД. „Претседателот верува дека одвраќањето на вниманието по прашањето за неговиот извод од матичната книга на родените не е добро за земјата. Тоа можеби е добро за политиката и добро за телевизијата, но тоа е лошо за американскиот народ и го одвлекува вниманието од многуте предизвици со кои се соочуваме како држава“, се наведува во соопштението што го издаде директорот за комуникации на Белата куќа, Дан Фејфер, а го цитира Reuters.Претседателот Барак Обама во 2008 г. го објави својот извод во куса верзија, но повеќето „биртери“ рекоа дека непрезентирањето на подолгата верзија од изводот од матичната книга на родените го отвора прашањето дали Хаваи се навистина родното место на Обама. Белата куќа досега ги игнорираше тврдењата на противниците и не одговараше на „биртерите“, но последните неколку седмици милијардерскиот претприемач Доналд Трамп кој се бори да ја добие републиканската претседателска кандидатура поведе медиумска кампања со којашто во преден план изби прашањето за местото на раѓање на претседателот Обама.„Во времето на големите последици за оваа земја, кога би требало да расправаме за тоа како можеме да ја освоиме својата иднина, да го намалиме дефицитот, да се носиме со високите цени на бензинот и да донесеме стабилност на Блискиот исток, Вашингтон уште еднаш е попречуван со неверодостојно прашање“, наведува Фејфер.„Претседателот се надева дека со овој чекор можеме да преминеме на расправата за поважните прашања за американскиот народ и за иднината на земјата“, се додава во соопштението.На прес конференција во Белата куќа по објавувањето на изводот, претседателот Обама призна дека го забавувало и збунувало колку голем проблем станало неговото родно место. Иако директно не го спомена Трамп, Обама забележа дека кога го објави својот план за намалување на дефицитот претходно во април, неговиот матичен лист а не економската иднина на САД доминирале во вестите цела седмица. Могулот на недвижностите и ѕвезда на риалити телевизиските шоуа, Доналд Трамп, денеска веднаш си ги припиша заслугите за објавување на документот. „Чувствувам дека сторив нешто навистина многу важно и почествуван сум со тоа’, изјави на прес конференција во Њу Хемпшир, Доналд Трамп. Тој напомена дека многумина одамна го барале тој документ, а тој е единствениот кој постигна Обама и да го презентира пред јавноста. Трамп оцени дека овој случај ќе го засили потенцијалот на неговата претседателска кандидатура. Истовремено Трамп најави дека тој и другите се’ уште ја проверуваат автентичноста на документите за раѓањето на Барак Обама докажувајќи дека нема лесно да ја остави главната тема на неговата кампања. Точно пред една седмица анкета на CBS News и The New York Times покажа дека четвртина од Американците сметаат дека претседателот Барак Обама не е роден во Соединетите држави. Вкупно во анкетата 25 отсто Американци велат дека Барак Обама е роден надвор од САД, а 57 отсто велат дека тој е роден во Америка. Останатите 18 отсто не знаат каде е роден нивниот претседател.Меѓу републиканците 45 отсто сметаат дека американскиот претседател Барак Обама е роден во друга земја, како и 45 отсто од поддржувачите на конзервативното народно движење „Tи парти“.Од крајот на претседателската кампања на Обама во 2008 г. беа раширени гласините дека тој е роден надвор од САД. Овој мит кој го шират ткн „биртери“ се’ уште опстојува во целиот мандат на Обама и покрај убедливите докази дека е роден на Хаваите, една од 50-те сојузни американски држави, што беше поткрепено и со објавувања на неговиот роден лист од 1961 г. во два хавајски дневни весника.Претприемачкиот тајкун Доналд Трамп последните седмици го врати во центарот на вниманието на јавноста ова прашање, инсистирајќи дека не е најуверен во потеклото на претседателот Обама.Додека Трамп го ползува ова прашање за да привлече повеќе внимание за неговата можна кандидатура за републиканската претседателска номинација, другите републиканци настојуваат да ја придушат оваа дебата. Меѓу нив е и претседателката на клубот на конгресмените со поддршка на „Ти Парти“, Мичел Бејчман, како и републиканската гувернерка на сојузната држава Аризона, Џејн Бривер, која неодамна стави вето на законот кој го отвора прашањето за потеклото на Обама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Жалам за ситуацијата во која го доведов кралското семејство: Норвешката принцеза се извини за дружењето со Епстин
Норвешката крунска принцеза Мете-Марит за прв пат јавно проговори во врска со новите документи од истрагата против Џефри Епстин, во кои нејзиното име се појавува повеќе од илјада пати. Во изјава објавена од шведскиот весник „Афтонбладет“, принцезата јасно се дистанцира од Епстин, се извини на јавноста и призна дека е свесна за сериозноста на обвинувањата и реакциите што следеа.
Во соопштението на норвешкиот кралски двор се наведува дека судот ги разбира силните реакции на јавноста на новите откритија, како и дека крунската принцеза остро ги осудува кривичните дела и злосторствата на Џефри Епстајн, осудениот педофил и милијардер.
Се додава дека Мете-Марит сакала да даде дополнителни појаснувања, но дека во моментов е во исклучително тешка ситуација и дека ѝ треба време.
