Македонија
На Пелинце одбележана 65-годишнината од Првото заседание на АСНОМ
Денеска ги славиме двата Илиндена. Оној од 1903 г. на Гоце, на Никола Карев, на Ѓорче Петров, на Питу Гули и вториот Илинден од 1944 г. на Ченто, на Рацин, на Брашнаров, на Кузман. Ако првиот Илинден беше израз на македонскиот непокор, вториот Илинден ја донесе победатa
Ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на одбележувањето на 65 години од Првото заседание на АСНОМ на Меморијалниот центар во Пелинце.Тој доаде дека тоа се два датума кои ги поставија темелите на македонската држава и кој го остварија сонот на многу генерации, кој на 8 септември 1991 година се заокружи со создавањето независна суверена Република Македонија, легитимен и препознатлив меѓународен субјект и членка на Обединетите нации.„Ова се моменти кога со гордост се сеќаваме на нашите предци на сите оние кои со своите животи се вградија во денешна Република Македонија. Ова се моменти во кои се навраќаме на минатото, но со поглед кон иднината и со чувство за одговорност да не ги изневериме нивните идеали, истакна Вељаноски, додавајќи дека ако во далечната 1903 година илинденците сонуваа за самостојна и независка Македонија денеска ние тоа го живееме.Според Вељаноски денес предизвиците кои стојат пред нас се различни од оние пред кои стоеле Делчев, Карев, Ѓорче Петров, или Ченто, Кузман, Брашнаров, Мирче Ацев и други. – Нас денес, додаде тој, не ни треба пушка туку ни треба, пред се, посветеност во работата, одговорност, знаење, но да не го заборавиме и единството. Ова е посебно важно кога станува збор за остварувањето на нашите стратешки определби, а тоа се евроатлантските интеграции, потенцира претседателот на Собранието.Тој потсети дека Република Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО и оти поканата не ја добивме поради апсурдниот спор со нашето уставно име кој го наметна нашиот јужен сосед. – Иако не сме членка на НАТО, Македонија и натаму останува вистински партнер на Алијансата и многу сериозно и одговорно го дава својот активен придонес во повеќе мировни мисии на НАТО и меѓународната заедница, рече Вељаноски и доаде дека Република Македонија чувствувајки одговорност за стабилноста во регионот, но и пошироко, за иднината на своите граѓани, прифати под покровителство на Обединетите нации да преговара за овој апсурден спор за изнаоѓање на соодветно решение.Тој потенцира дека решението за спорот не може да задира во националниот, културниот или јазичниот идентитет на македонскиот народ и изрази уверување дека околу ова има единство меѓу сите политички субјекти, како и во целокупната македонска јавност независно од етничката или верската припадност на секој поединец. – Ниту оваа Влада и ова парламентарно мнозинство немаат мандат од вас граѓаните на Република Македонија да преговараат за македонскиот национален идентитет. Тоа би било вистинско предавство и на првиот и на вториот Илинден. Тоа би било откажување од идеалите на сите оние кои на Мечкин Камен ги дадоа своите животи. Тоа би било предавство на споменот на сите оние антифашистички борци кои ги положија своите животи во Февруарскиот поход, Дебарца, Сремскиот фронт па се до завршните борби против фашистичкиот окупатор. Тоа би било предавство на Ченто, Брашнаров и на многу други кои заради илинденските определби и вредности подоцна беа осудувани, а многу од нив и трагично ги завршија своите животи. Но на крај тоа би било предавство и на нашите деца и на идните генерации, бидејќи ние немаме друга татковина освен оваа Македонија, бидејќи ние имаме само еден мајчин јазик, а тоа е македонскиот, рече претседателот на Собранието обраќајќи се на одбележувањето на 65-годишнината од Првото заседание на АСНОМ во Пелинце.Пред присутните ја потенцира и визната либерализација, како и верувањето дека до крајот на годинава ќе добиеме и датум за отпочнување на преговорите со Европската унија.„Сево ова покажува дека знаеме и можеме да ги воспоставиме европските стандарди и дека со право очекуваме и како политичари, но и како граѓани од страна на Европската комисија нашите резултати правилно да се вреднуваат, рече претседателот на Собранието, истакнуваји дека реформите што се прават не треба да се сфатат како некакво барање на Брисел туку реформи кои обезбедуваат услови за подобар живот, за подобри економски резултати за подобра иднина на нашите деца овде во татковината.Вељаноски потенцирајќи дека еден од најголемите предизвици со кој во моментов се соочува целиот свет е економската криза, рече дека Република Македонија како субјект присутен во скоро сите светски економски текови, исто така, е зафатена со оваа криза. – И за ова нема криење, туку одговорно јасно треба да се каже што се презема за ублажување од последиците кои ги носи светската економска криза како и мерките за нејзино надминување. Актуелната Влада презема конкретни мерки за ублажување на последиците од кризата, како и за нејзино долгорочно надминување, рече ВељаноскиИстакнувајќи дека во изминатите 18 години на независност Собранието на Република Македонија се етаблира како вистински законодавен дом и храм на демократијата во кој се слеваат, артикулираат и остваруваат интересите на различни политички субјекти, претседателот на Собранието рече дека во овој период се донесени стотици и стотици закони со кои македонскиот законодавен систем се хармонизира со европскиот. – Сето ова го правиме токму во функција на јакнењето на парламентарната демократија, а имајќи предвид дека ние седиме во Собранието со вашите гласови тоа значи и јакнењето на улогата на граѓанинот и артикулација на неговите интереси и проблеми, рече Вељаноски. „Денеска овде на Пелинце каде што симболично го одбележуваме вториот Илинден, а исто така и во историското Крушево, но и во целата наша татковина, повторно се потсетуваме на нашето минато. Од него верувам секогаш можеме да учиме за да можеме тие идеали, сонувањата на сите илинденци и натаму да ги надградуваме. Ова се моменти кога сите ние, без разлика на нашата етничката или верската припадност, можеме со гордост да истакнеме дека ние сме нивни наследници и дека тоа историско сеќавање збогатено со нови вредности и нови квалитети им го оставаме на нашите деца и на идните генерации. Со тоа на најдостоинствен начин им оддаваме почит на сите оние познати и непознати илинденци кои своите животи ги вградија во денешна Македонија, рече претседателот на Собранието, кој додаде дека нивните битки и нивните победи сега треба да ги продолжиме и да ги зачуваме нивните идеали, но и да ги оствариме нашите определби и сонувања, а тоа е да станеме дел од големото европско семејство на кое и географски, историски и културно му припаѓаме и заедно со другите граѓани на Европа да ја носиме одговорноста за подобра сегашност и поубава иднина, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.