Македонија
Бучковски: Како се трошат парите за „Скопје 2014“?
Пратеникот на опозициската СДСМ, Владо Бучковски, на денешната седница за пратенички прашања, обраќајки му се на премиерот Никола Груевски праша дали тој знае како се трошат парите наменети за проектот „Скопје 2014“
Според пратеникот Владо Бучковски, извесен Иван Мирковиќ, претставник на италијанската фирма „Интерна“ како гостин на Охридско лето го користел автомобилот на министеркатаза култура, Елизабета Канческа-Милевска, со која и бил на вечера. Според Бучковски, со Мирковиќ било договорено ентериерното уредување на Народниот театар, бизнис вреден 23 милиони евра, но по барањето на извесна швајцарска консултантска компанија да бидат платени еден милион евра, италијанската компанија се повлекла, а тендерот бил поништен.„Вие господине претседател рековте дека опозицијата многу се возбудува и дека имате впечаток дека се плашиме дека министерката ќе го земе театарот, музејот и спомениците под пазуви и ќе ги носи дома. Тоа ви е погрешна проценка. Ние не стравуваме за тоа. Стравуваме како се трошат народните пари и дали со ваше знаење на овој начин тендерите, кои внимателно следиме како се одвиваат, а достигнаа фантастични суми до близу 350 милиони евра до овој момент, знаете како и на кој начин ги трошат вашите министри?“, изјави Бучковски.„Не знам како можете да излезете и да обвините некој министер, да кажете а да не може тоа ниту да се провери, ниту да има елементарен доказ. Тоа не е во ред. Мислам дека дури наликува како на лобирање за некоја друга компанија, вие спомнавте некоја од Италија, па на моменти дури наликува и на таква ситуација“, одговори премиерот Никола Груевски, додавајќи дека тендерот бил поништен од Второстепената комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

