Македонија
Министерката Јанкулоска во посета на сообраќајната полиција
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во вторник ги посети припадниците на сообраќајната полиција при СВР Скопје.
Во текот на состанокот со челните луѓе на оваа организациона единица, министерката Јанкулоска беше информирана од нивна страна дека новогодишната ноќ минала исклучително мирно без никакви посериозни инциденти, тенденција којашто е карактеристична за изминативе неколку години.
Од страна на сообраќајната полиција беше посочено дека во текот на ноќта и утрово на подрачјето на Скопје е регистрирана една сообраќајна несреќа со смртни последици, а во другите осум пријавени незгоди, шест минале со материјална штета, а во две учесниците во истите се здобиле со телесни повреди.
Покрај ова од страна на сообраќајната полиција при СВР Скопје беше речено дека во изминатата 2012 година се забележани исклучително позитивни резултати во поглед на сообраќајната безбедност на подрачјето на главниот град, односно статистички гледано за половина или за педесет отсто е намален бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици.
Имено, во 2011 година на подрачјето на Скопје биле регистрирани 52 сообраќајки со смртни последици во кои што животот го загубиле 57 лица, а лани евидентирани се 27 сообраќајни несреќи со смртни последици во кои настрадале 29 лица. Притоа најголем дел се пешаци, потоа возачи, совозачи и велосипедисти.
Исто така беше презентиран и податокот дека е намален и бројот на сообраќајки со тешки телесни повреди. Така ако во 2011 година на подрачјето на Скопје се регистрирани 229 сообраќајки со тешки телесни повреди во кои повредени бие 290 лица, лани евидентирани биле 209 сообраќајки во кои 237 лица се здобиле со тешки телесни повреди.
Според сообраќајната полиција ваквиот позитивен тренд на подобрување на сообраќајната безбедност во голема мера се должи на континуираното превентивно, но и репресивно делување на полицијата, но поради очигледното влијание што врз свеста на граѓаните го има стартот на проектот “безбеден град“, односно видео надздорот на скопските сообраќајници. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

