Свет
Правата на родилките и тешко болните се скастрени административно
“Најлесно им е да решаваат со кастрење на права, што создава неправеден и неодржлив систем.
ЕКСПЕРТИТЕ ТВРДАТ ДЕКА НОВИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА ВО БОЛЕДУВАЊАТА СОЗДАВААТ ХАОС ВО СОЦИЈАЛНАТА СФЕРА
“Најлесно им е да решаваат со кастрење на права, што создава неправеден и неодржлив систем. Сега се направи крпен систем на здравствено осигурување, во кој е скината врската меѓу плаќањето и услугите, а тоа не е европска практика”, објаснува проф.
Родилките кои најмалку шест месеци пред породувањето не биле здравствено осигурени, не може да земаат породилен надоместок. Оваа старо – нова одредба е воведена со измените и дополнувањата на законот за здравствена заштита, што пратениците ги изгласаа на 27 септември. Ваква одредба за родилките веќе еднаш падна на Уставен суд. Во 2000 година, членот 14 од Законот беше укинат бидејќи не е во согласност со Уставот.
Сега правилото не важи само за родилките, туку и за другите болни кои, по 21 ден платено отстуство кое го плаќа работадавоцот, остатокот од боледувањето треба да им се надоместува преку Фондот. И бидејќи Уставниот суд им го укина членот 14, по ново, оваа одредба е вметната во членот 15.
Во Министерството за здравство тврдат дека враќањето на член од законот кој бара претходно шестмесечно вработување на осигуреникот, е уогласено со Уставниот суд. “За овој дел е разговарано со правници и по консултациите со Уставниот суд се избегнати замките врз основа на кои пред пет години падна овој член”, вели Ратка Куљан Зографска, државен секретар во Министерството за здравство.
Во некои консултативно-финансиски куќи коментираат: “На што личи ова, на мала врата да се протнуваат неуставни одредби во закон. За кого важат одлуките на Уставниот суд, за Владата сигурно не”, велат тие и додаваат дека со ова и со законското решение на родилките и на тешко болните да не им се исплаќа боледување поголемо од две просечни плати власта сака да ги пополни финансиските дупки на сметка на осигурениците.
За проф.д-р Живко Атанасовски од Економскиот факултет, ова само покажува дека во социјалната сфера не се прават реформи туку со ад хок решенија само се зголемуваат проблемите. “Како може една земја да се фали дека е лидер со толку нерешени прашања во здравствено-социјалната сфера. Кај нас, слабостите на системот се решаваат на административно-плански начин. Со тоа се создава хаос и во делот на социјалното осигурување и здравствената заштита. Најлесно им е да решаваат со кастрење на права, што создава неправеден и неодржлив систем. Сега се направи крпен систем на здравствено осигурување, во кој е скината врската меѓу плаќањето и услугите, а тоа не е европска практика”, објаснува проф. Атанасовски.
Според него, посебен аспект на новата здравствена регулатива е популационата политика. “Се наметнуваат принципи на груб капитализам со ограничување на социјалните права. Таков однос покажува држава што не е одговорна кон својот народ. Дали државата сака супстанцата што ја чини нацијата да исчезне?”, заклучува Атанасовски.
А.Салтировска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