„Крунската принцеза е во многу тешка лична ситуација и ја моли јавноста за разбирање додека се обидува да ги собере своите мисли“, се вели во соопштението на судот.
Во лична изјава што кралскиот двор ја проследи до медиумите, Мете-Марит издаде директно извинување:
„Сакам да испратам длабоко извинување за моето пријателство со Џефри Епстин. Важно е да им се извинам на сите што ги разочарав. Некои од содржините на пораките меѓу мене и Епстин не ја одразуваат личноста што сакам да бидам“, рече крунисаната принцеза.
Таа особено им се обрати на членовите на кралското семејство: „Исто така, жалам за ситуацијата во која го доведов кралското семејство, особено кралот и кралицата“, додаде таа.
Според неодамна објавените документи од архивата на Епстин, Мете-Марит била во редовен контакт со него, а документацијата укажува дека односот меѓу норвешкото кралско семејство и озлогласениот сексуален престапник бил многу поблизок и поинтимен отколку што беше јавно познато досега.
Шведскиот „Афтонбладет“ проценува дека овој скандал би можел да претставува еден од најтешките моменти во поновата историја на норвешкиот кралски двор, кој веќе се соочува со низа кризи и афери, вклучувајќи го и судењето на синот на Мете-Марит за силување.
Свет
Мерц: ЕУ е секогаш подготвена за разговори со Русија
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Европската Унија е секогаш подготвена за разговори со Русија во обид да се стави крај на војната во Украина, но дека нема да отвори никакви паралелни канали за комуникација.
„Секако, секогаш сме подготвени за разговори со Русија“, изјави Мерц пред новинарите во Абу Даби, пренесува Ројтерс.
Тој рече дека во моментов се водат координирани разговори во Абу Даби.
„Ако можеме да придонесеме овие разговори да бидат уште подобри, уште поуспешни, ќе го сториме тоа. Но, нема да отвориме никакви паралелни канали за комуникација“, рече Мерц.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц е во официјална посета на земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати, од среда, со цел зајакнување на политичките и економските врски, енергетската соработка и регионалната безбедност.
За време на посетата, Мерц разговараше со лидерите на ОАЕ во Абу Даби, а се очекува на состаноците да бидат опфатени теми како што се влијанието на војната во Украина врз глобалната енергетска безбедност, пазарите на гас и нафта, како и можноста за дипломатско посредување во меѓународни конфликти, пренесува Танјуг.
Свет
Европската комисија предлага нов пакет санкции против Русија
Европската комисија предложи 20-ти пакет санкции против Русија насочени кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата, со цел да се усвои пред четвртата годишнина од војната на 22 февруари.
„Комисијата предлага нов пакет санкции, 20-ти од почетокот на руската агресија врз Украина“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Новиот пакет предлага целосна забрана за поморски услуги за транспорт на руска сурова нафта за дополнително намалување на приходите од продажба на енергија и отежнување на наоѓањето купувачи за руска нафта.
„Бидејќи превозот е глобален бизнис, предлагаме оваа целосна забрана да се усвои во координација со истомислечките земји по одлуката на Г7“, рече претседателката на Комисијата.
Новиот пакет вклучува додавање на уште 43 бродови од таканаречената руска флота во сенка на листата на санкционирани бродови. Вкупниот број на вакви бродови, кои Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите, сега изнесува 640. Исто така, се предлагаат мерки за да се отежни набавката на танкери за својата флота во сенка, како и сеопфатна забрана за обезбедување одржување и други услуги за танкери за течен природен гас и мразокршачи.
Вториот дел од санкциите се однесува на мерките за ограничување на рускиот банкарски систем и неговата способност да создава алтернативни канали за плаќање за финансирање на економската активност. Уште 20 руски регионални банки се додадени на списокот на санкционирани, како и неколку банки во трети земји кои се вклучени во олеснување на нелегалната трговија со санкционирана стока.
Се предлагаат и мерки против криптовалутите, компаниите што тргуваат со нив и платформите што овозможуваат тргување со криптовалути за да се отежни заобиколувањето на санкциите.
Третиот дел од новиот пакет санкции се однесува на мерките за заострување на ограничувањата за извоз во Русија на стоки и услуги – од гуми до трактори и услуги за сајбер безбедност.
Исто така, се предлага нова забрана за увоз на метали, хемикалии и критични минерали, кои сè уште не се под санкции, како и дополнителни ограничувања за извоз на предмети и технологии што се користат за напорите на Русија на бојното поле, како што се материјали што се користат за производство на експлозиви.
Претседателката на Комисијата ги повикува земјите-членки што е можно поскоро да го одобрат овој пакет санкции „со цел да се испрати силен сигнал во пресрет на мрачната четврта годишнина од оваа војна“.
Фон дер Лајен рече дека фискалните приходи на Русија од нафта и гас се намалиле за 24 проценти во 2025 година во споредба со претходната година, што е најниско ниво од 2020 година.
„Приходите од нафта и гас во јануари ќе бидат најниски од почетокот на војната. Ова го потврдува она што веќе го знаевме – дека нашите санкции функционираат и ќе продолжиме да ги користиме сè додека Русија не започне сериозни преговори со Украина за праведен и траен мир“, рече фон дер Лајен.

