Црна хроника
Крадец и го скршил колкот на прилепчанка влечејќи и ја чантата

Прилепчанка завршила со скршен колк и повреди на главата кога крадец и насилно и ја украл чантата што ја носела.
Инцидентот се случил во вторникот во 9.30 часот додека седумдесет и петгодишнаста старица се движела по улицата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Крадецот и се доближил од позади грб, а фатил за чантата која ја носела во рака и почнал да и ја влече од рацете, по што таа паднала на асфалт, а сторителот и ја одзел ташната и побегнал. Од падот старица го скршила колкот и во медицинскиот центар во Прилеп и била констатирана повреда во пределот на главата. Полицијата го нашла крадецот и го привела, а против него ќе биде поднесена кривична пријава./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Скопјанец ја истепал 4-годишната ќерка кога се качила на креветот за да ги земе играчките, има набиеница на главата, се бара притвор

Против 28-годишен скопјанец е поведена постапка за нанесување телесна повреда врз четиригодишната ќерка.
Основното јавно обвинителство Скопје ја иницираше постапката поради основано сомнение дека тој, во семејниот дом во населбата Драчево, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка родена 2021 година.
Додека мајката на детето приготвувала јадење, тоа си играло со нејзините две сестри. Во еден момент девојчето се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките, поради што осомничениот започнал да ја навредува и да ја удира со шлаканици по лицето, нанесувајќи и телесни повреди – набиеница на главата и огреботини на кожата на лицето. Продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие.
Имајќи предвид дека согласно вербалните искази при пријавата на настанот, осомничениот подолго време манифестирал агресивно однесување во семејството, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од повторување на насилството со несомнени последици врз нормалниот психофизички развој и воспитувањето на децата. Исто така, доколку биде пуштен да се брани од слобода, постои опасност од бегство, со цел да ја избегне кривичната одговорност за стореното кривично дело. Од тие причини Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор.
Црна хроника
Штипјанец принудувал младо момче да се задолжува во друштва за брзи кредити за да му даде 4.500 евра

Уапсен е 28-годишен штипјанец поради сомнеж дека во период девет месеци му се заканувал и присилувал 21-годишник да се задолжува на повеќе места.
Жртвата која истотака е од Штип, била оштетена за сума од 275.000 денари, околу 4.500 евра.
Според информацијата од МВР, во периодот од октомври 2024 до вчера, Ф.Ј. се заканувал на лицето и го присилувал да аплицира во неколку финансиски друштва за брзи кредити, да се задолжува кај трети лица, го принудил да го продаде својот мобилен телефон, а исто така, го принудил да одземе пари и од неговиот татко.
За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Во Охридското езеро уапсен албански државјанин кој илегално ја поминал границата и незаконски ловел риба

Околу 04.35 часот по полноќ, во водите на Охридското езеро, полицијата го приведе албанскиот државјанин К.С.(47) поради сомнеж за илегално преминување на државната граница и незаконит риболов.
Судија на претходна постапка при основниот суд во Охрид, му одреди мерка „краткотраен притвор“.
„При вршење патролни контролни активности на Охридското езеро, полициските службеници го затекнаа К.С. во неговиот пловен објект во македонските територијални води над населбата „Лагадин“, како врши незаконит риболов во водите на Охридското Езеро со помош на блинкери и по извршен преглед, пронајдени се 22 топки со 110 блинкери и друг риболовен алат кои, заедно со пловилото се одземени“, соопшти МВР.
По целосно документирање на настанот, против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.