Од Пелинце тој упати повик до сите граѓани на Македонија заедно како што тоа го правеле нашите татковци, нашите дедовци да продолжиме да ја градиме Македонија како успешна, но вечна приказна во која демократијата, човековите права и благосостојбата ќе бидат наше секојдневие кое постојано ќе го развиваме и надоградуваме.„Ако Крушевскиот манифест завршува со повикот за Ура за автономна Македонија, ако во Манифестот на АСНОМ Македонија е дефинирана како суверен субјект на федеративна Југославија дозволете одовде сите да ја поздравиме европска Македонија“, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на одбележувањето на 65 години од Првото заседание на АСНОМ на Пелинце.На Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце свежо цвеќе положија делегацијата на Собранието, Владата, Претседателот на државата, АРМ, дипломатскиот кор, општините, како и на политичките партии и здруженија на граѓани.Државната делегација, предводена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, претходно го посети манастирот „Прохор Пчински“, автентичното место каде е одржано Првото заседание на АСНОМ, каде положи цвеќе на поставеното спомен обележје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Националната мрежа против насилство врз жените: Црвено знаме за целиот систем, целосна истрага, итна одговорност и санкции за институционалното непостапување
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара, како што нагласуваат, итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.
„Според сведоштвата на најблиското семејство, мајката подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции. Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно“.
Според нив, ова не се изолирани инциденти туку образец.
„Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост. Законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна. Поради тоа жртвите остануваат без соодветна поддршка и заштита, додека насилниците продолжуваат неказнето да ги загрозуваат нивните животи“.
Бараат целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тафталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави/сознанија и какви мерки биле (или не биле) преземени;
„Суспензија на сите службени лица вклучени во постапување, се до завршување на истрагата
Утврдување индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски;
Соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не презеле мерки за заштита и/или дека пропустот придонел за фатален исход;
Најстроги казни за сторителот на насилство;
Итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, како и на практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт“.
Потенцираат дека животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила.
Македонија
Бракоразводна постапка и пријава за насилство – вонреден надзор во Центарот за социјални работи по трагедијата во Карпош
Министерството за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои го загубија животот во трагичниот настан.
Од Министерството информираат дека, согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, веднаш бил извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата.
Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат била евидентирана во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд во врска со постапка за развод на брак.
Во однос на пријавено насилство, од Министерството наведуваат дека допис од Министерството за внатрешни работи бил примен и заведен во Центарот на 2 февруари 2026 година, а се однесувал на настан од 19 декември 2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.
„Министерството има јасен и недвосмислен став: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено, а одговорност мора да има согласно закон“, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и дека нема да дозволат институционални слабости да останат неадресирани.
Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување Министерството најавува дека транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки, како и дека будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита.
Македонија
Државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурност, уверуваат надлежните
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со посебно внимание ја следи состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици, истакнуваат од оваа институција.
Министерството информира дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето.
„Агенцијата за задолжителни нафтени резерви МАКОРА има законска обврска да ги формира и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати во согласност со европската регулатива, односно со Directive 2009/119/EC, која пропишува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови просечна потрошувачка или увоз.
Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето“.
Во моментов, како што е посочено, увозот на нафтени деривати е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои.
Како Министерство, додаваат од таму, внимателно ја следиме состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот исток.
Потенцираат дека доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството.
„Во овој момент, државните резерви се стабилни и според расположливите информации нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.
Како превентивна мерка, доколку утре се појави евентуален проблем на пазарот, државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа:
· Еуродизел – 138.877.053 литри
· Еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри
· Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри
· Мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми.
Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата.
Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ“.
Овие капацитети, информираат од министерството, се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба.
Појаснуваат дека доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. „Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци.
Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот.
Системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност.
Иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати.
На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето“.

