Македонија
Единаесет проценти од матурантите не положиле државна матура
Единаесет проценти од матурантите во средните училишта во Република Македонија не положиле државна матура, изјави на денешната прес конференција, министерот за образование и наука, Никола Тодоров.
Единаесет проценти од матурантите во средните училишта во Република Македонија не положиле државна матура, изјави на денешната прес конференција, министерот за образование и наука, Никола Тодоров.„Годинава 11 проценти од учениците не ја положиле државната матура, односно имаат единица барем по еден предмет“ вели Тодоров. Во анализите кои се споредени со овогодишните резултатите од минатите две години се забележува пораст на средната оценка. Просечната оценка во 2011 година за државната матура е 3, 3 додека во 2010 е 2, 98 и во 2009 изнесуваше 3,1 проценти.„Ова значи дека досега имаме најдобри резултати на државната матура. Во изминатите години државниот испитен центар во соработка со МОН ги анализираше сите детали околу државната матура. Работевме на подобрување и усовршување на видот на тестот, околноста и содржината за полагање на државната матура“ рече Тодоров. Тој додаде дека тестовите за мајчини јазици оваа година биле делумно изменети по својот состав, односно тестот наместо два има еден есеј, со можност за избор на две теми. Но, кај странските јазици има опаѓање на резултатите, особено кај францускиот јазик. „Најзабележителен пад се регистрира кај францускиот јазик кој оваа година има средна оценка од 2, 6. При што од 430 ученици кои полагале дури 114 односно 26,5 проценти не положиле. Тоа е висок процент и затоа е потребна дополнителна анализа за причините на оваа состојба“ изјави министерот. За следната година министерството за образование и наука најави имплемтација на електронско оценување. „Ќе се обиде да имплементираме систем за електронско оценување. Така што на тој начин ќе го намалиме субјективизмот во оценувањето и значително ќе ги намалиме трошоците за реализација на државната матура коишто изнесуваат од 23 до 25 милиони денари годишно“ вели Тодоров. Резултатите од државната матура ќе бидат објавени денеска во 18 часот на веб страната www.matura.mk а на 13 јули ќе бидат објавени и на огласните табли во сите училишта. Исто така, на насловната страница на сајтот во соработка со факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во рамките на универзитетот Св. Кирил и Методиј ќе може секој матурант да ги внесе резултатите и да пресмета со колку поени може да конкурира на факултетот кој го избрал за студирање. Од државниот испитен центар велат дека испитите во целата државa се одвивале согласно со пропишаните правила и процедури. „Имавме вклучени 1830 тестатори во училиштата и 200 овластени набљудувачи вработени во повеќе државни институции. Процесот на оценување се спроведе во училиштето „Кочо Рацин“ од страна на 315 оценувачи коишто беа избрани на конкурс од страна на државниот испитен центар“ изјави директорот на државниот испитен центар, Методија Јанчевски. Тој додаде дека во јунскиот испитен рок биле пријавени 18.184 кандидати за мајчините јазици и испитот го полагале 17.457 односно 727 ученици биле отсутни. Додека во вториот испитен ден од пријавени 18. 290 ученици, а присутни 17.531 исто така се бележи слична бројка на отсутни од 759. Тој најави дека Македонија во септември ќе учествува во иницијативниот одбор за формирање на балканска асоцијација на државни испитни центри со цел соработка со сличните институции со земјите на Балканот поради размена на искуства, задачи и проекти во рамките на Европската Унија. /крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.
Македонија
Одбраната во ера на брза технологија: Македонија дел од глобалната дебата за воена вештачка интелигенција
На покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на 3. глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој денес и утре се одржува во А Коруња, Шпанија.
Целта на овој Самит на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на ООН, претставници на меѓународни организации, академици, и други високи гости е зајакнување на глобалната свест за одговорен развој на вештачката интелигенција во воен контекст, притоа почитувајќи ги човековите права и меѓународното право.
Во рамки на Самитот, министерот Мисајловски оствари средба со својата колешка Роблес, на која беше истакната заедничката подготвеност за унапредување на билатералната одбранбена соработка и се разговараше за повеќе предлог заеднички активности и изготвување План за соработка меѓу двете земји.
Во оваа прилика министерот Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.
“Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска во развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста”, рече министерот. Додаде дека поканата за учество е доказ и за одличните билатерални одбранбени односи со Шпанија чие унапредување беше клучна тема на состанокот.
Мисајловски истакна дека нашата земја во ноември 2024 година беше првата земја-кандидат за членство во Унијата од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, и додаде дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност со ист интензитет ќе продолжи и во иднина.

