Свет
Израел се согласи на кусо примирје
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се согласи да ја прекине воздушната офанзива врз Појасот Газа во текот на посетата на египетскиот премиер Хишам Кандил, пренесува AFP повикувајќи се висок израелски функционер.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху го прифатил египетското барање на прекин на огнот во петок во текот на посетата на Појасот Газа на египетскиот премиер, која би требало да трае три часа, прецизира за агенцијата неименуваниот израелски функционер.
Додал дека Израел во одговорот навел дека израелските сили го прекинале огнот под услов да нема ракетаирања од Газа кон Израел во текот на посочениот период.
Египетскиот премиер Хушам Кандил во петокот наутро веќе пристигна во палестинската енклава Појасот Газа.
Израелската авијација изведе бројни воздушни напади врз Појасот Газа во петокот во мугрите, третиот ден од интензивната офанзива врз милитантните групации во областа.
Од средата навечер извршени се 130 воздушни напади, изјави портпаролот на министерството за внатрешни работи на палестинското движење Хамас под чија контрола е Газа, Ислам Шахван, при што напомена дека десетина напади се извршени во петокот наутро.
Според портпаролот на Хамас, од почетокот на израелската операција „Облачен столб“, убиени се 19 Палестинци меѓу кои има и деца и 235 се ранети.
Израелската војска соопшти дека извела 466 воздушни напади од почетокот на операцијата чија цел да се ликвидираат лидерите на милитантното крило на Хамас, во прв ред сега убиениот воен командант на Хамас во Газа, Ахмед ал-Џабари.
Исто така, Израел потврди дека и во текот на изминатата ноќ траело ракетирањето од Газа кон Израел. Од средата вкупно се истрелани 280 ракети врз Израел, од кои 131 биле пресретнати од израелскиот противракетен систем Iron Dome.
„Изборот на цели е направен врз основа на точни разузнавачки информации собрани претходните неколку месеци“, се наведува во соопштението на израелската армија од петокот наутро што го цитира РИА Новости.
Главните цели во текот на нападите од ноќта и раните утрински часови израелската армија го карактеризираше како „бомбардирањето на позиции од кои може да се лансираат ракети со среден дострел и магацини со оружје во Појасот Газа“, соопшти израелската армија истакнувајќи дека воздушните напади доведоа до намалување на интензитетот на палестинските напади.
Репортерот на РИА Новости јави дека имало најмалку 15 удари само во главниот град Газа. Израелските воздухопловни сили го бомбардирале најмалку двапати седиштето на министерството за внатрешни работи исламистичка влада на Хамас во урбана област на Тел ал-Хава, каде што имало пожари, а неколку лица се повредени.
Покрај главниот град Газа, извештаи за бомбардирања доаѓаат од северниот град Беит Ханун, Беит Лахиа, како и населби во централните и јужните делови на појасот Газа. Гаѓани се десетици полициски станици и други институции од структурата на вооружените сили под контрола на владејачката група Хамас.
Билансот на жртвите останува непроменет. На палестинска страна загинаа 19 милитанти и цивили, израелската – тројца цивили, чиј дом беше погодена од ракета./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со остра порака до контролорите на летање: Веднаш вратете се на работа, ќе има казни
Американските сенатори постигнаа привремен договор за прекин на буџетската парализа што блокира некои јавни услуги рекордни 40 дена, објавија неколку медиуми. Но, ситуацијата ескалираше денес со заканата на американскиот претседател Доналд Трамп до контролорите на летање кои не доаѓаат на работа затоа што не примаат плата.
Поради блокадата, илјадници летови беа откажани минатата недела. Само денес, американските авиокомпании откажаа над 1.500 летови.
Трамп, преку својата социјална мрежа Truth Social, им порача на сите контролори на летање дека мора веднаш да се вратат на работа. Тој им се закани на оние кои нема да го сторат тоа со казни, а во исто време вети дека ќе ги награди оние кои продолжиле да работат за време на блокадата, со бонус од 10.000 долари.
„Сите контролори на летање мора веднаш да се вратат на работа!!! Секој што нема да го стори тоа ќе биде значително „казнет“. За оние контролори на летање кои беа ГОЛЕМИ ПАТРИОТИ и не зедоа СЛОБОДНИ ДЕНОВИ за време на „измамата за затворање на демократите“, ќе препорачам БОНУС од 10.000 долари по лице за извонредна служба на нашата земја.
За оние кои само се пожалија и зедоа слободни денови иако сите знаеја дека ќе бидат платени ВО ЦЕЛОСТ кратко потоа, НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН СО ВАС. Не им помогнавте на САД против ЛАЖНИОТ ДЕМОКРАТСКИ НАПАД кој имаше само за цел да ја оштети нашата земја. Ќе имате негативна оценка, барем според мене, за вашата претходна работа. Ако сакате да ја напуштите службата во блиска иднина, слободно сторете го тоа, БЕЗ никакви плаќања или отпремнина! Брзо ќе бидете заменети со вистински патриоти кои ќе работат подобро на СОСЕМ НОВАТА СОВРЕМЕНСКА ОПРЕМА, најдобрата во светот, која моментално ја нарачуваме. Претходната „администрација“ потрошија милијарди долари обидувајќи се да поправат застарени „багови“. Немаа поим што прават!
Повторно, до нашите големи американски патриоти, БОГ ДА ВЕ БЛАГОСЛОВИ. До сите други, ВРАТЕТЕ СЕ НА РАБОТА СЕГА. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП.“, објави тој.
Затворањето на владата, кое трае рекордни 40 дена, доведе до недостиг на контролори на летање, кои, како и другите вработени во федералната влада, не се платени со недели.
Свет
Египетската полиција приведе туристи кои се соблекле за фотографија кај пирамидите
Тројца млади шпански туристи беа приведени во Египет поради снимање „непримерени фотографии“ кај пирамидите во Гиза.
Според „Еџипт индепендент“, тие делумно се соблекле за време на фотографирањето, по што биле приведени од полицијата и испитани.
За време на истрагата, туристите изјавиле дека немале намера да го прекршат јавниот морал. Тие објасниле дека само сакале да направат смешни фотографии за спомен, не сфаќајќи дека ги кршат египетските закони.
По плаќање на парична гаранција од 5000 египетски фунти (околу 90 евра), тие се пуштени на слобода до завршување на истрагата.
Фото: Рипато / Freepik
Свет
Кина ги ублажува трговските тензии со Европа со ново одобрение за извоз на чипови
Кинеското Министерство за трговија одобрило продолжување на испораките на чипови на компанијата „Некспериа“, која е од клучно значење за европската автомобилска индустрија. Одлуката следи по договор меѓу Европската комисија и Пекинг за повторно активирање на трговијата со полупроводници, објави комесарот Марош Шефчович.
Портпаролот на кинеското министерство изјави дека Кина презела практични мерки за извоз во цивилни цели и ја повика холандската страна да ги исправи своите погрешни практики. Потегот дојде по тензиите предизвикани од холандската одлука да воведе вето врз управувањето со „Нексерија“ поради национална безбедност. Поради тоа Кина претходно го замрзна извозот на чипови, што ја загрози европската автомобилска индустрија.
По обновувањето на дел од извозот, автомобилските компании како „Волксваген“ веќе почнале да добиваат нови пратки, а акциите на „Вингтек технолоџи“ на берзата во Шангај пораснаа за повеќе од 3 отсто.
Паралелно, Кина привремено ја укина и забраната за извоз на некои стратешки суровини во САД, меѓу кои галиум и германум, што дополнително ги намали ризиците во глобалните синџири на снабдување.

